Ракометната војна на Македонија

Македонија успешно ја помина првата рунда на СП во Хрватска, со победа над Гвинеја и со пренесен бод од првиот натпревар против Унгарија, па со голем оптимизам влегува во втората фаза, каде што ја очекуваат натпревари со Австрија, Катар и со големиот фаворит Франција. Противници, барем оние првите два, што се посакувани за нас. Но да бидеме реални и да не „летаме“ многу, бидејќи и ние сме посакуван противник за секоја од нив. За тоа што следува во втората фаза, која стартува утре против Австрија, нешто подолу во оваа колумна

Добре дојдовте на мојата колумна „Читај ракомет со Горан Ѓоргоноски“ по триумфот над аутсајдерот Гвинеја и по оној контроверзен пораз од „лалињата“, а пред првиот натпревар од втората фаза, против Австрија.

Што се случуваше на натпреварот
со Холандија?

Свесен дека доколку „извадам“ колумна по оној, во најмала рака, контроверзен, во однос на тоа каква лавина од реакции предизвика (не)спортскиот дел, пораз од Холандија, никого нема да го интересира како и на кој начин Македонија беше поразена, па затоа не чувствував потреба да седнам и да „искуцам“ традиционално 1.400-1.500 збора. Имав впечаток, а и уште ме држи, дека коментарите под него ќе беа насочени на друга страна, кон „луѓето во црно“, во правец што не го покриваат овие мои колумни и за кои ама баш ретко, да не кажам никогаш немам дума и коментар. Сега можеби е поадекватно време да се напишат неколку реда за тој меч!
Ако пред почетокот на СП, јас, а и повеќето луѓе од ракометот со кои комуницирам, се двоумевме која селекција од првата фаза, помеѓу Унгарија и Холандија, повеќе „ни лежи“, сега некако сето тоа се искристализира. Холандија, покрај тоа што е подобро рангирана селекција, има играчи што играат во (по)големи клубови или (по)квалитетни лиги, истите тие се во позрела фаза на своите кариери, сега и дефинитивно, истите тие играат ракомет со кој нашиот национален тим потешко се снаоѓа. Велам потешко се снаоѓа, затоа што и по поразот, со чиста совест можеме да ја истакнеме мојата главна парола на ова СП „Никому нема да му биде лесно против Македонија“. Не ѝ беше ниту на Холандија, која иако го контролираше водството во текот на целиот натпревар, дури во самиот финиш резултатски „избега“ и го реши истиот тој. Македонскиот национален тим одигра уште еден солиден натпревар и достојно го презентираше македонскиот спорт. Тешко може да се најде забелешка на пристапот на нашите момци, на стручниот штаб и на начинот на кој се обидовме да му се спротивставиме фаворитот (на хартија) на овој натпревар.
Накратко. Македонија, по бодот против првиот фаворит во групата, со раширени крилја и самодоверба до плафон, но и (пре)голема желба, имајќи ги предвид новите математики и перспективите што се отвораа со евентуална победа против „лалињата“, влезе во самиот натпревар. Во големо тактичко надмудрување на две живи легенди на светскиот ракомет, кои играа на идентична позиција во ракометот, Лазаров со големо тактичко изненадување, поставен т.н. фластер на најдобриот противнички играч Лук Стејнс го стартуваше натпреварот во одбранбената зона. Формација што многу ретко се користи во модерниот ракомет, со цел крајно да се ограничи еден играч што е фундаментален за противничката екипа. Но и формација што остава сериозен проблем во играта пет на пет на поширок простор, а истата таа бара побрзи дуел-играчи на централните позиции. Лазаров го постави Милан Мечка Лазаревски на најчувствителната позиција, во средината на одбраната, а Кузмановски и Велковски од неговата лева и десна страна. Противникот, од друга страна, можеби за нијанса потценувачки, стартуваше со поплитка 6-0 и Шоенекер и Коиј во средината. Нашите момци, иако стравуваме пред СП, повторно, вака или онака, во нападот наоѓаа простор во зоната на противникот, и покрај Кузмановски, кој „пукаше“ однадвор, пивотите искомбинираа пет погодоци, а уште осум други ракометари постигнаа барем еден погодок. Логично, Лазаров се одлучи да не менува играч во однос напад-одбрана, во ситуација кога противникот има феноменална транзиција и игра брзо, без разлика на исходот во фазата на одбраната (брз центар или полуконтра) и на „крилјата“ на таквата поставеност, Македонија до средината на првиот дел имаше суперактивен резултат. Да бидеме реални, играта во голем дел се одвиваше на половината на Холандија и на секој наш погодок, без разлика што Стејнс „јадеше“ фластер уште од првата фаза, сепак Холандија враќаше со иста мера во најкраток рок. Доста фрустрирачки, особено што нашите момци многу понапорно работеа за секој погодок.

