Горан Ѓоргоноски

Поради семејни причини, пред извесен период донесов одлука да се повлечам од трката. Земајќи ја  предвид темелноста на мојот приод кон било која обврска, приватна или деловна, се одлучив дека приоритет мора да дадам на едно тежишно поле, доколку сакам успех во полн капацитет. Им благодарам на сите кои изразија поддршка, а јас останувам на располагање и на идното раководство на ракометната федерација на Македонија, со целото мое знаење и искуство, да допринесам македонскиот ракомет да го задржи својот статус и да го издигнеме истиот на уште повисоко ниво

Со одржување на денешното изборно собрание за претседател и ново раководство на ракометната федерација на Македонија, и официјално завршува една ера од раководењето со најуспешната спортска федерација во државата, од страна на голем стопанственик и вљубеник во ракометот. Влегувајќи во националната федерација, во едно друго време, кога државата, преку тогашната Агенција за млади и спорт, даваше минорна поддршка на нашиот спорт, цитирам: „со голем ентузијазам, како огромен љубител на спортот, темелен стратег и се надевам, добар визионер“, имаше задача, пред се финансиски и организациски да ја зајакне истата, да воведе дисциплина во функционирањето, настојувајќи цитирам: „ракометот повторно да заживее и во помалите градови“.

Навраќајќи се на годините пред Мукаетов, мораме да бидеме реални и да посочиме неколку ситуации. Условите на националните тимови, како еден сегмент за кој федерацијата треба да води грижа, се значително подобрени, како кај сениорите, така и кај младинските категории, што особено е важно за нашата држава. Вклучување во систем на квалификации, на дел од машките и женските јуниорски национални селекции, по подолг период на апстиненција, е нешто по што ќе остане запаметена оваа гарнитура. Лобирање и организација на голем број првенства во сите категории, машки и женски, како можност нашите селекции да бидат дел од истите, стекнувајќи искуство, е исто така важен дел од работата на досегашната гарнитура.

Постојано присуство на сениорската национална селекција на големите смотри е исто така белег на времето во кое владееше оваа гарнитура на чело со Живко Мукаетов.

Спомнав во едно мое поткаст излагање, по повод претстојните промени во националната федерација, дека би биле неискрени, некоректни па и нереални, ако кажеме дека се беше идеално во долгогодишното владеење на оваа гарнитура. Тоа е практично невозможно. Затоа, треба да се биде реален и да се потенцира дека, во одредени период, забелешките на клубовите и јавноста, можеби оправдано, беа насочени кон постојано менување на системот на натпреварување, без јасна цел или визија за тоа што треба како бенефит да донесат промените на истиот, потоа снижување на границата на години за вклучување на децата во систем на натпреварување, развој на ракометот во малите средини, (не)доволно развивање на ПР и маркетинг секторот и како резултат од истото, недоволна присутност на дигиталните мрежи, како сурова реалност и потреба, се сегментите кои бараа поголемо внимание и посветеност.

Нејсе.

Македонскиот ракомет мора да продолжи да се развива и понатаму да го потврдува статусот на спорт број 1 во државата. На тоа треба да работиме заедно, без его и суета, без разлика на тоа кој каква „титула“ има во ракометот. Долги години слушаме како ни треба обединување, во многу сегменти, па и во ракометот, но истото не го гледаме во секојдневното битисување. Македонија има кадар, има традиција, има луѓе кои константно, во текот на целиот период од независноста, вложуваат во ракометот, како во никој друг спорт во нашата држава.

Поттикнат од мојата љубов пред се кон државата Македонија, потоа кон спортот кој ми даде многу во мојот живот, а на основа на целото мое искуство и знаење, кои се акумулирале, работејќи на различни проекти, во различни сегменти, од базата и ракометните школи, турнири и кампови, преку координирање на младите категории, логистика и организација на натпревари во домашно првенство и европски купови, до делот со маркетинг и промоција во делот на спортот, а за доброто на овој прекрасен спорт, почнав да размислувам за начинот како да го ставам во функција на општото добро. Прифаќајќи го фактот дека доколку сакаме да ги менуваме некои работи, да ги подобриме или унапредиме, мораме да бидеме вклучени во системот, а не само од надвор да детектираме аномалии и да нудиме решенија.

За време на целиот мој досегашен работен век во ракометот, успеав да забележам повеќе сегменти кои можат да бидат подобри, на кои треба да се даде посебен акцент и да се поддржат, но и сегменти кои до сега функционирале на високо ниво и истите треба да продолжат да функционираат на исто ниво, и ако има простор да се надградат.

Имајќи предвид просторот кој го имам и вниманието на секој кој ќе ги чита овие редови, ќе нафрлам дел од нив, кои според мене се важни да се „стават на маса“ и за истите, заедно да дебатираме и да го најдеме најдоброто решение.

Систем на натпреварување, вклучувајќи ја темата за намалување на бројот на екипи во Супер-лигата, строги критериуми за учество во истата, силна Прва лига и воведување Втора лига за развој на млади ракометари. Млади категории и помлади пионери во систем на натпреварување. Активирање, но и сериозно реформирање на сегментите позајмица и двојна регистрација, како клучни за унапредување на делот на префрлање на еден ракометар од младинска во сениорска конкуренција. Едукација на тренерски кадар, како главна задача на националната федерација. Промоција и поддршка на ракометот кај децата од најрана возраст и канализирање на истите во школите низ Македонија. Формирање маркетинг сектор во склоп на самата федерација, со задача истиот да биде сервис на постојаните и барање нови партнери на најуспешниот спорт во државата, промоција на ракометот. Поддршка за формирање синдикат за тренери и играчи, како идни преговарачи за условите во кои работат спортистите и тренерите, поставување рамка и подобрување на условите, како истите би имале интерес да инвестираат во своја надградба. Предлог реформа на Куп натпреварувањето, за подигање на интересот и постигнување на целта на постоење на истото. Државната академија во функција на развој и надградба на најталентираните млади ракометари во државата…

Поради семејни причини, пред извесен период донесов одлука да се повлечам од трката. Земајќи ја во предвид темелноста на мојот приод кон било која обврска, приватна или деловна, се одлучив дека приоритет мора да дадам на едно тежишно поле, доколку сакам успех во полн капацитет.

Им благодарам на сите кои изразија поддршка, а јас останувам на располагање и на идното раководство на ракометната федерација на Македонија, со целото мое знаење и искуство, да допринесам македонскиот ракомет да го задржи својот статус и да го издигнеме истиот на уште повисоко ниво.

За МакедонЦкиот ракомет!

Горан Ѓоргоноски
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете