Записи во несоница
Знам веќе ме прекоруваш, драг читателу, дека имаме екстраважен настан, стратешки партнерски договор со Обединетото Кралство тежок шест милијарди евра, а јас еве пак сум воленс/ноленс со метафизичка тема. Го прифаќам прекорот, но за договорот веќе имаше куп информации во медиумите и по булеварите, па и моето изјаснување би било премногу. Рококо. Сепак накусо. Да бидам искрен и во овој стратешки договор со славното кралство има нешто непроѕирно што мириса на метафизика. Знам дека колонијалистичка Европа на нејзините моќни нации, во чиј колонијализам од Колумбо наваму Англичаните заземаат челно место, вршел грабежи низ цел свет, ограбувајќи притоа и уништувајќи и цели цивилизации како оние во Јужна Америка на Маите, Инките, Ацтеките и Толтеците. Потоа и Индијанците. Нејсе во ред. Нека му се подигне рејтингот на смачканото племе, како што би рекол Блаже Конески. Но јас (мислам интуитивно) повеќе би се радувал и би верувал во наш стратешки договор за партнерство со Русија и Кина на пример. Па и со Бразил, зошто да не, и да се вклопиме во „Патот на свилата“ и „Појас и пат“, кои ѝ се иманентни на нашата мирољубива и космополитска природа. А што се однесува, пак, до инфраструктурните проекти за кои веќе однапред, слушаме, се наменети тие шест милијарди, тука го нема, според мене, за Македонија најважниот и најитен проект, а тоа е земјоделството и подигање на нозе на веќе изумрените и полумртви македонски села со чие умирање умира и една цела автентична антропологија на еден народ: митовите, легендите и преданијата, обредите, јазикот, традицијата…
Толку накусо. Колку за да се оправдам пред тебе, драг читателу. А сега одиме на Рембрант и на Ел Греко и нивните антологиски слики, кои во нашиот есеј сега се шифри што треба да ги одгатнеме. Во нив доминира како основа темата на смртта, која сега во нашата визија по аналогија коинцидира со идентитетската смрт на Македонците, на колективниот Македонец во Преспа 2018. Воопшто, пак, сама по себе (како „ствар по себе како што би рекол Кант) е главниот маркер на судбината на човекот, егзистенцијална и метафизичка. Сеедно. Од егзистенцијален аспект таа е грда, а од метафизички убава како нов почеток и преслекување во нови дреи.
Нејзиниот грд егзистенцијален аспект кај никого не е толку експресивно и со ужас претставен отколку кај сјајниот поет на германскиот експресионизам Готфрид Бен. Тој го гледа човекот со песимистичка шопенхауровска диоптрија исклучиво како грд биолошки факт, неизбежно предодреден за распаѓање, и за ништо друго. Тој е, таков, егзистенцијална беда, осамен и без бог, а мозокот што е негова гордост како круна на еволуцијата е неговата, според поетот, најголема несреќа. „Пес со мозок“ дефинира тој. Имено, затоа Бен ја бара замислената трансцендентална среќа за таквото несреќно суштество назад по дееволутивната патека на регресивната трансценденција. А тоа значи, во неговата визија, враќање кон праисконот, во претпотопските мочуришта, кон грутката слуз од која тргнала еволуцијата. Таа своја визија германскиот поет ја изложува како песимистичка антрополошка студија и во својата прва стихозбирка, можеби најмрачна во целокупната модерна светска поезија „Мртовечница и други песни“ објавена во Берлин во 1912. Песните во неа тој ги пишува и од своето лично егзистенцијално искуство како студент по медицина на часовите по анатомија во берлинската мртовечница во која и самиот учествувал во отворање, сецирање и анализа на мртвите човечки трупови.
Тоа, драг читателу. И како што гледаш, Готфрид Бен му доаѓа како спонтан, природен вовед во Рембрант и неговото ремек-дело „Час по анатомија на професорот Тулп“ насликано во 1632. Рембрант ван Рајн е најголемиот холандски сликар, сличен по аналогија на митскиот Мидас, кој сè што ќе допрел го претворал во злато. Нему во модерната уметност по генијалност му се приклучува Ван Гог. Роден во 1606 во Лајден, Рембрант се преселува во 1631 во Антверпен и тука го поминува животот сè до својата смрт во 1661. Тука живее богато и раскошно сè до претпоследната деценија од животот, кога судски се распродава неговиот имот, а тој паѓа во сиромаштија од која потоа сепак го извлекуваат некои негови пријатели мецени. Рембрант е сликар на барокот кој почнува со доцната ренесанса. Неговото сликарство, како што вели и Жермен Базен, „го содржи во себе целиот универзум, како што е тоа случај со делото на Тицијан и Рубенс.“ Кај него во поголем дел од творештвото зазема темата на Стариот завет, неговата неисцрпна инспирација. Но од сè, во крајната рекапитулација, посебно се значајни и екстрагенијални неговите автопортрети, шеесетина на број, на кои зрачи од скриените длабочини на душата тивката, но интензивна психолошка драма на една sui generis длабока личност. Тоа се автопортрети насликани со боите и четкичката на една de profundis саморефлексија, Нарцис над вирот загледан, како што би рекол Вајлд, во сопственото битие и неговата неисцрпна психоегзистенцијална бездна.
