Тежок е и мачен секој август. Иронијата на судбината е што токму во август се одбележуваат настани што оставиле длабоки траги, ако не и лузни, на колективното битисување и сеќавање на македонскиот народ. Почнуваме со Илинден, нашиот најголем национален/државен празник (2 август), следува одбележувањето на Карпалак (8 август), потпишувањето на Букурешкиот договор од 1913 година, но и настаните кај Љуботенски Бачила (10 август) – за кулминацијата да биде сеќавањето на потпишувањето на Рамковниот договор (13 август). По мала пауза и еден голем верски празник на крајот на месецот, се слави 8 Септември (некој слави, некој не). Горе-долу, восхит и почит заменети со траума и жал. И сè така, со години. Некој ќе рече дека станува збор за низа датуми од различни периоди, историски значења или дури и различни ефекти врз нашиот живот. Но сите тие се дел од нашата колективна меморија, која не само што другите однадвор ни ја моделираат по свој вкус (почнувајќи од Илинден, па до рамковниот договор), туку и меморија од која и државното водство обично бега како од чума (да не се растурат односите во коалицијата на власт). Секој од настаните што ги набројав се одбележува на различен начин, во различен формат, во присуство на различни актери. Не сакам да се навраќам на Илинден, на она празно поле пред Мечкин Камен и партискиот говор на новиот премиер, како и на речиси верскиот обред кај „Прохор Пчињски“ и положувањето цвеќе пред лажна спомен-плоча на АСНОМ (која наменски се става и се вади штом добрите гости заминат). Четврта република на новата претседателка заслужува посебна колумна. Ќе го оставам настрана и јубилејот 111 години од Букурешкиот договор и вештачкото цртање граници, кое остави семејства на разни страни, но и создаде од нив луѓе со различен идентитет.
Сепак е ова колумна за Карпалак и за она што следува (двојна прослава на рамковниот договор). Спомнувањето на името Карпалак за малку ќе ме чинеше живот, но сепак вистината мора да се кажува макар и ако раката/гласот трепери. А ова е само еден од примерите што зборуваат за т.н. политика на сеќавање (или на заборав или ревидирање на историјата, како сакате). Не треба да си голем истражувач за да знаеш дека од пред 23 години до денес секој плаче над своите гробови. Само семејствата на т.н. исчезнати немаат дури ни место да запалат свеќа или положат цвеќе. Тие се одамна избришани од меморијата на оваа држава, чии власти се толку кревки што избегнуваат бранувања (особено на македонската, божем мнозинска и доминантна, страна). И не само што секоја страна (македонска и албанска, поточно) има емпатија и сочувство за своите туку и секоја си ги одбележува тажните (или славните, кај Албанците) датуми на сопствени места.
Тука не мислам само на свои споменици или цели мегаломански меморијални комплекси туку и на „своја“ територија. Несреќната околност врзана за Карпалак е што се наоѓа на невидливата гранична линија. Уште венците неовенати под августовското сонце, а спомен-плочата веќе лежи во парампарче. Па, не треба да си Шерлок Холмс или видовит за да предвидиш како ќе заврши. Бидејќи, и тоа е веќе утврден ритуал. Навидум свечен ама празен чин, на кој ќе се изредат од претставници на АРМ, министри, партии, а семејствата и колегите за загинатите, како и здруженијата на бранителите, одново и одново ја упатуваат истата порака преку медиумите. Заборавени сме, никој не нè ни прашува како ни е. Оние што војуваа и ни ги убија саканите се сега ценети и богати, а ние бевме и останавме сиромаштија. Начинот на кој се одбележува Карпалак зборува не само за пораз (воен и политички) туку и за страшливост, властољубие, но и отсуство и на минимална доза на постконфликтно помирување. Одете и пробајте да сквернавите споменик на УЧК, да ве видам! Нема шанси, нели? Иако, ако мене ме прашате, и тие што се слават таму се исто паднати за некои да печалат на нивната смрт и да изигруваат херои. Обичниот албански селанец нема никакво фајде, освен „гордост“ на извојуваната победа. Министерот за внатрешни работи вети откривање на вандалите, но неговата акција (и ако е ефективна како онаа со насилниците на скопскиот аеродром) нема поголемо значење за општеството во кое собранието нема да поведе интерпелација на Гаши (за да не се растури Владата), како што и општеството ќе си остане поделено и ако (велам, ако) се фатат вандалите од Карпалак.
