Промени на геополитичката шаховска табла

БОРБА ЗА ПОВЕЌЕ ПРИЈАТЕЛИ ВО НОВИОТ СВЕТСКИ ПОРЕДОК

Македонија, покрај својата правилно избрана стратегиска определба, неопходно е да изгради партнерства со земјите во развој. Ни треба стратегија што ќе биде одговор на променетите меѓународни околности.
Во меѓународните односи ништо не е вечно, па ни империите. Светот видел многу цивилизации што се родиле, ја прошириле својата власт, триумфирале над околностите, владееле со „познатиот свет“. За потоа да се распаднат поради различни, но меѓусебно поврзани причини. По падот на СССР, САД станаа единствената империјална сила во светот, или барем така се чинеше во т.н. униполарен момент. Социјалистичкиот свет остана затрупан во урнатините на Берлинскиот ѕид, а САД станаа хегемон. Глобализацијата доби облик на американизација, а Мекдоналдс ги проби границите, кои беа пресилни дури и за военото устројство на Пентагон. Но нештата се менуваат.
Западните елити го уверуваа светот дека конечно живееме во свет на споделени вредности, чие потекло е, секако, во западната цивилизација. Тие беа прикажувани како мирољубиви, и тоа преку становиштето за „демократски мир“, односно дека моќта веќе не е во воената превласт како клучен двигател во меѓународните односи, туку во ширењето на демократските вредности и слободата на пазарот. Олицетворение на оваа теза долги години беше Френсис Фукујама, чие дело „Крајот на историјата и последниот човек“ беа сметани за теориска основа на новиот светски поредок. Сѐ додека нештата не почнаа сериозно да се менуваат, па и Фукујама мораше да напише уште доста трудови за да објасни зошто во светот не завладеа кантијанскиот мир по западна мера.

Униполаризмот е мртов

Структурните реалисти, како Кенет Валц, од поодамна тврдеа дека ќе се појават сили што ќе ги предизвикаат САД и ќе настојуваат повторно да воспостават системска рамнотежа на моќ.
Во тој поглед предничи Кина, која за само три десетлетија, од земја во развој прерасна во светска стопанска сила. Имајќи го првенството во сите гранки на индустриското производство, кинеските научници се предводници и во развојот на системите на вештачка интелигенција, генетски инженеринг и револуционерни ИТ-решенија. Пекинг ја создаде Шангајската организација за соработка како алтернатива на НАТО и ја разви и Азиската инфраструктурна инвестициона банка како алтернатива на СБ и ММФ. По нивниот светоглед „средишното царство“, како што и денес Кинезите си ја нарекуваат државата, во иднина повторно ќе владее со светот.
Територијално најголемата земја Русија, која беше речиси заборавена по распаѓањето на СССР, по неколкугодишен политички очај, почна да го заживува своето стопанство и воспостави цврста (иако авторитарна) централна власт. Нејзиното враќање на светската сцена е повеќе од очигледно, па веќе не зборува за втора студена војна… туку за трета светска војна.
Земјите во развој, кои засега имаат пониско ниво на влијание на тековите на светската политика, како Индија, Бразил, Мексико, Јужна Африка, заземаат сѐ позначајно место на големата шаховска табла. Сведоци сме на сериозни промени на Арапскиот свет и повторна проминенција на исламските размисли. Турција се наметнува како сериозен регионален играч на Балканот. Накратко, над Земјата веќе сјаат повеќе сонца.
Како што вели Самуил Хантингтон, главна определба на развојот на светскиот поредок во иднина ќе бидат цивилизациите што соединуваат групи земји со слични социолошки, културни и верски вредности. Во светот се јавуваат нови средишта на моќ, што на светскиот систем му дава карактеристика на мултиполарен свет.

Македонија во ЕУ, но и со земјите во развој

Македонија како своја стратегиска цел ја има зацртано ЕУ. Впрочем ние, цивилизациски, културно, историски и духовно, припаѓаме во семејството на европските народи. Унијата е заеднички дом чии демократски вредности и стандарди треба да ги спроведеме за нашата благосостојба и напредок. Но, како и секој сојуз, и овој се соочува со свои проблеми. Од економските шокови, преку подемот на радикалната идеологија, па до предизвиците на климатските промени – ЕУ е ставена на испит. Овие предизвици можат да бидат надминати само преку наднационална соработка!
Македонија, покрај својата правилно избрана стратегиска определба, неопходно е да изгради партнерства со земјите во развој. Ни треба стратегија што ќе биде одговор на променетите меѓународни околности.
Активно учество во кинескиот проект „Појас и пат“, кој по углед на стариот Пат на свилата воспоставува коридор од Европа до Азископацифичкиот Регион. Покрај големите можности за инфраструктурен развоj, учеството во најголемиот инфраструктурен проект во човековата историја ни дава можност за заемно продуктивни односи со регионот што, според многумина стручњаци, ќе биде средиште на идните политички и економски текови.
Македонија, исто како и остатокот од Европа, е економски и енергетски врзана со Русија. Впрочем, споделената култура и традиција може да биде појдовна точка не само за трговија туку и за научно-технолошка размена и усовршување на нашите стручњаци. Илјадниците, десетиците илјади санкции на ЕУ само ги ослабеа земјите членки, додека Русија забележа рекордни профити од продажба на суровини.
Најпосле, со латиноамериканските земји споделуваме слични структурни, економски и социјални предизвици. Преку споделување искуства и продлабочување на контактите можеме да работиме на размена на најдобрите практики во заемна корист и понатамошни социјални реформи.

Повеќенасочна дипломатија

Неопходно е Македонија да остане на патот што води кон членство во ЕУ, пред сѐ преку длабоки институционални и општествени реформи. Но во светот на мултиполарноста, нужно е да работиме на мултивекторска дипломатија со цел изнаоѓање на што повеќе стратегиски партнери, како во областа на економијата така и во политиката.
Ова се постигнува со професионалци што ќе ја претставуваат нашата земја на светската сцена. Овие цели на мултивекторската дипломатија бараат услови и капацитети за успешно реализирање. Ова подразбира професионализација на дипломатската сфера во Македонија, наместо политички амбасадори, ние мора да испраќаме кариерни дипломати што се квалификувани за работата и имаат големо познавање на геополитиката на регионот, со цел ефективно извршување на целите и функцијата на позицијата амбасадор. Македонија мора внимателно да го обезбеди своето место на големата шаховска табла на геополитичката стратегија.

Авторот е дипломиран политиколог, еден од најдобрите студенти на УКИМ во учебната 2020/2021