На 17 февруари ќе се одржи голем саем за воена техника во Катар, со ранг-листа на најмоќните држави на светот како „спортска“ категорија, практични вежби за докажување преку трупови и разурнување, усовршување оружје за масовно уништување на оние со ум и разум, со чувства и од крв и месо. Трагедии и последици од кои човештвото мачно заздравува бидејќи како непријател го има здравиот разум, кој помни и потсетува. Наголемо се глорифицира моќта и драстично се намалува влијанието на разумот, а константно доминира прагмата како основна и појдовна точка за регулирање на односите помеѓу жителите на кутрата ни планета.
Прагмата ја измислиле и ја ставиле во употреба Американците во 1800 година (Вилијам Џејмс – филозоф). Прагматизмот не се согласува со гледиштето дека човечките концепти и интелектот се единствени претставници на реалноста. По основачот на ова учење, Чарлс Пирс, се вели дека само идеите што се корисни во животот се вистинити. Како и да е, и прагмата со своето инсистирање на последиците, практичниот пристап и корисноста, тивко ја истакнува својата доминација. Едно од толкувањата може да биде и она за користа од војната бидејќи таа носи големи добивки.
Денес имаме револуција во начинот на војување и во развитокот на технолошки средства со списоци на смрт. По инерција, драгата ни госпоѓа со косата во рацете се претвори во перманентен придружник на цивилизацијата (прашање е колку го заслужува овој епитет) иако, по логика на нештата, треба да постои експанзија на здрав разум, кој би ѝ се спротивставил во процесот на жетвата. Иако руската интервенција или специјална воена операција на територијата на Украина потсети на рововската борба од Првата светска војна, со текот на воените дејствија се претвори во модерен тип војување. Оваа трансформација предизвика вистинска револуција во начинот на војување. Дроновите се претворија во алфа и омега на бојното поле засенувајќи ги артилериските можности, а особено дејствијата на оклопните единици (транспортери и тенкови од најнов тип). Електронските можности изразени преку совршените радари, сателитските надгледувања и понудените целни пресметки на балистичките и преостанатите совршени ракетни системи за напад и одбрана ги ставаат боиштата во позиција на машини за мелење месо. Се чини дека воинот на теренот е само свесно подадена жртва што има мало учество во разврските. Секако дека без пешадинци нема воен успех, но сега тие се некако поттурнати настрана. Притоа никој не ги есапи жртвите, нивните лични и колективни трагедии, нивните чувства и чувствата на најблиските. Но има многу „помеѓу“ што одлучува за победа и победници, иако тоа не се ни оддалеку добитната опција на судирите. На пример, Пировата победа не е посакувана победа. Освен тоа, лукавството и тајните дејствија на разни служби се фактор на изненадувања и победи.
Прагмата инсистира на секаков вид преговори што привремено ќе ја стивнат нараснатата тензија помеѓу завојуваните страни. Се разбира, откако пред тоа ќе се наполнат „амбарите“ до врв. Но ако веќе станува збор за прагма, таа нема да се воздржува договорот да се видоизмени во мера на моментот кога конфликтот повторно ќе се активира. Со еден збор, доколку моментот и поставеноста на силите треба да се идентификуваат со јавето, тогаш ќе мора да се заборави на жртвите и крвнините. Последиците ќе имаат третман на нов економски подем во процесот за обнова на разореното. Впрочем, времето лечи сѐ, зарем не?
Војните се саеми на разни видови оружје. Војните се саеми на смртта и уривањата. Војните би требало да се поука за идните поколенија, но како што зборуваат историјата и учесниците во крвавите пресметки, тие се извор на омраза и жар што постојано тлее ако се пренесува од генерација на генерација. Зарем малку зборува фактот дека продажбата на софистицирано оружје расте за време и по воените судири? Уништувањето на металите од кои е направено оружјето како и електронските помагала, отвораат пат за производство на новата пософистицирана морбидност. На сметка на оброкот, на сметка на потребите што ги бара секојдневието, на сметка на сиромаштијата, а во полза на господарите на нашите животи, се двојат огромни средства за да се дојде до воена опрема за чие опслужување се подготвуваат млади регрути и платеници за идниот воен конфликт. Со што да се гордееме како суштества со ум и разум?
Зборуваме за револуција на здравиот разум. Да, таа можеби се случува во главите на вистинските интелектуалци, кои сѐ почесто креваат беспомошно раце кон небото прашувајќи се каде оди сево ова. Да, таа можеби се случува и во малите групи на антимилитаристите, чиј глас никогаш нема да допре до господарите на војната оти се безначајни. Да, таа се случува во филмовите и во литературата, се случува и во нашето маало за време на муабетите. Но тоа нема да се слушне таму каде што треба да се слушне. Кој да те слушне ако си тивок, беспомошен, праведен и чувствителен?
Имаме суштински интелектуален прогрес во многу области, но не сме имуни на влијанието на оној дел од нашето битие што сѐ уште е анимален. Можеби е грешка или неправда кога ова се нагласува бидејќи кај животните има и сосема други, поразлични правила за опстојување. Којзнае, можеби тие и се срамат од нивниот човечки дел од менталната структура што ги прави агресивни кон сопствениот род? Чувствата и разумот заедно со искуството нѐ научија енергично да ѝ се спротивставиме на неправдата. Но како да го направиме тоа кога од петмина седнати на столот за муабет, сите различно гледаат на еден заеднички проблем. Некогаш тоа јавно го правеа музичарите, спортистите, актерите, писателите. И тие успеваа некако да се соединат и да го дадат својот глас за правдата и мирот. Се чини дека развитокот на материјалните добра, кој во секој случај сѐ повеќе го истакнува комодитетот на современиот човек, кој е роб на хедонизмот, го замолкна гласот на праведноста и правдата. Мене ми е добро, за тебе не знам.
Здравиот разум е скапоцено оружје. Тој треба да повлијае во процесот на намалување на трката во вооружување бидејќи има многу други потреби што нѐ измачуваат како цивилизација. Малку повеќе од вообичаено, треба да запрат заканите дека „овие“ се посилни од „оние“, да се регулираат потребите за минерални богатства што ги поседуваат „овие“, а ги немаат „оние“ иако тие се посилни, да се поделат на разумен начин достигнувањата во разните области корисни за човештвото, да се мисли за доброто и среќата на „другиот“ што ја населува оваа прекрасна планета, да нема фалби за сѐ пософистицирано оружје со кое другарува смртта, да нема фабрики и саеми за нешто за што уште во почетокот знаеме дека ќе отвори оган што ќе одземе живот.
Сведоци сме дека убивањата и воените активности не запреа ниту до ден-денес. Она што мислиме дека ќе запре, всушност е смрзнат или нерешен конфликт. Кога-тогаш, повторно ќе буфне и ние ќе си бидеме сведоци за нови убивања и уништувања. Но веројатно зборуваме за тема што е апстрактна и која е далеку од можностите на една револуција на здрав разум. Веројатно некои слоеви на општественото милје ќе речат дека станува збор за наивна и луда мисла. Но не дека таа не ги загрижува. Сепак, тие умеат и знаат како со неа и нејзините носители. Народот е тесто што може да се обработува со удари на дланките. Народот е задоволен со ронки оти мисли дека се крупни и дека тие се доволни за неговите потреби. Но тој не треба да дозволи тие да го направат рамнодушен кон сето она што му се случува и што му се сервира во име на нечија алчност, чија просторност достига до небото, па и понатаму.
Некој напишал дека Бог ни подарил рај, но само со револуција на здравиот разум може да се зачува за да не биде претворен во пекол…
Љубомир Јованоски