(Или како треба македонските писатели да си ја сакаат татковината)
Се чудиш, драг читателу, од каде, пак, сега во нашата колумна рускиот поет. Оттаму што јас отсекогаш најмногу сум ги ценел поетите кај кои естетиката и етиката стојат во реална рамнотежа. Имено, идеално е таков Борис Леонидович Пастернак, како што се такви впрочем и неговите современици: Ахматова, Цветаева и Мандељштам. Колку што е голем во својата поезија, толку е голем тој и во својата етичка и морална доблест. „Не треба да правиш архива“ гласи почетниот стих од една негова песна, кој ја објаснува неговата скромност на творец. А во една друга песна вели: „Поезијата не е прошетка низ поле“. Како неговата душа елементарно здрава, чиста, но и проткаена со моќен метафизички импулс е и неговата поезија сосредоточена на темата од која таа ги црпи сите свои сокови: природата во сите севозможни богати клавијатури и варијации. Затоа, имено, и вели во таа смисла Цветаева дека Пастернак не пее за дрвото, туку самиот е дрво. Брилијантна е уште споредбата на Цветаева на Пастернак со футуристот Мајаковски, земајќи ја молњата како метафора. Вели: разликата меѓу нив е во тоа што Мајакоски сака да ја види молњата во електричната пегла, а Пастернак на небото во облаците.
Пастернак е елементарно едноставен како Пушкин и проткаен со метафизичка рефлексија како Тјутчев. Идеална синтеза. Од него преведов 3.000 стиха и ги објавив во посебна книга во едицијата „Светска книжевност“ на владата на Груевски. Фасцинантна поезија и поет што ме фасцинирал и со неговата етичка и морална доблест. Доблеста што е карактеристична и за многу други моќни руски поети, за тие што судбински страдале во суровата епоха на Сталин. Станува збор за Советска Русија по револуцијата, кога Сталин буквално ја сфатил и ја применувал формулата на Ленин „На пролетерската власт сè ѝ е дозволено“, па така во неговите сурови логори умираат безмалку толку луѓе колку што загинале во Втората светска војна. Во едно такво „смутное времја“ (Пушкин) никој чесен и храбар (бидејќи чесноста и храброста се синоними) творец не бил сигурен за својот живот. Плус ако е тој и генијален, опасноста е уште поголема. Многумина од нив кога биле претресувани се збогувале и со своите ракописи што им ги одземале од тајната служба и не им биле враќани. Имено, токму и затоа Надежда Мандељштам, сопругата на Осип Мандељштам, и ги научила напамет сите негови песни за да ги спаси од исчезнување. Подвиг за восхит.
Да. Тоа е време во кое чесните, храбрите и генијалните страдале, а медот го собирале подлизурковците и ласкачите на власта и диктаторот, иако и тие никогаш не биле сигурни за себе. Е, во тоа и такво време творел и Борис Леонидович Пастернак. Тој не бил забранет од цензурата да не објавува како Ахматова 15 години, ниту ја доживеал страшната судбина на пријателот Мандељштам или Цветаева, но пак не бил лишен од мартирско страдање, иако му бил „симпатија“ на Сталин, кој лично му телефонирал и барал од него мислење за некои поети. Но и покрај навидум „привилегираната“ позиција, Пастернак не бил спокоен, како што може да ни се чини тоа кога ја читаме неговата поезија во која плиска дождот, галопира ветерот, цвета пролетта и бликаат потоците, како самата душа на поетот да се растворила во таа ведра пантеистичка слика. Не. Тој творел на штрек и како да го претчувствувал интуитивно големиот удар на судбината, кој не можел да го одбегне. И тој удар бил амбивалентен и парадоксален: Нобелова награда. Сега во времето на Хрушчов, по смртта на Сталин. Но сеедно, сè уште не била избркана неговата сенка од душата на епохата.
