Авторитет во политиката мора да има, бидејќи тој најчесто е амалгамот што ги држи општествата и државите цврсти, доследни, па дури и демократски, подвлекуваат и забележуваат политичките аналитичари и колумнисти, оддавајќи притоа дека и во најразвиените демократии, авторитетот е деперсонализиран, а авторитети што не се втемелени на суштински демократски легитимитет треба да се оспорат.
Убава, но и широка непрегледна тема и за оваа доцна есен, вовед во една отворена суптилна дебата започната поодамна, која во нашето плурално живеење и размислување е присутна одвреме-навреме во вид на траги, коментари, скици и назнаки.
Најпрвин неколку реда за една од можеби клучните причини за трнливиот и сложен пат при создавање, градење и негување авторитети, особено на оние во политичката сфера.
Факт е дека сме мала и политички релативно неискусна средина, во која граѓаните имаат свои политички уверувања и толкувања. Но факт е и дека уверувањата и толкувањата многу често се изградени како цврст, севкупен и непомирлив поглед на светот. За тоа може да се увериме на секој чекор, при секоја средба, разговор со познати и непознати, со високи академски нивоа и со обичниот свет.
Во старт треба да се подвлече, нешто што е видливо со голо око.
Нашиот човек едноставно не трпи неистомисленици, а камоли авторитети. Константа, нешто како земјината тежа, против која е залудно да се војува. Постои само едно, а тоа е секогаш нашето мислење и уверување. Во другите, особено оние политичките, тие не постојат, тоа е темна зона во која се проектираат некакви задни намери, некакви лични интереси, анимозитети, политички скриени игри.
Неможноста за создавање вистински авторитети во политиката освен претходно наведеното, во голема мера е резултат и на стилот на однесувањето на голем дел протагонисти на нашата плурална сцена, кои политиката ја сфатија и практикуваа и пред сѐ и над сѐ како „конјунктурна дејност“. Ароганција, бескрупулозност, грабеж, корупција, егоистично и неморално однесување. Тоа е дел во низата причини што набрзина ги урнаа нивото и довербата во оваа сфера, за што сведочат многубројните анкети, рејтинзи и анализи, изборни резултати,.кои понираат до степен на кој се доведува во прашање и самата онтологија на поимот политика.
Тоа од една страна го стеснува просторот и го ограничува дејствувањето на вистинските авторитети, но и ја овозможува и верифицира тезата дека секој во оваа средина може да се поткрене и афирмира како авторитет, особено во конјунктурната и недоволно созреана сфера на политиката.
Ситуација безмалку апсурдна. Процесот на никнување и создавање на политичките авторитети во нашата плурална практика се трасира со методите на политичкиот шорткат и најчесто се одвива врз нереална подлога. Затоа многу од кадровските решенија во нашата политичка практика претставуваат импровизација, дневнополитичка бламажа и, се разбира, навреда за осиромашениот и деградиран електорат со реални последици.
Каков политички авторитет е можен во нашата мала и политички неискусна средина? Опстојува и преовладува мислењето за него како за ниво и човечки формат создадени најчесто од позиција на идеолошка определба, власт, моќ, интерес.
Препознавањето и почитувањето на правите вредности се силно отежнати и поради лажните авторитети, кои јавајќи на бранот на конфузната транзициска реалност, вешто ја избегнуваат вистинската проверка на критериумите и со тоа дополнително ја дезориентираат и отежнуваат детекцијата на вистинскиот авторитет.
Антиинтелектуализмот и дилетантизмот се нишки што постојано го сноват и ткаат својот пат низ нашите политички и културни животи, хранети со лажната идеја дека демократијата значи „моето незнаење е исто толку добро колку и вашето знаење“.
Иако преовладува мислењето дека кај нас секој може да се произведе во политички авторитет, малку имаме политички личности во вистинска смисла на зборот, луѓе во чија вредност беспоговорно би поверувале, се разбира во една рационална и поднослива мерка.
Авторитетот пред сѐ треба да претставува сила на нечие име изградено низ макотрпна практика како врвен критериум на вистината, поткрепено со конкретни резултати и достоинство, некој кому нагорниот од и височините не му ги зашеметуваат рефлексот и моралниот човечки интегритет. Некој во кого безрезервно би поверувале и беспоговорно би го следеле до степен на морална и културна подносливост,. некој што е подготвен своите економски, научни, уметнички, политички визии и, едноставно, човечки референци да ги вгради во напорите за општото добро, во реална и солидна човечка сегашност и иднина. Таквиот тип авторитет на нашата политичка сцена допрва се наѕира и профилира во ликот на чесни, вредни поединци со резултати, визија и искуство и пред сѐ со висока одговорност и етика, што ќе ја ослободи политиката од сфаќањето за неа како можност за профитерство, кариеризам, зона на бескрупулозни денунцијации, туку пред сѐ како заложба за општо добро, за конструктивна и нормална атмосфера.
Практиката е критериум на вистината, а резултатите на политичкото дејствување се огледуваат и верифицираат во реалниот живот. Следуваат генерација млади образовани и надарени политичари од позицијата и опозицијата, кои токму во вителот на историските премрежиња се појавуваат, зреат и трпеливо но сигурно се исцртуваат и верифицираат како наредни политички авторитети, на кои ќе им веруваме и ќе ги славиме.
Аљоша Симјановски