Има и други, множество други, и сите дисциплинирано го овековечуваат Прометеј според учебникот… Должни сме да бидеме претпазливи! Учебник не значи научно дело. Не е ни литературно дело. Учебникот нема автори. Само приредувачи. Учебникот е само законска обврска. Законот се произведува за потребите на законодавецот така што вредноста на учебникот не лежи во неговата вистинитост туку во силата на законот. Особено ако се усредоточуваме на историските учебници. Значи учебникот е во рамките на правото, но тоа воопшто не подразбира дека е во рамката на правдата.
Сега: назад кон насловот. Прометеј е поглавје во учебникот. Спаѓа во категоријата МИТ. Според учебникот, има едно име што стои како приредувач на митот. Хесиод во 8 век пред Богомладенецот. Роден во Азија блиску до Смирна под билото Олимп. Енциклопедијата „Британика“ му кладе прекар: МИТОТВОРЕЦ. Учебникот вели: во неговите дела: „Теогонија“ и „Дејства и денови“ ги претставил духовните вредности на древните традиции, врз чии темели стои европската цивилизација. Според истиот учебник, Хесиод бил неписмен. Според истиот учебник, тоа што го пеел било запишано околу 250 години подоцна. Според истиот учебник, оригинали не се најдени. Ама се зачувани околу 150 страници?!
Добро бе, драг читателу, што не го прашаш учебникот… нешто? Учебникот е добар и одговара… Хесиод го нема како оригинал, ама е најден како препис (транслитерација)? Од крајот на 10 и почеток на 11 век (во времето на македонската династија, најверојатно во манастирот Водоча). Изгледа и тој ракопис не се знае каде е, но се знае дека немал повеќе од 80 страници.
Имал-немал, денес ни библиофилите не можат да стасаат до тие ракописи (се вели дека се „пренесени“ во Париз?). Но да завршиме со криминалново романче.
За заинтересираните, секогаш на располагање е „оригиналниот ракопис“ на Хесиод издаден (и на секои 10 години повторно) од чуварите на минатото КЛАСИЧНАТА БИБЛИОТЕКА НА ЏЕМС ЛЕБ! Тој оригинал има 800 страници… (на секои 10 години се реиздава и секое ново издание има по некоја страница повеќе… „колку нови работи се открива! Чудо нешто“). Чаре?!
Шо прајме со Прометејо? Кој има 100 долари плас хендлинг енд деливеринг… а?
А да застанеме во Паркот на Мајката? Спроти Собранието? И да ја прочитаме скулпторско-архитектонската порака на скопскиот Прометеј. Да, точно тој што го плукаа шарените. И да – тој што го кичосуваа теоретициве и дипломативе… Ене гледате… има група странски туристи… и еве: слушате како професоро им раскажуe за гаќите… и еве, сега ќе се насмеат заедно… гласно…. Милина… ќе почекаме, потребно и доволно време… така… Сега. Еве ги прашалниците…
На кој јазик пеел неписмениот рапсод? Асирски? Персиски? Пајонски? Македонски? Хетитски? Коине сѐ уште не е скован, а грчкиот го исклучувам затоа што, според учебникот, во тоа време нема Грци. Кој е вистинскиот мотив на Прометеј? Што ја дефинира неговата задача во Феноменот? Каде лежи вистината на судирот со врховниот авторитет? Која е вистинската метафора за искрата скриена во трска? Чиј сојузник е орелот? Дали е инструмент на врховниот авторитет како казна или содружник на Прометеј во неволја? Дали Пандора е Пандора? Дали кутијата е кутија или доградба од Еразмо Ротердамски на почетокот на 16 век? Зошто е ослободен од основоположникот на македонската кралска лоза? Зошто Врховниот не го испратил Јапет како одговорен за морал меѓу боговите? Нели Јапет му е татко на Прометеј и е ред, ако му е простено на синот, тогаш морално нека го поучи татко му? Од кој Олимп (на коине МП=Б… ОЛИМП=БИЛО)… од кое било набљудувал врховниот?
Да не е од Олимп, билото кај Смирна? Зошто по ослободувањето, Прометеј му простува на врховниот? Зошто нема гнев и одмазда?! Како кураторката Гизела Рихтер го измисли ликот на Хесиод? Зошто бистата од Херкуланум, која е датирана во први век н.е., не би била копија на бистата од Хераклеја езерска, која е датирана во 4 век пр. н.е и во Филиповиот град стоела пред судницата? Дали Гизела знаела за бистата на Хесиод, која британскиот дипломат Вилијам Мартин Лик ја зел од Битола во 1851 година, а ја однел во Лондон? Зошто археологот Томе Јанакиевски ја публикувал бистата како Хомерова кога ликот на Хомер веќе бил востановен, а оваа биста воопшто не личи на одобрениот Хомеров профил? Што бараат коњите од Цариград во споменикот на Прометеј во Скопје? Дали крилестата убавица што лета над комплексот е FREEDOM или LIBERTY? Или ни фридом ни либерти туку Пандора како нераскинлив дел од митот за Прометеј и клучен во декодирање на митот!? Дали Пандора се спушта во споменичниот комплекс или левитира кон дедо и кон прстенот на Сатурн? Како е поврзана Надежта со Искрата од трската? Дали грнето на Пандора има дупло дно? Што би рекол Горан на тоа? Зошто сѐ уште остана недовршено дното кон кое гравитира и од кое левитира Пандора? Како е поврзано ова дно со дното на кратерот откриен во Херкуланум и на него се појавува изворното име на најубавата жена на светот, која е испратена да го заведе Епиметеј, а денес учебникот лажно ја претставува како Пандора? Ако учебникот тврди дека дното на кратерот од Херкуланум претставува најстар артефакт на кој е претставен митот за Прометеј (5 век пр. н.е.), тогаш зошто не го користи изворното име НЕСИДОРА? Дали Пандора е Пандора или НЕСИДОРА? Дали скалите со кои е обиколен споменикот се скали или седишта? Кога ќе започне претставата? На 8 септември? На 30 септември?
А за гаќите? Ништо не кажа за гаќите? И…
Точно е така, драг читателу. Тоа на меѓународен план, особено за ЕУ, се покажа како дипломатски фокус. За гаќите најдобро знае шведскиот дипломатски мандат Ларс Вахлунг. Тој цел мандат предано работеше на гаќите и му успеа. На крајот, во пространиот гарден на амбасадата, покрај базенот полн со млади девојки, организира за дипломатскиот кор и македонското МНР, свечен завршеток на должноста во Македонија. Во неговата завршна реч г. Вахлунг подвлече, истакна и нагласи дека САКА ДА ОСТАВИ НЕШТО ТРАЈНО ПО КОЕ ЌЕ БИДЕ ЗАПАМЕТЕН ВО НАШАТА ЗЕМЈА… и откри скулптура на млад гол човек со црна брада, со десната рака испружена кон базенот, во дланката конзерва холандско пиво и само по гаќи… оп, не беа гаќи… беше памперс-пелена со лепенки…
На крајот на свеченото обраќање (ова се случи на Денот на националниот празник на Шведска во 2013 г.) сите присутни со аплауз и смеење го поздравија ефектниот опис на извршената задача. Аплаудираа и нашите… На крајот, сепак чесно, Ларс призна дека идејата не е негова и дека овој перформанс како уметничко дело ќе го подари во архивите на британската амбасада….
Ете: сега знаеш каде се гаќите (нека ти текне: таму и еден друг британски амбасадор приложи артефакт пред 175 години)… но… признавам дека сакав да го избегнам ова прашање… отвора многу непријатни: во историјата на дипломатијата, само поради сомнеж фрлен на една или друга страна во разговорите се испорачуваат протестни ноти, се прогласуваат невнимателните амбасадори за „персона нон грата“… се започнува воен конфликт!
Можеш ли да се сетиш дека тогашниот министер за надворешни пројави каква и да е реакција на грубиот идиотизам на бившиот претседател на Комисијата за исчезнати лица на ЕУ, Ларс Вахлунг… ќе речеш: и тој аплаудираше…
Да речам, така е… или да се послужам со исповедта на еден Македонец од Црна Гора… само да го издржам ова патување пред да ја препознаат татковината… и пцоста во мене… пред да ги одделам на пристојно растојание… една… од друга… Боже… го одбрав ова патување за биднината (неа може да ја заебе само: ’ртот на добрата надеж)… се отвораат мрачните понори на ајкулите и другите морски немани… зјапаат… бараат нешто од мене… Татковината помалку бара (jас… помалку барам од неа)… уште колку пари, комар гнаса… им се неопходни на моите морнари, па да го запрат лудилово… ова ќоро патување…
Уште колку илјадници милји слепило, „па да е доста за мојата татковина“…
Добро. Доста со поплаки. Сега сакам да изразам почит кон Прометеј – твоето архитектонско и скулпторско дело Томе Аџиевски. Ние не се знаеме. Јас не го познавам твојот скулпторски опус. Ти не можеш да знаеш дека фокусот на мојата теоретска работа се токму спомениците и дека на темата архитектура и уметност имам курикулум од меѓународен, југословенски и македонски броител. Оваа реченица е предуслов за да нагласам дека она што јас го читам од твоето дело е сосем спротивно од сѐ што досега се објавило како „рецензија“ за твоето дело. Го карактеризирам таквиот напор на критизерите како студентски труд што има намера да се додвори до професорот за да добие подобра оценка. Додека си во клупа никој не ти кажува дека уметноста и науката се поврзани со знак на равенство. Нивната заедничка цел е ВИСТИНАТА.
Често уметноста открива нешто што подоцна науката ќе го промовира како свое капитално откритие. Тоа се случува затоа што уметноста е постара наука од науката, особено од специјализациите по Рене Декарт. Степенот на асимптотското приближување до вистината ја прави градацијата на уметничкото до ремек-дело. Тоа е основниот критериум. Знам за множество уметнички скулптури што се обидувале да го осветлат митот на Прометеј. Некои заслужуваат високо внимание. Но ниеден за кој знам не се доближил до вистината како скулпторската фуга што ти ја кристализира во Паркот на Големата Мајка овде во Скопје. Само исклучително надарен творец можел да биде одбран за да ја донесе вистината за првиот научник ПРОМЕТЕЈ.
Томе Аџиевски, ти си бил одбран овде, сега, да ја соопштиш вистината за оваа сегашност. Честито!
Вангел Божиноски
