Нобеловата награда се вртела повеќепати, како што ќе се покаже подоцна, и како некоја зла коб околу Пастернак. Најпрвин тој бил предложен за неа од англиските писатели во 1947 година, а потоа бил во тесен избор и во 1954 година, кога ја добил Хемингвеј. Таа го сакала него како невеста, како нејзин избраник, и најпосле стигнала кај него на 25 септември 1958. Но радоста на поетот била кратка и речиси веднаш се претворила од радост во драматична психолошка агонија. Имено, проблемот за хајката организирана против него бил романот „Доктор Живаго“ за кој тој ја добил наградата. Тоа е љубовна судбинска приказна меѓу Живаго и Лара, чиј романтизам на крајот има трагичен печат. Романот е објавен во Милано, Италија, во печатницата на комунистот Фертинели, што предизвикало дополнителна врева и невроза манифестирана во хистерија кај руските писатели подлизурковци на власта и кај бирократијата на политичкиот естаблишмент. Главната причина за нападот била демек што делото на Пастернак ја изневерувало линијата на сè уште доминантната естетика на социјалистичкиот реализам, како и воопшто класичната традиција на руската литература, заглавувајќи божем во буржоаската естетика на капиталистичкиот Запад, која ги велича „тривијалната“ љубов, спокојство и среќа. А тука секако била и зависта на просечните и потпросечните писатели вглобени во запчениците на коруптивниот систем. Така и бргу-бргу четириесетина од нив ја потпишале против поетот Резолуцијата на претседателството на управата на Сојузот на писателите на СССР, во која тој се обвинува дека е „против традицијата на руската литература, против народот, против мирот и социјализмот“ и дека како таков заедно со својот роман „станал оружје на буржоаската пропаганда“. Наречен е покрај другото и „шугава овца“ одделена од здравото стадо.
Јажето сè повеќе се стега околу вратот на Пастернак. Првичната радост сè повеќе и повеќе се претвора во тешка несоница, јанѕа и агонија. Едно време, како што тврди неговата секретарка и љубовница Олга Ивинска, тој доаѓа и до раб на самоубиство, иако за да се ослободи од кошмарот веќе и ѝ испратил куса телеграма на Шведската академија дека ја одбива наградата, со извинување дека не е во состојба да отпатува во Стокхолм. А не бил во можност затоа што се плашел по хајката што се кренала против него, дека ако отпатува на церемонијата, таму ќе му ја затворат границата за назад. Оти тој едноставно не можел да живее без Татковината. Во долгите несоници и психолошка болка, како одговор на сè што се случува околу него тој ја пишува песната „Нобелова награда“, чиј прв стих гласи: „Пропаднав. Како ѕвер ме гонат.“ Колку за некој вид колку-толку катарза. Но иако ја одбил наградата во име на љубовта кон татковината, неповторливо величествен гест, агонијата не се повлекува. Наместо тоа, уште повеќе се засилува. До поетот доаѓаат вести од апаратчици и писатели подлизурковци дека се подготвува негово протерување во странство, и тоа на испробан и перверзен начин, демек доброволно со негова согласност, а власта од своја страна штедро како благодарност ќе му го дозволи тоа. И тоа, драг читателу, било уште поужасно, најужасно за него. За да не се случи тоа, пак, Пастернак решил да му напише писмо на Хрушчов. Во него тој пишува: „Драг Никита Сергеевич. Ви се обраќам лично вам, како и на Централниот комитет на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз и на Советската влада. Дознав од извештајот на другарот Семичастниј дека владата не би се спротивставила на моето заминување од СССР. За мене тоа е невозможно. Врзан сум за Русија од раѓање, со животот и трудот. Не можам да ја замислам својата судбина одвоена од Русија и надвор од неа. Какви и да се моите грешки и заблуди, никогаш не сум мислел дека ќе се најдам во центарот на една таква политичка кампања, распламтена на Запад околу моето име. Кога го сфатив тоа ја известив Шведската академија за моето доброволно одбивање на наградата. Напуштањето на татковината би било за мене еднакво на смрт и затоа ве молам да не применувате кон мене крајна мерка. Искрено мислам дека имам нешто направено за советската литература и дека сè уште можам да бидам корисен.“
Толку. Пастернак ја прима веста за Нобеловата награда во 1958 година, а две години потоа, во 1960-та, психолошки крајно исцрпен умира, се упокојува во Переделкино, оставајќи им го на Русија и светот своето прекрасно дело.
На самиот крај на колумната сме, драг читателу, а ти ми бараш, можеби и со право, да го дообјаснам нејзиниот поднаслов („Или како треба македонските писатели да си ја сакаат татковината“). Ние македонските писатели тотално го преспавме идентитетскиот геноцид над Македонците, собрани во глувчова дупка на својот ситен и егоистичен нарцизам, впрочем како што беше тоа случај и со другите уметнички друштва и високите „интелектуални“ (наводниците се исправни) ешалони: академици, универзитетски професори итн. А писателите тука требаше први да реагираат и да излезат на сцена како гладијатори што треба да се справат со ѕверот што повтел да нè ништи. Оти по дефиниција сегде во светот тие го кревале гласот, особено кога станувало збор за асимилација, идентитет и слично. Но кај нас не се случи тоа. Ете, јасно ли ти е сега, драг читателу? Затоа во оваа колумна пишував за случајот Пастернак. А ти велиш што не сум им го дал примерот Рацин. Па, нели се сеќаваш, и Рацин и Пулевски стопати сме им го давале јас и ти за пример, но секогаш залудно. Нека се живи и здрави.