Бањскиот туризмот, како специфичен вид туризам во светски рамки, бележи постојан пораст. Бројот на термоминерални извори во нашата земја е над шеесет, а за туристички и здравствени потреби, односно бањски центри, се користат осум. Од нив пет нудат спа-услуги (Дебарски Бањи – Косоврасти и Бањиште, Катлановска, Негорска и Бања Банско), а три немаат понуда на спа-услуги (Кумановска, Кежовица и Кочанска Бања). Инвестициите се на незадоволително ниво, а дотраеноста на одредени центри и услугите што ги нудат се на многу ниско ниво, третирајќи ги сместувачките капацитети генерално како болнички
Многупати досега сме ги анализирале податоците за туристичките движења во македонскиот туристички сектор и пошироко, констатирајќи потребни подобрувања во делот на нови туристички производи, како и поголем фокус на селективните форми на туристичка понуда, кои овозможуваат поголема конкурентност на дестинацијата. Многупати тоа се занемарува со почетокот на сезоната, велигденските и првомајските празници, кои традиционално ги исполнуваат сместувачките капацитети во нашите туристички места. Сепак оваа сезона нема потреба да се споредуваат резултатите бидејќи однапред го знаеме нејзиниот исход! Ќе имаме пад на домашните туристи и остварени ноќевања, кои преку кампањите за време и по самата пандемија „Дома си е дома“ се градеа и беа темел на брзото закрепнување на македонскиот туристички сектор и заменети со странски туристи, кои пред сѐ ќе создадат разлика во вонсезонските месеци. Евтино изгубени домашни туристи поради немање визија, неконкурентност на дестинацијата и скапи субвенционирани странски туристи, кои освен статистиката минимално ќе потрошат средства надвор од пансионската понуда.
Доколку минимално се изанализира кои цени ги плаќаат странските туристи што нѐ посетуваат надвор од сезоната во нашите хотели, нивната структура, интереси во дестинацијата, ќе заклучиме дека доколку се истите ценовни пакети за домашните туристи, тие недвосмислено би ги користеле! Останува да се одговори на прашањето: Зошто нашите менаџери на хотели не создаваат викенд-пакети и иста ценовна политика за домашните туристи, а дополнуваат со странските, кои се тука да ја претрчаат дестинацијата и да им наплатиме за три ноќевања со појадок по турист од 15 до 65 евра!? Чудна некоја математика и начин на работа.
Анализирајќи ги домашните туристи и нивните движења во текот на годината во регионот ќе може да забележиме дека македонските туристи во текот на годината остваруваат околу еден милион ноќевања во соседна Грција, во топ 10 туристи по остварени ноќевања се во соседна Србија и сѐ поголем број ноќевања имаат во Албанија секоја година!
Не можеме да бидеме конкурентни со одморот на море кога се во прашање Албанија и Грција, но поради недостиг од инвестиции во македонските ски-центри, нашите туристи ги користат соседните ски-центри во Бугарија и Србија и сѐ почесто нашите туристи ги посетуваат бањските центи во регионот. Доколку е потребно да се фокусираме кон инвестициите во наредните години, сѐ поголем број експерти во македонската туристичка индустрија кога би требало да избираат помеѓу развој на ски-центрите и на бањскиот и спа-туризмот, би го одбрале второто. Ски-центрите со големината на инвестициите, како и глобалното затоплување создаваат дополнителен инвестициски ризик за поврат на инвестицијата за разлика од подемот и растот на интересот за здравствениот туризам, пред сѐ по пандемијата и континуираната грижа за здравјето и спа-услугите.
Бањскиот туризам, како специфичен вид туризам во светски рамки бележи постојан пораст и претставува значаен дел од туристичката понуда на голем број земји. Колку македонскиот туристички сектор е свесен за можностите за развој на оваа селективна туристичка форма, која зазема сѐ поголем замав во регионот и Европа со ниска сезоналност овозможувајќи одржливост на дестинацијата? Во соседна Србија една петтина од вкупниот број на ноќевањата се остварени во бањските центри, а во Република Српска една третина од вкупните ноќевања, со што се покажува моќта на овој тип туристичка понуда.
Каде сме ние на тоа поле?
Бројот на термоминерални извори во нашата земја е над шеесет, а за туристички и здравствени потреби, односно бањски центри, се користат осум. Од нив пет нудат спа-услуги (Дебарски Бањи – Косоврасти и Бањиште, Катлановска, Негорска и Бања Банско), а три немаат понуда за спа-услуги (Кумановска, Кежовица и Кочанска Бања). Инвестициите се на незадоволително ниво, а дотраеноста на одредени центри и услугите што ги нудат се на многу ниско ниво, третирајќи ги сместувачките капацитети генерално како болнички. Чекајќи ја новата Национална стратегија за здравствен туризам на Македонија, добро е да го потсетиме новото Министерство за култура и туризам дека последната завршила во 2018 година и истата нема евалуација за нејзините ефекти или реализацијата.
Инвестирањето, а со тоа и развојот на бањскиот туризам ќе овозможи нова искра економска надеж, пред сѐ, во источниот дел на Македонија каде што се лоцирани поголемиот број термални извори и бањи
Оваа состојба не треба да нѐ обесхрабрува, туку треба да претставува можност за отпочнување циклус за привлекување потенцијални инвеститори и измена на Законот за туристичка дејност и здравствени услуги, кои ќе овозможат инвестиции и создавање туристички пакети, кои покрај медицинските ќе овозможат развој на локалната економија. Со развојот на здравствениот туризам, пред сѐ, на бањскиот, со среднорочно планирање во наредните пет години може да се создадат голем број модерни бањски комплекси со инвестиции приближно на еден ски-центар и да се генерираат нови 500.000 ноќевања од домашни и регионални гости знаејќи ги лековитоста и прочуеноста на нашите термални води. Тоа ќе овозможи нова искра економска надеж, пред сѐ, во источниот дел на Македонија каде што се лоцирани поголемиот број термални извори и бањи:
– нови работни места пред сѐ во здравствениот сектор;
– директен и мултипликативен позитивен ефект во локалниот економски развој;
– нови инвестиции на локално ниво;
– инвестиции во инфраструктурата;
– развој на нови мали и микроуслужни бизниси;
– позитивно влијание во зачувувањето на животната средина.
И позитивна клима со визија за долгорочен просперитет на овој дел од нашата земја, што е, според мене, најпотребно во овие моменти. Ова е одлична можност што не треба да ја пропуштиме со изговори, а уште помалку со чекање некој друг да ни ја заврши домашната работа. Туризмот е алатката што на краток временски интервал со насочена и професионална работа може да даде позитивни ефекти што ќе се одразат генерално на целата македонска туристичка индустрија со зголемен број ноќевања од домашни туристи во текот на целата година и регионални, кои би создале дополнителен развој на дојдовниот туризам во Македонија. Не смееме да ги занемариме можниот број ноќевања и туристичкиот промет од 40 до 50 милиони долари, од кои 70 отсто се прелеваат во локалната економија, а претставуваат реалност во источниот дел на Македонија, со фокус и развој на здравствениот туризам и подигање модерни хотелски комплекси со бањски и спа-услуги.
Македонија мора напред!
Доц. д-р Љупчо Јаневски, Универзитет „Скопје“