Во дербито на колото, Пелистер убедливо го совлада скопски Алкалоид
Пречекан како супер спортски „душман“ од рангот на Скопски Вардар, Алкалоид, синоќа го доби најголемиот комплимент за една, според временската рамка на постоење, млада екипа, која постои само три години, а веќе е „трн во око“ на (нај)големите. Респектот кој го покажаа Чкембарите со полнење на салата, а на терен го потврди и Мистер Раул Алонсо и неговата „набријана“ дружина играчи, имплицира сериозност и пристап кон играта кој, според мене, го одлучи натпреварот, имајќи предвид дека Пелистер е објективно поквалитетен.
Богат ракометен ден беше понеделникот во Македонија. Со Виктор од „Само ракомет“ утрото ја стартувавме приказната на панел дискусии, од кои првата имаше работен наслов „Ракометот е спорт број 1?“. Ми беше драго да се вклучам со се што можам да помогнам, со главна цел, како и секогаш, да се зборува за ракометот, за убавите работи, за помалку убавите и проблемите, за популарноста на истиот, за базата и каде е таа како квантитет и застапеност, во однос на другите спортови. Од бројноста на присутните, нивниот статус во мак ракометот, од „висината“ на специјалните гости и нивното учество во панел дискусиите можеме да кажеме дека „нема зима“ за ракометот, само да не дозволиме да „заспиеме“ на тоа уво.
Голема обврска за идните изданија!
РАКОМЕТНА БИТОЛА СО ГОЛЕМ РЕСПЕКТ СПРЕМА АЛКАЛОИД- КАКО КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА ТРИУМФОТ
Денот заврши со натпревар од супер-лигата, помеѓу два претенденти за највисок пласман во македонската ракометна лига, домаќинот и актуелен шампион, Еурофарм Пелистер и освојувачот на Купот, Алкалоид. SOLD OUT или распродадено, „викаше“ една објава на официјалните друштвени мрежи на Битолчани, неколку дена пред самиот натпревар. Она што го видовме во „Боро Чурлевски“ пред и за време на натпреварот, го потврди истото и потврди уште многу други работи, пред се дека само и само ракометот во оваа држава, моментално може да наполни сала и да приреди шоу за секој Македонец. И точка. За другите сегменти од ракометот што ги спомнав погоре, ќе се бориме и ќе се избориме да бидат подобри, затоа што тоа е процес што не престанува да се движи.
„Забревтан“ и полетен, опиен од успехот во Европа, полн со самодоверба и супер позитивен резултат од првиот дуел во Автокоманда, до синоќа, суперсоничниот Алкалоид, „слета“ во битолскиот вулкан. Вистински навивачки вулкан. Пречекан како супер спортски „душман“ од рангот на Скопски Вардар, Алкалоид, синоќа го доби најголемиот комплимент за една, според временската рамка на постоење, млада екипа, која постои само три години, а веќе е „трн во око“ на (нај)големите. Респектот кој го покажаа Чкембарите со полнење на салата, а на терен го потврди и Мистер Раул Алонсо и неговата „набријана“ дружина играчи, презентирајќи сериозност и пристап кон играта кој, според мене, го одлучи натпреварот, имајќи предвид дека Пелистер е објективно поквалитетен.
МИСТЕР РАУЛ Е РАКОМЕТЕН МАНГУП
Напоменав, во една моја колумна, веднаш после пристигнувањето во Битола, дека Мистер Раул е голем мангуп кој од старт знае како да ја купи битолската публика. Сепак, како одминува времето, особено после зимската пауза, и оние натпревари во Лисабон и дома со Динамо Букурешт, се повеќе се наметнува констатацијата дека Мистер Раул е многу повеќе од мангуп, тој е ракометен стручњак, кој знае да анализира противник, постави игра и да мотивира екипа и најважно да направи истата таа да гине за него, или за клубот или за градот и Чкембарите. Сеедно. Резултатот е ист.
Густа 6-0 зона во средината, со супер брзиот, цврст и агресивен Атанасиевиќ и искусниот Абутовиќ на 3 и 4, релативно плитка, тактички поставена да удвојува кај Брус Ли, и да брани топки од „пас“ игра, горе спрема високите пивоти, зона која има задача да му брани дијагонала на голман и да „покаже мускули“ при секој дуел со противникот. Зона, која го анулира главното оружје на Алкалоид, на поставен напад, дуел играта на Митев и соработката негова со останатите бекови и пивотите. Во таква ситуација, принудени да шутираат од надвор, без голем капацитет за истото, со претходно, добро направен договор на зоната и голманите, Велковски, Серафимов, Митев и останатите бекови беа лесна мета за „Свети Никола“ на голот на актуелниот шампион. Како никогаш до сега, Алкалоид беше спуштен на едвај двоцифрен број погодоци во првиот дел, и едноцифрени 9 погодоци во вториот дел.