Македонците гордоста ја изгубија во август 2001 година, кога капитулираа пред качачки банди поддржани од Калето. И да е само тоа, некако и да поминеш преку него. Но, видете го односот и кон спомен-обележјата на (така да кажам) македонската страна. Видете ги оштетените бисти, споменици, комплекси (како на пример Могилата на непобедените во Прилеп – победена е со заборав, од непрокопсаници на кои НОБ и партизаните не им значат ништо, па го сквернават комплексот изграден во 1961 година). Да се вратам на 2001 година… Како и Илинден (кој непотребно се одбележува на три места поради политичко-етнички ротации и задоволување суети), така и „масакрот кај Карпалак“ (како што се нарекува) се одбележува на три места: на местото на погибијата, во дворот на прилепската касарна и пред Споменикот на бранителите среде градот херој. Всушност, четири – и на гробиштата од страна на семејствата, што е и најискрениот и најтрогателен чин од сите други. Ќе праша некој: А зошто баш спомен-плочата покрај автопатот редовно се крши? Кому му пречи, кога тоа не е ниту населено место, ниту тука минуваат луѓе (без возила)? Ритуалите постојат со друга намена, во која не се нужно вткаени изгубените животи.
Македонците ќе се поклонат, а наредниот ден Албанците ќе покажат дека таа територија е под нивна контрола. Кршењето е чин на маркирање територија, како кога кучето ќе дигне нога. Војната трае… сега симболично. Најновата верзија, според ВМРО-ДПМНЕ, е дека ова недело (небаре првпат се случува во 23 години) било чин на провокација и дел од стратегијата на ДУИ за дестабилизација на Македонија. Велат, ДУИ сака да ги разгневи Македонците и да ги влоши меѓуетничките односи. Ве молам, бидете сериозни! Па, кога сте виделе разгневени Македонци? Побарав реакција на коалицискиот партнер Влен. МОЛК! Тие се препукуваат со ДУИ околу прославата на рамковниот договор. Едната ќе била институционална и државна (значи, платена со наши пари), а другата партиска (горе-долу, пак наши пари). Најиндикативен е начинот на кој владејачката Влен го третира овој ден. Токму на денот на сквернавење на плочата кај Карпалак, медиумите јавуваат дека Саранда Имери, ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на рамковниот, го прозвала Ахмети да не го сквернават датумот што треба да ги обединува Албанците и борците на УЧК наместо да се користи за теснопартиски интереси. Според неа и нејзината партија, „никој нема право да ги приватизира придобивките за Албанците од Охридскиот рамковен договор. Затоа, апелирам до вас, да не правите поделби меѓу нашиот народ. Сите ние треба да го одбележуваме овој ден со почит“.
Македонскиот народ кој ги шиша? Македонските политичари ќе ги платат приемот и прославата, од државниот буџет. Најголем апсурд е што сите сме колатерална жртва на војничкото дело на УЧК и американскиот дизајн на нефункционален политички систем. Тој продлабочува поделби и нетрпеливост. Тој не гради ни мостови, ни меритократија, ни граѓанско општество, ама мора да се слави. По 23 години е длабоко всаден самоубиствен наратив дека рамковниот договор е прогрес, без оглед за која албанска партија станува збор. А прогрес нема за никого освен за елитите и овчарите на етничките стада. А духот на рамковниот договор (кој личи на оној од Аладиновата ламба, ама е во рацете на лошиот волшебник, па ги исполнува неговите зли намери) се пренесува како штафета, од партија на партија, од генерација на генерација, и сето тоа на сметка на државата и мирот. Да се разбереме, рамковниот договор е натопен со крвта на луѓе што немаат мир ни кога се починати.
Не знам дали да го наречам глупиот август или тажниот. Или двете? Си страдаме од сопствената глупост и страшливост. И се чудиме зошто децата бегаат од овде.