Задоволен од играта и пристапот на нашите момци, од тактичката поставеност на селекторот Лазаров, која во одреден момент ја најавивме и тука, во „Нова Македонија“, и на „Читај ракомет“, како и на националниот сервис МРТВ, и среќен што Македонија освои бод „како планина“ против силен противник, под силни импресии од вчерашната спортска „војна“, ја стартувам оваа колумна
Старт на СП во Хрватска: Македонија одигра нерешено со фаворитот Унгарија
Никому нема да му биде лесно против Македонија!
Така одеше мојата генерална порака за ова СП во Хрватска. Задоволен од играта и пристапот на нашите момци, од тактичката поставеност на селекторот Лазаров, која во одреден момент ја најавивме и тука, во „Нова Македонија“, и на „Читај ракомет“, како и на националниот сервис МРТВ, и среќен што Македонија освои бод „како планина“ против силен противник, под силни импресии од вчерашната спортска „војна“, ја стартувам оваа колумна.
Македонија го скроти „ракометниот џин“ (или, подобро кажано, спортскиот џин) и само поради нашето неискуство не успеавме истиот тој да го оставиме „со кратки ракави“. Велиме џин пред сѐ во однос на вложувањата во спортот, условите во кои функционираат, поддршката што ја имаат од државата, позициите што ги имаат нивните машки и женски клубови во Европа. Сепак, се покажа дека „таквите“ многу често не се доволно „гладни“ како овие другиве, кои не секогаш во својот развој имале топки какви што посакуваат, најнови патики, топли сали, квалитетен оброк итн. Затоа она што се случи синоќа има уште поголема тежина и јас уште еднаш им честитам.
Добре дојдовте на мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ по одличниот натпревар против Унгарија, а во пресрет на уште еден тежок дуел против подобро рангираната Холандија.
Сега да видиме што „сними нашата камера“ синоќа, во друштво на Џомба Георгиевски и уредникот Стерјов, како гостин на националниот сервис. Ќе се обидам да бидам краток и јасен, колку што е можно тоа.
ЗОНАТА СО ЛАЗАРЕВСКИ И ВЕЛКОВСКИ, ПЛУС МИТРЕВСКИ НА ГОЛОТ, КАКО ПРЕДУСЛОВ ЗА УСПЕШЕН НАСТАП
Тактички одлично поставена формација 6-0 со Маркоски и Лазаревски како централни дефанзивци, формација што очекувано беше „подлабока“ на позицијата два, каде што Велковски играше поагресивно на стартерот Шита, а подоцна и високиот Бодо. Како што и најавивме, со намера да оневозможи течна игра и да спречи Фазекаш и Лекаи да создаваат позиции за непречени фронтални напади на левите бекови на Унгарија. На име на таа подлабока зона на едната страна, во која Велковски, Серафимов, па и Јагуриновски имаа задача да антиципираат од лев спрема среден бек и на тој начин да го ограничат просторот на дејствување, а имајќи предвид дека во противничката екипа на „црта“ е најдоминантниот пивот на денешницата, Банхиди, со одредена доза на хазардерство (или прифатлив ризик), Лазаров ја затвори линијата и постави за нијанса поплитка зона. Со тоа комплетно го ограничи Банхиди на линијата од шест метри, но и создаде ситуација што во текот на натпреварот ја користеа пред сѐ десниот бек Илиќ, но и Фазекаш и Лекаи, со различен „арсенал“ да го напаѓаат голот на „Св. Никола“ Митревски. Милан-Мечка Лазаревски, слично како со Фарски Острови во „Борис“, презеде или понесе голем товар од работата на средината на зоната, менувајќи се на двете фундаментални позиции, заедно со Маркоски и Стојковиќ. Исклучително интелигентно одигра и „комодоре64“ алијас Мартин Велковски, кој и повеќе од успешно се надигруваше со Шита и Бодо, а машки ги издржа сите дуели со Банхиди. Македонија, поддржана од супер Никола Митревски на голот, со физичка сила, но и со памет, одговори на нападите на Унгарија и „го натера“ противникот на доста „изнудени“ технички грешки. Како предуслов, за она што треба да се имплементира како транзиција, сегмент во Македонија или би требало да биде подобра, сегмент што треба(ше) и ни донесе дузина „лесни“ голови. Точка.
ТРАНЗИЦИЈАТА НИ ДАДЕ ПОГОДОЦИ И ГО ИЗВАДИ ОД КОЛОСЕК ПРОТИВНИКОТ
Транзиција. Тој „убиствен“ сегмент од играта, кој не само што ни дава лесно да постигнуваме погодоци туку и, дополнително, психички го „разорува“ противникот. Без да ја „нурнам“ главата во статистика, ќе кажам дека со Унгарија, одбраната и Митревски дадоа подлога, пред сѐ Кузмановски да ја демонстрира најмоќната индивидуална полуконтра во светскиот ракомет.
