Сезоната на македонскиот клупски ракомет стартува околу празникот на независноста. Вардар доаѓа со нов состав и многу прашалници околу тренерската позиција, додека Пелистер ја задржа базата што освои титула и е благ фаворит за повторен успех. Охрид ја зголеми конкуренцијата со сериозни засилувања, правејќи го домашното првенство поинтересно од кога било. Алкалоид созреан за прв трофеј во првенството?
АНАЛИЗА 2025-2026 (втор дел)
Македонскиот клупски ракомет (а и оној европскиот) се враќа на менито. Некако непланирано, но веќе традиционално, сезоната на куцање по тастатура и солење памет започнува токму околу еден од најголемите празници од поновата историја – долго посакуваната независност. Ден што од една страна е симбол на можноста сами да ги кроиме сопствената судбина и иднина, а од друга – цврст доказ дека знаеме и умешно да возиме „рикверц“ кон комплетна девастација на општеството. Ќе биде подобро, мора да биде.
Што може да очекува еден ракометен навивач во Македонија по онаа трилер-завршница во „Јане“ во јуни?
Спортот, таков исконски, чист, каков што барем ние сакаме да биде, не може да даде повеќе од тоа што се случуваше минатата сезона, „вечните“ да добијат/загубат титула со триумф на гостински терен, иако очекувавме околу конечниот исход на табелата повеќе да се прашуваат „сините“ од Охрид и Автокоманда. Дали конечно дојде време оваа година завршницата на „најквалитетната лига на Балканот и пошироко“ да добие нов расплет, во однос на тоа кој ќе решава за титулата, па и повеќе од тоа, дали е дојдено време за нов титулар, надвор од „вечните“?
МЕЧКА „ПОД НОЖ“, ВОЈВОДАТА ВО АУТ, КОЈ ЌЕ ГО ДРЖИ ВАРДАР ИСПРАВЕН?
Најинтересно ова лето беше кај „двократниот“. По секоја основа. Екипа со многу нови играчи и уште повеќе прашалници. Во однос на составот, во однос на „шефот“ на клупата во име на легендата на клубот, но и во однос на односот што најголемиот спортски бренд го има спрема луѓето што направиле нешто за клубот. Веќе познато и раскажано. Војводата не заслужи ваков третман, и тоа не е проблем само на Вардар, само на спортот, тоа е проблем на државата. Затоа и таа, а и клубовите во неа, ни изгледаат како „тиква без корен“.
Притисокот над Чупко е тука, создаден е од луѓето што спортски го водат клубот и кои го поставија како тренер на веќе составена екипа; од јавноста, но и од самиот Чупко, кој го донесе својот брат во Скопје, божем одиме на „мали голчиња“ да играме, па јас ќе го земам бате во мојата екипа. Времето ќе покаже. Чупко беше голем играч, со нескршлив карактер и улична школа. Роден победник со карактер, со еден куп титули и медали со „тежина“, едноставно човек за кој може книга да се напише. Но истиот тој доаѓа да „вози ферари“, а за возачка ќе полага во јуни. Барем ние тука си мислиме така, ќе видиме колку научил од чичко Талант и од Маго ди Умаго.
Доста озборување. Да видиме што испазари Вардар летово. Дојдоа седум-осум странци и двајца Македонци, плус тројца странци во стручниот штаб. Многу или премногу за еден клуб да изгледа сериозно, а да смени 60 отсто од екипата. И тоа на фундаментални позиции, создавајќи екипа, а нема тренер на клупата. Состав на многу прашалници, но и солиден капацитет. Митровиќ е силен, но тешко ќе влезе во каков било систем каде што се бара одговорност во играта. Марчинијак сѐ уште не знае дали е во Скопје или Пулави, а Јака Малус допрва ќе го оправдува статусот. Борозан не знаеме каде е и дали сѐ уште ќе биде во ракометот. Се надевам дека Талески и Чера Атанасовски, па и Танкоски ќе „трошат“ минути. Се гледа дека некогаш најголемиот талент на македонскиот ракомет „не го играле многу“ на Иберискиот, Марио неодамна доби „шут-карта“ како прекуброен, па сега е сламка на спасот на „шефот“, а Чера не бил во ваква средина, каде што притисокот е огромен. Но ќе бидат корисни, убеден сум.
Сепак, главен проблем на Вардар во моментов е повредата на Милан Лазаревски-Мечка и нејзината санација, која хируршки се реши, со доцнење од неколку месеци. Недолично за двократен европски шампион. Требаше Чупко да дојде за да го сфатат и, адекватно на тоа, да го решаваат проблемот сериозно. Нејсе. Мечка ќе фали во два правца, ќе фалат неговата енергија и лидерство. Вардар сега личи на Пелистер од пред две години. Секој си брка својата работа, а колективот „кој го шиша“. Го нема Војводата на клупа, а на одреден период ќе го нема и Мечка на терен. Коренот е сериозно разнишан.
Тактички гледано, Вардар (со враќањето на Мечка) ќе има конкурентност на централните позиции, со опции за играње 5-1 зона, со висок и низок играч на преден, без потреба од измена напад-одбрана. Проблем, слично како и во Охрид, може да биде зависноста од еден играч, во името на Хорига, во ситуација кога Борозан е аут, а Тале засега не е корисен како напаѓач. Во таа ситуација, напад со двајца „разигрувачи“ и минимум една измена е реална ситуација. Сепак, очекувам Вардар структурно „скоцкан“ да го видиме од 1 декември натаму.
