Разединети околу тоа што треба да нѐ обединува – Македонија!

Во Преспанската спогодба, која дури е и договор за стратегиско партнерство, е наведено дека ние сме и Македонци, ама граѓани на Република Северна Македонија. Замислете каков апсурд, и тоа заверен со потпис на ОН – дека постои стратегиско партнерство меѓу две држави (страни!!!), кои воопшто не се рамноправни во тој договор. Македонија е апсолутно поразена. Инфериорна во секој поглед во односите со Грција. И ова се бара од нас да го браниме. Па, како? И од нас се бара и ќе се бара да го браниме и договорот со Бугарија, замислен како последната шајка во ковчегот за Македонија

Тоа беше пред 20 години, некаде октомври 2004 година, кога во моето елeктронско сандаче добив писмо од програмата „Кокалис“ на Универзитетот „Харвард“ во САД да одржам едно предавање. Голема чест, оти станува збор за навистина угледна фондација на грчкото семејство Кокалис, а предавањето требаше да го одржам на „Џи Еф Кеј скул оф гавермент“. Тогаш престојував како фулбрајтовец на Универзитетот Дјук, каде што истражував на темата „колумните во мејнстрим-медиумите за време на претседателски кампањи“. Мојот империјалистички дух, кој оди заедно со анархизмот, не ми дозволи да ја прифатам поканата, оти беше на за мене непозната адреса „поранешна југословенска Република Македонија“. Љубезно им се заблагодарив на поканата, но им реков дека принципиелно не прифаќам покана со тоа име на мојата земја. Тие ми се извинија, но го прифатија мојот аргумент.
Ама кога сака нештото да биде, ќе биде. На почетокот на ноември 2004 година Америка нѐ признава под уставното име, а тој гром од ведро небо се случи кога во Вашингтон македонски амбасадор беше Никола Димитров. Тој е истиот Никола што за време на мандатот се тепаше дипломатски со грчкото лоби за да блокира резолуции со кои од Америка се бараше сѐ што е македонско да стане хеленско. Кој да ти знаел дека по една таква децениска битка, речиси идентична резолуција ќе ратификуваме во македонскиот парламент?!
По овој чин на администрацијата на Џорџ Буш добив покана под уставното име и предавањето го одржав под наслов „Дали Македонија е уште загатка?“ Во првиот ред беа наредени пет харвардски професори, кои едвај чекаа да завршам со моето предавање. Сите Грци! Првиот ми наскока со прашањето: Зошто ништо не зборуваше за името? Му одговорив: Па, тоа е сега готова работа! Мислите дека Америка нема еден ден да го смени? Му реков: Тврдам дека нема.

Секако, времето ме демантираше мене, а не грчките професори. Тие си ја завршиле својата работа, и не се само тие. Низ светот имаат стотици катедри, институти и институции на кои ја предаваат нивната историска невистина. Македонија нема ништо. Еден институт по македонизам не отвори, ама најде пари споменици да крева. Но Грците заедно сите се тепаат за таа лага и успеваат. Ние го имаме името, ја имаме тапијата на нашата земја Македонија, но се тепаме и дома и надвор кој прв да го шитне. И успеаја во тоа.
И не само што се успешни во малопродажбата, која сега од петни жили ја бранат, оти се сомневаат дека може да се случи нешто, ете професорката Силјановска се заколнала под уставното име… па напаѓаат. Значи го делат ткивото понатаму. Што сакаат, од Македонецот да направат мелено месо? Па, јасно е дека референдумот им пропадна и дека мнозинството не беше и не е за промена на името! Ако тоа некому не му е јасно, еве ги последните изборни резултати, каде што таканаречената инклузивна политика за едно општество за сите (сите се рамноправни, ама нашите се порамноправни од другите) доживеа дебакл.
Но камењата се фрлаа кон претседателката на една суверена држава, кон која премиерот на Грција, Мицотакис, испрати недолични пораки, па дури користеше термин „да не прави повеќе вакви лапсуси“, а еден од Атина дури и даде совет дека не можел некој поединец на јавна функција да се идентификува кој е и што е. И можеме ние да им се лутиме, ама во Преспанската спогодба, која дури е и договор за стратегиско партнерство, стои дека ние сме и Македонци, ама граѓани на Република Северна Македонија. Замислете каков апсурд, и тоа заверен со потпис на ОН – дека постои стратегиско партнерство меѓу две држави (страни!!!), кои воопшто не се рамноправни во тој договор. Македонија е апсолутно поразена. Инфериорна во секој поглед во односите со Грција.

И ова се бара од нас Македонците да го браниме. Па, како? И од нас се бара и ќе се бара да го браниме и договорот со Бугарија, замислен како последната шајка во ковчегот за Македонија. Зашто доколку и тој влезе во Уставот, заедно со барањето на албанската кауза за бришење на 20 проценти, тогаш од Македонија сосе Македонците нема да остане ништо. Ни земја, ни историја, ни култура, ни наследство. А ние чекориме кон таа дупка.
Затоа сметам дека како крик на спас се зборовите на академик Љупчо Коцарев за преземање акции за спас на Македонија, а како прв чекор е донесување резолуција за осуда на културниот геноцид сторен врз Македонците од страна на државата Грција. Апсолутен мотив и императив за новата фаза во борбата за македонскиот идентитет и опстанок е враќање кон своите корени, кон својот имот, процес на помакедончување на Македонија, оти пред нос ни се случува одмакендочување на нашите деца и внуци.
Сплотеност околу името, идеалите, традициите, нашата култура и постоење нуди многу посветла иднина од оваа сегашност. Не сакам ни да помислам што нѐ чека, и тоа во блиска иднина. Оти без татковина, ни куќа нема да имаме.

Христо Ивановски