Полека го создаваме мозаикот на успешниот настап на нашите момци синоќа во Вараждин. Спомнав во мојата најавна колумна, на лик ни изгледа дека многу фактори треба да се исполнат за да можеме да дојдеме до егал натпревар против Унгарците. И навистина е така.
Факторот Митревски, адекватна зона и успешна транзиција, бараа и стрплив напад и психичка подготовка за присебност при реализацијата, како завршен удар за „соборување“ на оној спортски џин, спомнат погоре.
ФОКУСОТ НА МИТЕВ ГО „ИСПРАТИЈА“ ДЕСНИТЕ БЕКОВИ И ГО ВАЛОРИЗИРА КУЗМАНОВСКИ
И го имаше тој стрплив напад, педантен и дисциплиниран, неретко и досаден, но максимално ефективен. Крилата иако имаа малку топки, реализираа тоа што требаше, пивотите имаа висок процент на реализација и дополнително многу одработија за бековите, десните бекови феноменални, и во создавање игра и ситуација и како реализатори. Да бидеме реални, првиот голман Миклер очекувано „задоцни“ на натпреварот и доста ни ја олесни задачата во клучниот период од натпреварот, кога Македонија со 8:1 се врати од негатива од три погодоци. Серафимов како никогаш досега дрзок и храбар, Велковски „докторски“. Полека доаѓам до оние двајцата што треба да бидат перјаници на нашиот напад. Големо внимание посветил Чема Родригес на нашиот Марко, ракометниот „Брус Ли“. Огромно. Тоа го користеа другите наши репрезентативци, пред сѐ оние што треба да испратат на десната бековска позиција.
На крајот, човекот или дечкото, кој најавив дека со текот на времето ќе создаде статус и идентитет што ќе дозволи да се напише една „Ода за Фитиљ“, кој ќе влезе во химната на чкембарите. Филип Кузмановски одигра феноменално, заштитен и одморен во одбранбената зона, максимално корисен во транзиција и разновиден во нападот. „Ги отвори“ Унгарците од „надвор“, ги „хранеше“ пивотите и во свој стил продираше во зоната. Имавме впечаток, фрижидер да „фрлеше“ на голот, ќе влезеше. Едноставно сѐ му одеше од рака. Долги години заложник на некои други играчи играше во „погрешна“ постава и на погрешна позиција, сега кога друг е командант на нападот, Фитиљ процвета и ја воодушеви ракометната светска јавност.
За крај, и не се само овие играчи што ги спомнавме. Лазаров, особено во првиот дел, внесе многу играчи во ротација, вклучи свежа крв и во вистински момент ги одмораше Кузмановски, Митев, Лазаревски и Велковски. Стојковиќ имаше асистенција и коректен настап во одбрана, Ѓоргиев внесе свежина и со својата промена правец „на слаба страна“ го надмудри Шипос, Џонов очекувано одигра интелигентно. Едноставно Македонија одигра тимски, одигра борбено, со срце и душа за Македонија, одигра за душа на Фалангата во Вараждин, но и за сите оние што останаа дома и се раштркани низ светот.
Ракометот уште еднаш покажа дека може да ја обедини нацијата, да ја подигне самодовербата, да потсети дека не сме „тиња“ и дека Македонците не се ништо полоши од другите, само им требаат систем, концепт и генерали што ќе нѐ водат. Секако, и факторот време, за сето тоа да се постави на здрави нозе и да се имплементира.
„КЛИНОТ СО КЛИН СЕ ИЗБИВА“ ПРОТИВ „ЛЕТАЧКИТЕ“ ХОЛАНЃАНИ
Унгарија е минато, далечно минато, познавајќи го Лазаров. Има тој методи како да не дозволи играчите да му се „наполнат“ со хелиум и да одлетаат. Свесен дека само кога сме сто проценти на земја можеме да бидеме конкурентни.
Холандија е следна на менито. Комплетно различна од нашиот прв противник. Нема корпулентни играчи, нема високи бекови, нема гранитна одбрана. Има технички одлично подготвени играчи, многу силна транзиција, подвижна и школски поставена одбрана. Го имаат Стејнс, Дени Бајенс и реконвалесцентот Каи Смит. Македонија ќе ја модифицира зоната 6-0, ќе „стапне“ на топка и ќе ја забави играта.
Или можеби ќе оди по онаа народната „клинот со клин се избива“.
Напред, Македонија!
Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“