Раната мајчинска љубов ги обликува клучните особини на идната личност

Најновата студија од април 2025 докажува дека приврзаното мајчинство во раното детство може да игра трајна улога во обликувањето на карактеристиките на личноста, кои потоа влијаат на образовните, професионалните и здравствените резултати на младиот човек. Студијата направена со над 2.200 идентични близнаци покажа дека мајчинската топлина на возраст од пет до 10 години предвидува повисоки нивоа на отвореност, совесност и прифатливост на 18-годишна возраст

Многупати сум пишувала за значењето на емоционалното врзување на детето со мајката како важен елемент за неговиот понатамошен развој. Познато е дека емоционалната врска мајка/дете не е битна само за емоционалниот развој на детето туку е основа за развој на орбито-фронталниот дел на мозокот, кој од своја страна е битен за интелектуалниот развој, егзекутивните функции, вниманието итн.
Уште еднаш, најновата студија од април 2025 докажува дека приврзаното мајчинство во раното детство може да игра трајна улога во обликувањето на карактеристиките на личноста, кои потоа влијаат на образовните, професионалните и здравствените резултати на младиот човек. Студијата направена со над 2.200 идентични близнаци покажа дека мајчинската топлина на возраст од пет до 10 години предвидува повисоки нивоа на отвореност, совесност и прифатливост на 18-годишна возраст.
Овие карактеристики се тесно поврзани со долгорочен успех и благосостојба, што сугерира дека дури и скромните подобрувања во родителството во раниот период од животот на детето би можеле да имаат широко распространети општествени придобивки. Истражувањето исто така нагласува дека развојот на личноста е обликуван од сложената интеракција на генетиката, родителството и животните искуства.
Приврзаното мајчинство во детството може да има трајно влијание врз важните особини на личноста, потенцијално да влијае на животните резултати како што се образовните достигнувања, економскиот успех, но и здравјето и благосостојбата, според истражувањето објавено од Американската психолошка асоцијација.
Наодите сугерираат дека позитивното мајчинско родителство може да поттикне важни особини како што се отвореност, совесност и согласност.
Карактеристиките на личноста се силни предвидувачи за важни животни резултати, од академски и кариерен успех до здравје и благосостојба, нагласуваат авторите на оваа студија од Универзитетот во Единбург.
Наодите сугерираат дека поттикнувањето позитивни средини за родителство во раното детство може да има умерено, но значајно и трајно влијание врз развојот на овие клучни особини на личноста. Во тој контекст истражувачите испитувале како мајчинската наклонетост во детството – конкретно на возраст од пет до 10 години – ги предвидува карактеристиките на личноста тестирани со познатиот психометриски тест „Големите пет“ на 18-годишна возраст.
Големите пет особини на личноста се сметаат од психолозите како пет основни димензии на човековата личност: екстравертност, прифатливост, отвореност, совесност и невротичност/емоционална стабилност.

Истражувачите испитувале податоци од 2.232 британски идентични близнаци (51,1 отсто жени) што биле следени од раѓање до 18-годишна возраст, како дел од студијата за близнаци со ризик од животната средина. Проучувањето на идентични близнаци им овозможува на истражувачите да ги контролираат генетските и еколошките фактори со споредување идентични близнаци што пораснале во исто семејство.
За време на студијата, истражувачите извршиле домашни посети на мајките на близнаците и ги снимиле како зборуваат за секое од нивните деца. Потоа, обучените набљудувачи ги оценувале одговорите на мајките поврзани за топлина и наклонетост.
Како битни наоди од ова опсежно истражување биле дека не биле откриени трајни врски помеѓу мајчинската наклонетост и екстравертноста или невротизмот.
Близнаците чии мајки изразувале поголема топлина кон нив во детството биле оценети како поотворени, совесни и попријатни во младата возраст.
Резултатите нудат докази дека позитивното приврзано мајчинство може да влијае на клучните особини на личноста што се поврзани со успехот подоцна во животот, а овие особини би можеле да имаат влијание и на следните генерации (трансгенерациски пренос).
Истражувачите забележуваат дека дури и скромните промени во личноста може да доведат до значителни придобивки за населението со текот на времето, особено во промовирањето на совесноста, која е силно поврзана со успехот во образованието, работата и здравјето.
Овие наоди сугерираат дека и други еколошки или генетски фактори – како што се односите со врсниците, животните искуства и можеби подоцнежните интервенции – може да бидат влијателни за личноста во периодот на зрелост.
Наодите, исто така, ја нагласуваат важноста да се земат предвид и генетските и еколошките фактори при дизајнирање програми насочени кон промовирање позитивни особини на личноста.
Во тој контекст, ова истражување дава вредни докази за потенцијалот на програмите за родителство, кои треба да влијаат на критичните аспекти на развојот на личноста.
Меѓутоа, исто така, ја нагласува потребата за нијансирано разбирање за тоа како различни фактори, вклучувајќи ги генетиката, родителството и животните искуства, комуницираат за да формираат какви ќе бидеме како личности.

