Револуцијата ги јаде своите сарми

Нова година е само обична ноќ, океј? Не може една бесмислена прослава да ми влијае врз реченици и креативност, ниту да ми се меша во геополитички анализи со кои сакам да ви ја збогатам саботава. Сите обиди на потсвеста да ми ја кити колумната со непотребни детали како да е елка, ќе ја сметам за упад на кичот во мојата експертиза и веднаш ќе ја спречам таквата тенденција.
Ако се договори само со себе, почни, ама доста уфрлаш новогодишни алузии и реквизити среде воведни реченици.
Така е. Лоши влијанија. А не оди на арно работава, сеедно што нов круг фати да врти планетата. Наместо да заврши една страшна војна, изгледа нова започнува. Ако оној Трамп, кој се фалеше дека е миротворец, ја нападне Венецуела, тогаш неговите муабети дека ќе ја запре војната во Украина, може да ги сведеме на обично јадење кифлички.
Да, кифлички. Многу е гадно кога ќе заборавиш да купиш кифлички. А тука се, во списокот, прштат како запалена жижица во црна темница. И тогаш се соочуваш со факт страшен како проклетство од древна приказна. По два часа поминати во маркет од кои дваесет минути се потрошени на набавка, преостанатите изгубени во дремење на каса, затоа што сиот комшилук е внатре како да е крај на светот, а не на годината, завршуваш работа со касиерката, која од умор, будна халуцинира дека пука со калашњиков по Дедо Мраз и конечно, со полни раце намирници поаѓаш кон излезот од апокалипсата, кога еден морбиден глас од најстрашна хорор-приказна, ти шепнува, „А кифлички, купи?“
Добро бе, како тоа почна со Трамп и Венецуела, а успеа да се префрлиш на кифлички?
Не знам дали Трамп и Чавез имале кифлички на новогодишната трпеза, ама јас секако не се вратив назад во маркетот за да ги набавам. Едноставно одбив. Не сакам еден ден да им раскажувам на внуците дека животот ми помина во чекање…
Не можеш да им раскажуваш ништо на внуците. Немаш деца.
Вистина. Не можам да имам деца кога целиот живот ми помина по тие пусти меа… по редови на каси и пред шалтери. Неколкупати искрено се вљубував во касиерки и шалтерски службенички, ама не успевав да започнам романтичен разговор, затоа што секогаш некој ме тупкаше по рамо одзади со муабетот „Дечко, и ние тука чекаме, не гледаш дека редот е до Ракотинци, ако заврши работа, ајде мафни се, нели пишуваш колумна во која ќе ја анализираш годината што започна?“
Секако. Ич не мириса на арно работата. Напротив, корне смрди како населба, пет минути по полноќ на новогодишна ноќ, по исфрлен арсенал петарди од терасите, кои сè повеќе звучат како ракетни напади на источниот фронт. А таму војната никако да заврши. Не само што не се гледа крајот на братоубиствениот колеж меѓу два словенски народа туку при најмало приближување до мировно решение се случува некакво срање што ја убива надежта дека крвопрелевањата ќе престанат.

Последно такво нешто беше обидот за атентат врз Путин и можноста за мир одново отиде по ѓаволите. Кому му одговара оваа војна да оди во недоглед? Па, веројатно, на сите оние што планираат да ја разграбат уништената, а сепак, со ресурси, богата Украина без Украинци во неа и ја сонуваат девастирана од војна и фрлена на колена, моќната и конкурентна Русија што, пак, значи дека ниту оваа година нема да видиме крај на украинско-руската салата.
Руска салата, така е. Можеби немавме кифлички на трпезата, ама руската салата во обилни количества беше сервирана и некаде со мугрите ѝ се виде крајот во сечија чинија. Со таа разлика што ние, како воинствени Европејци, толку вооружени до заби што ниедна чачкалица не нè разоружува, во духот на стратегиското партнерство, руската салата ја преименувавме во бриселска. Што секако одговара на околностите, затоа што реално, Русите веќе не можат да си ја приуштат на новогодишна трпеза. Ај што веќе немаат ни миксери, ни микробранови печки, затоа што домаќинките од нив вадеа чипови за оружје, ама и толку се паднати на колена пред страшните погледи на Урсула, Кос и Руте што веќе немаат ни корнишончиња за салатите, па мораат да ги крадат сликовниците на своите деца и од нив со ножички да ги сечкаат нацртаните краставички. За разлика од нив, ние како НАТО-членка, имаме изобилна трпеза, оти секоја Нова година одвојуваме по пет проценти од семејниот буџет за квалитетно да ја вооружиме софрата со сите видови јадења. Иако реалноста тоа го налага, во суштина сме НАТО, ама всушност, не сме.
Во суштина и всушност имаат исто значење.
Тоа де сакам да го кажам. Сме, ама не сме. СДСМ со грчко копје ја уби ламјата Македонија, па станавме Нордистан, така нè внесоа во НАТО и тамам со помош на бугарски коњ да нè пикнат отаде ѕидините на ЕУ, на власт дојдоа ВМРО СНС и сега со државата владее дуото Мицковски – Вучиќ, како некогаш Цветковиќ – Мачек и тоа значи дека сме Србија, а они не се во НАТО, ниту ќе бидат. За да биде уште пострашно, народот е во заблуда бидејќи е под страшната магија на медиумскиот магнат, могул и тајкун Фрљо Геровиќ, кој наместо да биде уапсен, шета наоколу вооружен со вештачка интелигенција со намера да ја убие природната потреба за власт кај социјалдемократијата.
А тебе да не ти подметна некој ЛСД во расолницата?
Ма јок, јас мамурлак разбивам со читање извештаи на Европската Унија. Нешто друго ми ги измеша лончињата. Блокадерите од СДСМ го блокираа доаѓањето на новата година, па јас наместо во 2026, влегов во нивно соопштение за јавноста. А бев убеден дека ништо веќе не ме изненадува, оти ги видов оние што до вчера беа опседнати со Белград и во секој вмроовец гледаа бугараш, како одеднаш стануваат поголеми Бугари од Омуртаг, Желев и Радев заедно и си реков, полудо од ова не може да ме снајде, кога еве ги сега, ме демантираат, водат војна на три фронта: со мигранти што не постојат, со претседател на туѓа држава и најблесаво, со новинар што до вчера го воспеваа. Ама како што рекле нашите предци диносауруси кога го виделе метеорот, „Сарма из а бич, а секоја шарена револуција ги јаде своите сарми!“ Да, сарми. За нив не остана место во стомакот покрај прасечкото, руската салата и кифличките, па ќе ви ги сервирам во постбожиќната колумна.