Љубомир Јовановски
Здравиот разум, кој е дефицитарна материја на денешниов исчашен свет, во своето логично разбирање на светот, сигурно не може да се начуди на сето она што ѝ се случува на цивилизацијата. Грдо е сето тоа да се дефинира како енормно изразена човечка глупост, ама тоа е вистината колку и да е болна. Несфатливо е сето тоа да се нареди во низата непријатни настани што асоцираат на апокалиптичен приказ. Освен тоа, трагично е и смешно за една здраворазумна личност да остане рамнодушна кон можната планетарна катастрофа, нарачките и суровите постапки на боговите на војната. Зарем дотука стаса оваа кутра цивилизација, која ниту за векови не најде за потребно да си ги среди правилата на однесување и да ги вклопи во систем со решение што нема да зависи од волјата и потребите на нејзиното височество – алчноста. Ако човекот се обидува да господари со природата, таа возвраќа со интензивен наплив на лакомштилак како еден од нејзините најсилни адути всадени во главата на човекот. Да, со векови е наметната економија со плетка на многубројни методи за приватно зафаќање од буџетските амбари. Нив ги полнат многуте, а ги празнат и на нив печалат малкуте.
Дали сега некој од атрактивните економисти што се креатори на перманентната состојба „ниту војна, ниту мир“, преку која „одбраните или способните“ на кои институцијата „банка“ им служи исклучително за поробување на беспомошните, за шпекулативни дејства и за уривање од кое подоцна ќе произлезе процес на изградба, е моќен да постави теорија во која за еден грош (турски куруш), некогаш во дамнешни времиња, се купувал еден килограм стока? Зошто за еден долар, евро, јуан или рубља не може да се купи адекватна стоковна противвредност? Знам јас добро дека тоа е наивен поглед на реалните, претежно шпекулативни зафати, кои ѝ се потсмеваат на наивноста. Јасно е дека инфлацијата ја претворија во перманентен процес, кој нагризува здраво ткиво и кој им е благословена алатка. Веројатно дека нема назад, оти тоа не е за машала. Ама лесно е да се мудрува без сите можни релевантни параметри и законитости во економијата или бош муабет (празен муабет) кога ниту една мудрост или ниту едно знаење нема да му ги отвори очите на овој излуден и испревртен свет за да се врати во колосекот на разумот и логиката. Всушност, кој може да ги побие аргументите на боговите и на силата со која располагаат? Во тој случај, нека ни е на здравје.
Во нордиската митологија, терминот „Рагнарок“ значи серија од идни настани, вклучувајќи и голема битка, чиј резултат ќе биде смрт на голем број личности. Меѓу нив се спомнуваат и боговите како Один, Тор, Тир, Хаимдалр, Фрејр и далеку познатиот сега веќе и многу популарен филмски јунак Локи. Но, за разлика од обичниот свет, кој вистински умира во воените судири, во природните катастрофи, за време на глад и болести, боговите повторно ќе воскреснат уште посилни и со многу помало разбирање за бедата. Како и во многуте западни легенди, секогаш се посочува на состојбата „крај на светот“ преку природни катастрофи и апокалиптичен потоп. Ова веројатно се пораки што доаѓаат од мрачното небо над нивните глави. Низ облаците тешко се пробива сончев зрак што треба да просветли ама нема влијание, бидејќи калапот на митот си тера по старо. Сѐ се менува, но таа логика никако! Потоа светот повторно врие бидејќи на творците им текнало дека сепак некој бог ќе ја преживее таа катастрофа. Рагнарок е значаен настан во нордиската митологија. Таа прозна еда од 13 век напишана од креативниот автор Снори Стурлусон, која значи самрак или смрт на боговите, и денес е предмет на изучување од страна на научната мисла. Во 19 век, познатиот германски композитор Рихард Вагнер ја употребил како инспиративен показател за последниот дел од своите опери познати како „Прстенот на Нибелунзите“ или сагата за принцот Зигфрид.
Што се однесува до словенската митологија, таму нема самрак на богови, ниту се навестувал крај на светот. Наивност, простодушност или што? Се разбира, одговорот лежи во креативните можности на нараторот и реалното пресликување на секојдневието. Кај Арапите сѐ е едноставно приспособено на потребите на ова или она племе. Кинеската митологија опфаќа митови што се во врска со полубожествени или божествени суштества. И сето тоа во врска со митови настанати на територијата на Кина. Се разбира, описите како и во повеќето митологии се раскажани со изобилство хиперболи, метафори и апсурд. Таму дури имало и неколку најпознати митолошки школи (суанје, хуентјен, тјенган џуабеј…).
Денес сите активности на боговите и божествата се всушност потреби на политиката, а креативниот дел на медиумските активности е задача за големите медиумски куќи, кои се задолжени за нивното атрактивно претставување пред јавноста.
Не знам колку била сериозна политиката што пред сѐ ги бранела и ги брани економските интереси на по малку и одамна забеганата цивилизација (читај наметнатите методи, правила на елитите) ако се водела и води по правилото „целта ги оправдува средствата“? Едноставно, главниот инструмент за мир во светот и разбирање помеѓу народите (но не и помеѓу елитите), Обединетите нации, е втурнат во позицијата на периферен актер, кој само констатира, но не може и да дејствува. Поплаки, молби, убедувања. Тоа се неговите инструменти како на борец за правда меѓу народите. Но тој инструмент е агресивно притиснат од силата на боговите на империјалното самопрогласување. Имаме право да веруваме во тоа бидејќи реалност се разгорените пресметки на украинскиот фронт, на Блискиот Исток и каде не низ светот. Точно е дека војната помеѓу Иран и Израел започна со избезумен чин на нарасната омраза и дека по неколку дни заврши со декрет за нерешено или со двајца победници. И тоа е добро доколку се отстранат причините за чести војувања на оваа огромна територија, богата со нафта и други благодати од нејзината изорана утроба.
Дали сега на Евреите им е неопходна мудроста на Соломон, а на Персијците логиката и разумот на древниот персиски пророк Заратустра заедно со неговиот „култ на мудроста“ за боговите на војната да го доживеат својот Рагнарок? Веројатно и едните и другите си го посакуваат тоа бидејќи интензитетот на борбите што се водат без престан и со години ги негира мудроста и мирот и ја генерира омразата од изгубените жртви. Но не треба да се заборави дека раководствата на завојуваните страни беа чести патници за аџилакот кај своите „поддржувачи “.
Сега доаѓа моментот да се запрашаме во што да веруваме. Едните крвавеа за потоа да прокрвават и самите тие. Насобраниот чир полн со гнев и омраза прсна по само неколку воени интервенции. Притоа да не заборавиме дека заразената лимфа се шири на сите страни и поттикнува создавање нови чирови. Добропознатите причини поради кои се случи војната не се отстранети. Можеби нуклеарните капацитети се или оштетени или уништени, но гневот во народите насаден низ вековите, повторно и повторно се разгорува и носи нови страдања и катастрофи. За да престане сето тоа и народите да живеат во сплотеност и во заеднички просперитет, потребно е човекот да гледа со поглед полн милост, искреност и разбирање кон соговорникот кој нема каде да се иселува.
Во секој случај, се чини дека епилогот од митот за Рагнарок е одлична варијанта за решение на тензиите во светот, но притоа да нема можности за воскресение на привилегираните.