Но сега да преминеме на неговата антологиска слика „Час по анатомија на професорот Тулп“. Таа отстапува од неговото религиозно сликарство и е реалистичка. Таа е плод и на неговата инспирација од Караваго и неговиот естетски натурализам претставен во силно нагласените контрасти на темното и светлото. Сликата на Рембрант е, едноставно, реторичка: професорот Тулп на своите студенти по медицина (можеби е некаде меѓу нив и Готфрид Бек) час по анатомија. Тие се поредени педантно од едната и од другата страна на трупот на мртовецот. Да. И сега мене, драг читателу, бидејќи сме во магнетното поле на аналогиите, и на сликата на македонската идентитетска смрт во Преспа 2018. Едноставно. Неа, драг читателу, иако сега како темно откровение што ја смачкува душата, ја видов и на сликата на Рембрант. На неа по аналогија професорот Тули го видов како персонифицирана ЕУ, новиот Менгеле на цивилизацијата со обновена и витална фашистичка енергија, а од едната и другата страна на мртовечкиот труп испружен на масата за сецирање во студентите по медицина на Тулновиот анатомски час ги видов западните европски челници (од Меркел и Макрон, па натаму) и министри што ги усмртија идентитетски Македонците во Преспа. Се разбира, пак, погодуваш драг читателу, во тоа темно откровение или визија dance macabre трупот за сецирање и анатомско изучување е усмртениот и изваден од европската мртовечница колективен Македонец. Тој ги симболизира идентитетски убиените Македонци не само сосе предците и прапредците од минатото, туку (како што го замислиле тоа европските и балканските македоноубијци) и поколенијата што сега ги зачнуваат македонските невести и што доаѓаат од иднината во оваа расипана и смртоносно расположена кон нив цивилизација.
Конкретно, сепак, иако во нашата аналогија ги препознаваме како такви ликовите на студентите по медицина, како и самиот професор Тулп, на сликата на Рембрант се насликани реалистично, но со некое студено озарение и израз на интелектуална љубопитност, вслушани во предавањето на Тулп. Пред нив е испружен трупот на мртовецот во некое чудно будистичко смирение на нирвана на неговиот лик, слично како што е тоа со ликот на Исус на фреската „Оплакување“ во Нерези, свален од крстот и оплакуван од Марија со космички крик. Трупот пред Тулп и неговите студенти, македонски по аналогијата што ја воспоставивме, е во Преспа 2018 ист како и Исусовиот во Нерези свален од крстот на македонската историска Голгота на која тој безброј пати е распнуван од Вавилонската блудница. Сè е исто, слично, само што за разлика од фреската на нерешкиот мајстор сега на сликата на Рембрант ја нема Богородица со нејзиниот крик и солзи, патем и симболичка заштитничка на Македонија и Македонците. Што им кажува на мистериозниот час по анатомија професорот Тулп на студентите и тоа можеме да го претпоставиме. Но загатката е што понатаму се случува на следните часови со трупот во кој ја препознаваме нашата рана не можеме, а можеби и можеме да претпоставиме. Тој со скалпелите на Тулп и на неговите студенти (во клучот на нашата аналогија видени како спокојни, ладнокрвни претставници на македонските ЕУ-ликвидатори) се сецира со темна научна страст, му се вади сè од утробата и организмот, на крајот и срцето, кое, користејќи го својот заден рефлекс, отскокнува од нивните крвави дланки до некое соѕвездие во универзумот и таму, навиено со секундите на вечноста, продолжува да чука. Нешто слично се случува и со екстремистите на трупот кога европските анатомисти ги расчленуваат: нозете скокаат олимписки од ѕвезда на ѕвезда, а пресечените раце го поздравуваат светот од соѕвездието Орион и симнатата глава на трупот е отселена меѓу соѕвездијата и таму и пресечена пее исконски свадбарски песни. Таа е, и таква е уметноста на македонската мартирска глава. За сето тоа, пак, имам пишувано во есејот „Велемаченик“, драг читателу.
Толку накусо за сè. Рембрант и не помислувал дека во својата сјајна слика воленс/ноленс внесува и футуристички елемент на нашата судбина со европската мртовечница, во која по шест столетија од неговото ремек-дело во Преспа 2018 ќе се изведе европскиот час по анатомија над однапред планираниот за таа цел мртовец усмртен од нив. Трупот на колективниот Македонец, кој меѓутоа по господова волја воскреснува, па пак се усмртува, па пак воскреснува. И така до бескрај трае таа темна историска игра и никако да заврши. Ни по Преспа не е завршена. Nocturno. De profundis. Memento mori.
