Ако се обидувате да отпиете голтка од шише, во одреден момент ќе се најдете како го искривувате лицето додека несреќното капаче ви ги боде носот или брадата. Виновно секако е парчето пластика што го држи капачето и не дозволува тоа да се одвои од шишето.
Со одлуката од Брисел, производителите беа принудени да применат нов дизајн на шишињата, а сето тоа не беше направено со намера да изнервираат милиони потрошувачи, туку од еколошки причини. Пластичниот отпад станува кошмар на модерната цивилизација.
Најголем дел критики, како и обично, пристигнаа на социјалните мрежи, при што еден корисник истакна дека ова е „најлошото нешто што му се случило на човештвото по отстранувањето на приклучокот за слушалки на паметните телефони“.
Директивата за „врзување“ на капачињата во Европската Унија беше предложена уште во 2018 година, а потоа официјално беше усвоена следната година. Потоа беше наведено дека од 3 јули годинава капачињата на сите неповратни пластични шишиња, за пијалаци од три литри или помалку, мора да останат прицврстени по отворањето.
Секоја година, како што се проценува, во светот се произведуваат околу 400 милиони тони од овој отпад. Пластиката се распаѓа на мали честички, но никогаш не исчезнува целосно. Овие микропластики можат да ѝ наштетат на животната средина, да ги загадат океаните и земјата, а можат и да навлезат во човечкото тело, предизвикувајќи здравствени проблеми како ендокрини нарушувања, па дури и рак, пишува „Индипендент“.
Експертите откриле дека кога се откачуваат капачињата од шишињата, тие често паѓаат или се губат, ги разнесува ветерот или дождот и завршуваат во реките што се влеваат во морето. Капачињата се еден од најчестите облици на пластичен отпад што се наоѓа на европските плажи.
А оние што успеваат да стигнат до кантата за рециклирање, а потоа до фабриката за преработка стануваат проблем поради нивните мали димензии.
– Капчињата се филтрираат низ барабаните за мелење бидејќи се премногу мали. Секој предмет помал од пет сантиметри во која било димензија е изложен на ризик да се изгуби за време на овој процес на проверка на материјалите – објаснува Рос Лакдари, специјалист за обновливи ресурси во „ПА консалтинг“.
Ако овие капачиња останат закачени за нешто поголемо, помала е веројатноста да бидат изгубени како отпад или да завршат во океанот, каде што дивиот свет, како што се желките и птиците, може да биде загрозен. За жал, животните често ги мешаат со храна, па не е ни чудо што организацијата „Си ет риск“ ги вклучи пластичните капачиња меѓу петте најштетни видови ѓубре од океанот.
Планот беше отфрлен од многумина како бесмислен, при што голем број мултинационални компании тврдеа дека би било премногу напорно и скапо да се направат нови капаци и наместо тоа предложија да се усоврши процесот на рециклирање.
Меѓутоа, како што беше воведена директивата, производителите на пијалаци полека воведуваат промени за да ги исполнат барањата. Така, врзаните капачиња не се појавија на нашите полици прекуноќ. „Кока-кола“ почна да ги продава во Европа во 2022 година. Секоја земја ги пропишува формата и големината на казната за оние што ќе ја прекршат оваа пластична директива.
Извор: белградска „Политика“