ФИТИЉ – ДОВЕРБАТА ОД КЛУБОТ И СТАБИЛНОСТА ОД НОВОФОРМИРАНОТО СЕМЕЈСТВО
Секако, за вака мал број на погодоци, не беше „виновна“ само одбранбената зона на битолчани, туку и нивниот напад, предводен од феноменалниот Кузмановски, кој дефинитивно го подигна нивото на игра , во споредба со пред година дена, кога се врати од Бундеслигата. Веќе е јасно, Фитиљ е новиот војсководец на битолската армада, двигател на екипата, голем мотиватор и квалитетен ракометар, кој синоќа беше нерешлив проблем за зоната на Алкалоид. Фасцинантно е колку Фитиљ созреа, „носејќи“ го тимот, решавајќи натпревари. Морам да забележам, дека веројатно, голема, да не речам огромна улога во созревањето на Фитиљ имаат два сегменти: големата доверба од страна на фамилијата и структурите на клубот и факторот на смирување и созревање преку оформување семејство и добивање своја челад.
Кузмановски ниту може, ниту пак беше единствениот играч во нападот на битолчани. Комплетниот ростер одигра на ниво. Богдан погоди и од игра и од седмерци, Цветан исто така, кој после одреден период стартуваше важен натпревар и покажа квалитет, Тајник влечеше и напаѓаше, пивотите си бркаа работа, па дури и Борзаш, кој на моменти влезе, даде знаци на живот и потегна по голот на Галец и Кизиќ. Буквално се функционираше и беше на ниво. Но, мене еден играч ми запна за око. Осуама (веројатно го погодив името) Хосни. Странец бил, старец бил, абре овој гине на терен во два правци, 60 минути. Достојно за добивање битолски пасош и негово нотирање во овие редови.
НАПАДОТ НА БИТОЛЧАНИ ГО ОГРАНИЧИ АЛКАЛОИД НА МАЛКУ ПОГОДОЦИ
Привршуваме.
Нападот доби многу дуели, и постигна и повеќе од пристојни 33 погодоци. Нападот направи нервоза во зоната на противникот, но и меѓу голманите, кои немаа свој ден. НО, најважно, нападот на Пелистер не дозволи транзиција на противникот, не дозволи лесни погодоци, како уште еден важен фактор во конечниот триумф. Немаше можност за полуконтра и директна контра, барем не во доволна мера Алкалоид да биде конкурентен во Битола. Мистер Раул не дозволи брз центар блокирајќи го Бинго.
Овој пат нема да „масирам“ за Свети Никола од Битола, затоа што веќе на сите ни е јасно што претставува тој за Пелистер и македонскиот ракомет.
Што се однесува до гостите, „не игра“ Марко, не игра тимот во напад, особено во ситуација кога негова поддршка на левата бековска позиција е странец, кој барем досега, не покажа дека е додадена вредност на тимот, и можеме да очекуваме во јуни да го „спакуваат“ за сончевата Португалија. За нотирање е настапот на Симба Ѓоргиев, кој беше единствен од задната линија, кој одигра и храбро и достојно на едно дерби, без разлика на неговите грешки и промашувања. Плитката и на моменти груба зона, ги остави на дистанца од голот на Никуч, бековите на Алкалоид, а дел од нив „поттикнати“ од се што се случуваше во сала, на моменти „се додаваа“ со противничкиот голман.
АЛКАЛОИД ЌЕ НАУЧИ НЕШТО ОД ДЕБАКЛОТ ВО БИТОЛА – ПОТПИШУВАМ!
Завршувам.
Приближно лани ова време „двократниот“ на основа на трите столба триумфираше во Автокоманда, а нешто подоцна во текот на сезоната, и Пелистер одиграа сличен натпревар, во кој, предводен од Бранко Ангеловски, не дозволи брканица и убедливо „се прошета“ до триумф над неговиот довчерашен клупски колега. Периодот е ист, рана пролет, после голем настан на нашиот национален тим. Тежок период за тимот на Лазаров, исполнет со критики, скепса и недоверба за патот кој го оди тимот, и начинот на кој се оди истиот. Дојдоа подготвителните натпревари со Романија, бараж натпреварот со Фарски Острови на гостински терен, како своевидна кулминација…
Знаеме како заврши таа приказна за Македонија со „фараните“, кој го освои Купот, па и супер-купот малку подоцна. Ќе научи нешто Алкалоид (читај Лазаров) од дебаклот што му се случи во понеделникот во Битола, за почеток на дел од играчите да им ја „истресе“ водата од ушите, и ќе се врати уште посилен и поопасен. Сигурен сум.
А и праксата го покажува тоа.
П.С. Кој е крив за Батакот, зарем е важно кој е крив?
Се гледаме во сала!
Горан Ѓоргоноски
Авторот е поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот „Ракомет за секое дете“