РУБЕН (ЌЕ) УЧИ ВО ОД – БИТОЛА (ЌЕ) СЕ КРСТИ ВО КОСТУРОТ ШТО ОСВОИ ТИТУЛА
Слично на својот најголем ривал, и шампионот на Македонија прво избираше играчи, па на истите тие им додаде „стручњак“. Повторно, слично како Вардар, и Пелистер се реши за тренер со минорно искуство (и самиот го изјави тоа при доаѓањето во Македонија), поранешен играч од солиден калибар и човек што доаѓа од систем и држава што, во однос на тоа како ги продава тренерите и нивната врзаност како свински црева, потсетува на оној во српската кошарка. Првите импресии на играчите во клубот, во однос на Гарабаја, се позитивни, а расплетот кон крајот на мај ќе му ја одреди судбината. Дотогаш, Рубен ќе се учи како да води екипа, „ќе расте заедно со неа“, ќе создава CV од ЛШ, и ако излезе нешто како Лајпциг, дим да го нема. А ние тука, прстот во уста и пак ќе чекаме „мршојадците“ од менаџери да ни продадат нешто бајато или недораснато. Кога не веруваме во нашите тренери и не им даваме да возат „бесни коли“, па ако се ербап да ги имаме тука на долги патеки. Ајде, здравје!
Како и да е, во отсуство на тренер, управата на Пелистер се чини дека испазари подобро од конкурентот. Барем на прва топка изгледа така. Но, уште поважно, го задржа костурот што освои титула и знае што треба за да го повтори „филмот“. Фитиљ, Св. Никола, Жаре, Деки, Хосни и Тајник се основа на оваа екипа, со Богдан и Илија како сериозна поддршка. Можеме да кажеме дека Битола е благ фаворит за титула токму поради оваа база од играчи, домицилни или асимилирани, нешто што Битола го немаше пред Фитиљ и Св. Никола. Од она што го пазареше ова лето, Иранецот, иако на еден натпревар, со односот и статистиката покажа дека ќе биде засилување, а од неговата повреда се роди и уште една сериозна опција на голот, младиот Давид Брестовац, кој сега и официјално е во сериозна конкуренција за место во тимот. Левучарите Видомски и Хекбарт нема да носат игра и да креираат разлика, но ќе бидат солидна замена во преку потребната ротација, во ритамот среда-сабота. Валид и Хенингман се напаѓачки сериозно ограничени, но не се и големи потрошувачи на топки. Ќе бидат дел од сериозен бедем пред голот на Пелистер, заедно со Абутовиќ и Павле Атанасиевиќ. Напаѓачки, и годинава тимот во голема мера ќе зависи од двоецот Фитиљ–Тајник, соработката со Жаре и моменталната инспирација на Хосни и Павле. Очекувам „браќата“, пред сѐ поради нивната комплетност во играта, во два правца, да имаат убава минутажа, особено во констелација кога Жаре не игра зона, Деки, па и Тајник мораат на „краен“, а Хенингман е релативно неупотреблив во напад. Или „браќата“ на позиции 4 или 5 (зависи за кого станува збор) или опцијата со две измени. Две измени во модерниот ракомет, со ривал како Алкалоид или тимови од ЛШ, не се баш опција што ветува успех.
Да резимираме.
Пелистер повторно е фаворит за титула, годинава многу, многу потешко од минатите години (иако не знам што е понеизвесно од лани), но во однос на освојување бодови во Охрид и Автокоманда. Има костур што освојувал, уиграност и најдобри голмани во лигата. Евентуална повреда на круцијален играч и притисокот на чкембарите може да бидат камен на сопнување. Алкалоид е фаворит број два, многу блиску до битолчани, пред сѐ поради стабилниот ростер, сериозната уиграност, поради клупата, но и поради филозофијата на игра, која е единствена во лигата. На Вардар мислам дека ќе му треба време да проработи и да освои бодови со конкурент во лигата, а бодовите се пренесуваат од есенскиот во пролетниот дел, како промена на новата власт во ракометот. Тоа бара будност и константност, од првото коло. Вардар, доколку не се консолидира, може да заврши трет, па и четврти, иако тоа е тешко веројатно. Охрид за почеток ќе се обиде дома да земе бодови против големата тројка, а во некои нокаут-натпреварувања, како завршницата на Купот, во еден натпревар да освои трофеј. За титула во првенството или место на водечките две, ќе треба уште многу вода да помине низ Охридско Езеро.
БОРБАТА ЗА ПЛЕЈОФ ВО ВТОР ПЛАН, РЕГРУТИРАЊЕТО ПРВ ЕШАЛОН МАКЕДОНСКИ ИГРАЧИ – ПРИОРИТЕТ
Борбата за плејоф е исто така суперинтересна. Дури пет екипи: Пелистер 2, Прилеп, Бутел, Пролет и Тиквеш. Тоа се екипи каде што доминантно шанса добиваат младите македонски играчи, кои се на едно скалило до „кремот“. Пролет храбро ја уфрли 2008-та во сениорскиот состав, Бутел сега во нова улога привлече талентирани деца и ќе им даде шанса да се развијат, Двојката со својата филозофија, но и со еден дел потрошени таленти, ќе има што да каже, Прилеп повторно е стабилен финансиски и тоа е доволно да биде проблем за секого од оваа група, а Тиквеш, кој најмногу менуваше, со Грчевски ќе биде екипа што е комбинација на млади македонски ракометари и искусна поддршка од странство. Во секој случај, за мене лично, оваа група е исто толку важна како онаа погоре, во различна насока, не поради тоа кој ќе игра плејоф (за кој само на нас неколку стотини ни е важно), туку да видиме кој од овие ќе „лансира“ повеќе играчи на повисоко ниво.
Аирлија!
крај
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“