Доволно со Рембрант и неговата сега помакедончена слика. Сега одиме кај Ел Греко, исто така сликар на барокот, чие сликарство отсекогаш ме фасцинирало. Дојден од Византија во Венеција да се запознае со италијанската ренесанса, тој својот ликовен талент го доусовршува, заедно и со уште еден голем талент Тинторето, во ателјето на ненадминатиот мајстор Тицијан. И двајцата тие видливо отстапуваат од Тицијановиот класицизам усвоен од антиката, предавајќи му се на својот маниристички стил на израз. За тоа Тинторето бил избркан од ателјето на Тицијан, но Ел Греко не. Тој посебно му се допаѓал на венецијанскиот гениј, но сепак, екстраталентира, ја напушта ренесансна Италија во која доаѓале да се напојуваат од нејзината уметност сите големи европски сликари. Тој во 1577 (роден е во 1547) се сели во Шпанија во мистичното Толедо каде што ќе работи до крајот на својот живот 1614. Причината за таа негова преселба, покрај примамливите понуди од шпанските мецени, е и неговиот афинитет кон шпанскиот мистицизам присутен и во уметноста, кој бил поблизок до византиската религиозна визија чие дете е тој, за разлика од класицизмот на италијанската ренесанса, која античките пагански митови само ги трансформирала, често, во христијански алегорични претстави. Тој како метафизички и структурен модел целосно ја усвоил алхемиската филозофија на Хермес Трисмегист: „Што е горе е и долу, и што е долу е и горе.“ Во стилот на таа филозофија е реализирано и раното христијанско сликарство на Византија и источно од неа до Русија на север: а тоа е пресликување на небото долу. И фасцинантните мозаици во Равена не се ништо друго туку тоа. Кај Ел Греко тој концепт на неговите слики се реализира во два плана: долен и горен. Долниот е наменет за реалната човекова егзистенција и судбина, а горниот над него, мистичен и трансцендентален, е земната преобразена во небесна судбина.
Тој естетски и метафизички концепт е најубаво, најфасцинантно претставено Грековото ремек-дело што е во фокусот на нашиот есеј „Погребот на грофот од Оргаз“ насликано во 1586. Така, додека во долниот дел на сликата на ова дело е сцената на погребот на грофот од Оргаз, во горниот е нејзината спиритуална преобразба. На него душата на грофот, сè уште не погребан, веќе се наоѓа пред вратата на небесата. Тука, гол како скапоцен камен, тој му се претставува на Христос во присуство на Богородица и ангелите.
Така. Но гледам како, нестрплив, ме прашуваш, драг читателу, што имаат со славната слика на Ел Греко Македонија и Македонците по Преспа 2018. Што? Дури и јас збунет од откровението што го нуди таа не само од нејзиниот мистицизам и метафизичка естетика, туку и од откровенските аналогни врски како комплементарна метафора со македонската преспанска трагедија. Да. Еве нè по Рембрант и неговиот „Час по анатамија на професорот Тулп“ и кај Ел Греко и неговото ремек-дело „Погребот на грофот од Оргаз“, како втор чин на драмата со трупот на Тулп во кој тој сега од мртовечницата на Европа по завршеното сецирање и анализа е изнесен на сонце и се погребува свечено во една тивка религиозна екстаза. Грофот од Оргаз, кој во нашето темно Откровение во сè ни го сугерира погребот на Македонија во Преспа во јуни 2018, го спушта лично Свети Августин. Во нашиот случај тоа е Свети Климент Охридски. Се погребува Македонија под златните гранки на преспанските овоштарници. А над гробот, да му оддадат почит на мртовецот што заминува (Македонија во вечноста) во свечена облека и со бели околувратници се збиле густо како саќе аристократските господа со строги свечени лица, зад чија сериозност се крие задоволството дека тие не слегуваат во гробот и не се ракуваат со смртта. Во нив јас ги видов во откровенската аналогија што ја доживеав со сликата на Ел Греко господата од Брисел и од Атина како задоволни го испраќаат мртовецот кому лично во Преспа 2018 му ја дариле смртта, без да знаат дека тој е веќе (во горниот план на сликата) претставен пред Христос и Богородица, кои се сведоци на сè што се случило и му ја подаруваат вечноста како гаранција дека таа ќе му го чува Името, кое има божји печат врз челото, обесветено од безбожниците (на ЕУ) како накази-мршојади насобрани околу него. Ете така ги доживеав во еден темен откровенски миг јас, може чудно за тебе, драг читателу, двете антологиски слики на Рембрант и на Ел Греко:
„Час по анатомија на професорот Тулп“ и „Погребот на грофот од Оргаз“, кои ми ги откри необјасниво чудно како архетипски глетки што ја зрачат сликата на Преспа 2018 вглобена во рамката на расипаната и лажна, перверзна цивилизација, клучот на аналогијата што спојува во откровенски болен или радосен миг далечни реалности. А кога идентитетски погребаниот колективен македонски мртовец од неа ќе воскресне од европската мртовечница и гробница тоа самиот Господ знае. Но мене тој ми го шепна, драг читателу, дека тоа наскоро ќе се случи. Јас верувам, верувај и ти во тоа.