Истражувачите веруваат дека истражувањето обезбедува важни практични размислувања за креаторите на политики и практичарите што работат во образованието, благосостојбата на семејството и менталното здравје. Имајќи предвид дека совесноста може да предвиди успех на училиште и на работното место, интервенциите дизајнирани да го подобрат приврзаното родителство може да придонесат за подобрување на образовните резултати, менталното здравје и социјалната благосостојба во поширок обем.
Од друга страна, родителството како социјален феномен станува доста проблематично во современото живеење. Сѐ помалку бракови, помалку живеење во заедница, а напротив огромен број разводи се најголемиот социјален проблем.
Користејќи ги податоците од финскиот регистар од над 1,2 милион учесници, една нова студија покажа дека и младите мажи и жени на кои им се дијагностицирани ментални нарушувања имаат помала веројатност да станат родители во споредба со оние без такви дијагнози. Најизразениот ефект е забележан кај лицата со шизофренија, додека вообичаените нарушувања како депресија и анксиозност, исто така, ја намалуваат стапката на родителство – особено кај мажите.
Разликите меѓу половите биле забележителни, при што мажите генерално имаат помала веројатност да имаат деца отколку жените со иста дијагноза. Студијата сугерира дека предизвиците во формирањето стабилни партнерства може делумно да ги објаснат овие резултати, нагласувајќи ја потребата за неопходна поддршка на менталното здравје за младите луѓе што се исправени пред главните животни избори.
Ова истражување доаѓа во време кога многу поединци го одложуваат родителството за подоцнежните години. Истовремено, проблемите со менталното здравје кај младите станаа сè поприсутни. Најверојатно и во минатото постоеле ментални заболувања, но тие поретко биле дијагностицирани или биле прикривани.
Вообичаените ментални нарушувања, како што се депресијата и анксиозноста, исто така ја намалуваат веројатноста за родителство. На пример, мажите на кои им била дијагностицирана депресија имале 38 отсто помали шанси да станат татковци во споредба со оние без дијагноза на депресија. Кај жените, депресијата била поврзана со 19 отсто помала веројатност да станат мајки во споредба со лицата без дијагноза на депресија. Слична разлика помеѓу мажите и жените беше забележана и за анксиозно растројство.

Студијата, исто така, ја истражувала улогата на статусот на партнерство во врската помеѓу менталните нарушувања и родителството. Бидејќи стабилните односи често се клучен фактор за раѓање деца, тешкотиите во формирањето или одржувањето партнерства делумно може да ја објаснат пониската стапка на родителство кај луѓето со ментални нарушувања.
Наодите ја нагласуваат потребата од достапни висококвалитетни услуги за ментално здравје за младите луѓе. Обезбедувањето долгорочна поддршка може да биде особено клучно за да им се помогне на луѓето со ментални нарушувања да се движат во животните одлуки, вклучително и во формирањето семејство.
Како заклучок би кажала дека создавањето семејство е сериозна улога во животот на секој поединец. Менталното здравје е предуслов за добро семејство. Притоа емоционалната врска мајка/дете е извонредно важна за понатамошните особини на личноста, па затоа на сите овие елементи треба многу да се размислува во превентивни цели.