Имајќи го предвид ритамот на самиот натпревар, во втората половина од првиот дел, нашата клупа стартуваше со ротација, од која, како клучна можеме да ја наведеме онаа на Лазаревски со Пешевски, по која противникот уште полесно, на „подалечна страна“ создаваше играч повеќе во простор, ситуација што ја користеа десниот бек и десното крило на Холандија. И не само што Холандија брзо возвраќаше со погодок туку тоа го правеше од изградени позиции и на лесен начин, факт што вовлече нервоза кај дел од нашите играчи, а меѓу нив и најискусниот Митревски на голот. Таа нервоза во вториот дел беше уште повидлива и можеби клучна за двоцифрената бројка технички грешки, кои имаа големо влијание на конечниот исход. Да потенцираме дека во целиот тој период, без разлика на случувањата на теренот, тимот „гинеше“ за секоја топка и од тој аспект никој не може да најде забелешка.
Да завршуваме полека. Во вториот дел, Лазаров „го испука“ сиот расположлив арсенал, обидувајќи се и со Велковски на „висока двојка“, па повторно „фластер“ на Стејнс, ситуација што Штафан Олсон ја решаваше со формација седум на шест, спуштајќи го Џонов (кој претходно играше фластер на Стејнс) во неприродна позиција број четири во зона6-0. Стејнс, многу искусно и паметно, гледајќи против кого игра на позиции три или четири во нашата зона, мудро го избегнуваше Лазаревски и лесно поминуваше покрај Маркоски, Стојковиќ и во дадени ситуации Џонов. Не дека и Лазаревски беше безгрешен, но, според наравот на Мечка, противникот и кога „поминуваше“, тоа го правеше со „одредени последици“ по неговото тело. Тоа ме потсети на мојата прва колумна или излагање на националниот сервис, во насока дека Лазаров и со Хрватска упорно му бараше партнер на Лазаревски. Како решение тогаш го посочив Михаил Аларов, соиграчот на Мечка од „двократниот“. Стејнс беше „нерешлива загатка“ од каде што почнуваше сѐ, Каи Смитс и Коиј само го искористија „малиот генерал“ за поентерски да се издвојат.
Во коректниот напад на Македонија, како аномалија повторно се појави решавање на ситуацијата шест на пет, и не само што не поентиравме туку многу често и негативно го завршувавме периодот со играч повеќе во поле. Важен сегмент што можеше дополнително да го драматизира натпреварот и да го однесе во егал до последната минута. Нејсе, Македонија достоинствено беше поразена. И којзнае по кој пат, ракометот ја обедини нацијата. Овој пат од други причини, кои, за жал, го зедоа местото на „насловните страници“ на интегралниот ракомет, феноменалниот Фитиљ, пристапот на момците, тактичката поставеност и фантастичната поддршка на македонските фанови од трибините.
Гвинеја е ставена ад акта за потврда на впечатокот, дека оваа Македонија нема легитимитет никого да потценува. Па макар играла со селекција што е дебитант на СП, без ракометна традиција, со одлична антропологија, огромна неодговорност во играта и скромна ракометна техника. Честитки за победата момци!

Австрија е структурно слична на нас и имаме решение за нивниот напад

Австрија е нашиот следен противник. Селекција многу слична на онаа Швајцарија што ја „добивме“ лани на ЕП, но и селекција што, според структурата на играчите многу потсетува на нашиот национален тим. Одличен голман (кој по ланското ЕП си обезбеди трансфер во Бундеслигата) со релативно низок раст, единствен бек-шутер на бековската позиција, неколку играчи што имаат дуел-игра и можат „да испратат“ играч повеќе создаден од Хутечек или дуплирање на пивотот, два пивота, од кои еден игра тотален ракомет и е многу незгоден на линијата од шест метри и уште еден, кој игра во Бундеслигата и игра во два правца итн. Селекција со вонсериско лево крило во Фримел од Пик Сегед, која на ова СП е сериозно ослабена со неиграњето на убедливо најдобриот играч на тимот на Алеш Пајовиќ, левиот бек Билик од Кил, но и Божовиќ а по првиот натпревар и Живковиќ, како единствени десни бекови. Македонија го има рецептот во одбрана, на левиот бек Хутечек, кој е како тенк и има одлична координација и прегледност, одлична дуел-игра, но и свои слабости. Му требаат „добра топка“ и време да се размавне. Нашата „двојка“ во зоната 6-0, во името на Велковски ќе игра подлабоко на Хутечек, нема да дозволи добар проток, ќе го „држи блиску до себе“ и доколку го ограничиме и го затвориме „линија“ (слично како против Унгарија и Банхиди), можеме да очекуваме добар натпревар, па зошто да не е и триумф. Нападот ќе ги даде своите 30+ погодоци, во ситуација кога Филип Кузмановски „решета“ мрежи, а Македонија има широк список на стрелци на секој натпревар. Само рамото на ракометниот „Брус Ли“ да биде подготвено за максимум напор, иако тоа нема да го спречи да „паѓа на глава“ и да дава 120 отсто од себе.
За Македонија допрва почнува првенството и кулминацијата на истото тоа е пред нас.
Да ги тргнеме сега сите неракометни теми, за фокусот да биде на играта.
Затоа што тоа е за наше добро!

Напред Македонија!

Горан Ѓоргоноски