Големите се во позиција да се наметнуваат во сите области од животот. Тие се мејнстрим, ин, најумни, најмудри, најатрактивни, најсилни нај, нај… Без разлика кој од кого ја украл мудроста, дали наши гурбетчии од странците на кои им служеле или тие од нашиве, кажано е дека ако кинисате по бумбарот, може да завршите во измет. Притоа не обидувај се да се запрашаш зошто таму. Големите, за среќа, не можат без малите. Едноставно, нема кому да му се чаламат со нивната безгранична способност и мудрост (најчесто тука има и изразена глупост) ама никој ништо не им може. Големи се, нели?
Нивните вредности се врв, патеката што ја врват исто така, па на малите не им останува ништо друго, освен да ја следат, дури и ако на патлиџан не се калеми банана. Тоа за да преживеат. Од времето на „римпапа“, малите се принудени во нив и нивните дела да гледаат совршенство, тие се идоли, парадери, земни богови. Судбината на малите е вековна осуда да се биде мал иако кај нив сигурно има вредности и луѓе што имаат што да му понудат на светот.
Една од карактеристичните вредности на цивилизираниот свет е традицијата. Таа често се поврзува и со терминот преживување. Двете вредности се дел од нашето живеење и тие нѐ поврзуваат со нашите предци. На тој начин, црпиме или наследуваме мудрост и искуство што ќе нѐ водат низ животот и ќе нѐ научат да помниме и да се браниме. Ако не си го знаеме минатото, нема да може да ја организираме сегашноста. За иднината не станува збор. Зошто ги спомнав големите? Па токму за ова. Тие наметнуваат нивни вредности преку перфидно градени системи за комуникација и пропаганда. Со нив навлегуваат во нашиот традиционален начин на живеење каде што вршат мутирање на веќе изградените вредности. Едноставно, ти треба да заборавиш што си ѝ префрлил сѐ на страната на благосостојбата, што е сосема нормално – ама само за елитите. Но ако го направиме тоа без да размислиме како, стравувам дека ќе ни се случи исчезнување. Значи, потребна е селекција на понуденото. Не дека нашето е најдобро. Тоа би била нова заблуда. Станува збор за давање и земање, станува збор за традиција што го чува идентитетот. Помни за да останеш она што си и за да преживееш!
Се навраќам повторно на филмот „Балада за Нарајама“, позната адаптација од 1958 година на режисерот Кеисуке Киношита. Станува збор за моќна и трогателна приказна што ги истражува токму традиционалниот начин на живот и преживувањето, односно опстанокот. Оние што гледаат од височина толку многу го поедноставија и обезвреднија животот, што човек мора да се запраша кога беше понеделник, а кога дојде недела. Едноставно, времето лета, а ние сме само набљудувачи. Покрај нас шиба животот без нам да ни се случи нешто за помнење. Едноставно, како да сме под опивка.
Во филмот, поради недостиг од храна во планинско село, митски адет е по навршувањето на 70-та година од животот, старците да се носат на планината Нарајама и таму да се остават да починат. Цивилизациски, зарем не? Циклусот на животот и смртта надграден со егоизмот на едно по правило разумно суштество. Традицијата може и да биде груба и жестока, безмилосен аспект на животот. Впрочем како и секој антипод, односно спротивна појава. Имавме и ние слична македонска приказна. Преживеаниот избркан старец се враќа во кралството по барање на царот, кој всушност и го протерал. Тој со своите совети и зачуваните семиња обезбедува опстанок за младите генерации. Тоа колку да не е само товар, односно гостин во животот. Конечно, филмот е суров до срж, но исто така и длабоко хуман. Зарем суштината на животот ќе ја сведеме на најекстремни аспекти на човечкиот опстанок и традицијата? Тешко си нам ако е така бидејќи малку на шега, малку повеќе во перспектива, во пензија ќе се оди на 100-годишна возраст!
Ајде малку за некои аспекти од нашата богата традиција. Го одомаќивме Св. Валентин и тоа не е за кусур фаќање. Питом празник, содржина за почит. Наспроти него, нашиот Св. Трифун, светецот омилен кај бекриите. Не знам дали на другите краишта од светот би го прифатиле нашиот празник како ние нивниот? Е, сега, како да го прифатат кога никој не им кажал за него? Сигурно и таму има бекрии. Ние како Македонци се владееме по грегоријанскиот календар, кој е коректор на јулијанскиот (по Гај Јулиј Цезар). Некои православни земји го прифатија јулијанскиот календар за сметање на времето (Бугарија, Украина…). Прифативме разни блекфрајдеи, денови на дарувања (Божиќ и Нова година), но на начин на кој тоа го прави една исклучително силна, глобална компанија со дебелото деденце со румени образи и подмрзнато носе. Убаво е кога се приспособуваме на времето и на мигот што го живееме. Сето тоа е во ред доколку не постои начин на обезличување на изворниот идентитет.
Домот на Руска и Бандуш Ќипровски ги отвора своите порти за Митровден. Истата слава и во домот на Мимина Димовски, кој, за жал, не е повеќе со нас. Но тој живее и ќе живее со нас и во нас. Тоа се вели традиција. Наша македонска традиција.
Во деведесеттите години се собравме во домот на Ќипровци. Нѐ имаше повеќе од триесетмина. Жени, мажи, деца. За разлика од начинот на кој тетовци славеа слави и кој значеше „визита“ (едни доаѓаат, други си заминуваат бидејќи имаат за посета на повеќе домови што слават), гостиварци ја прекинаа таа пракса во педесеттите од минатиот век, па кога ќе седнеш, до сабајле! Познатиот дописник на „Нова Македонија“ од Гостивар, Киро Кипроски, на славата дојде со првенецот на словенечката опера, тенорот Симеон Гугуловски. Тие беа фамилија. Набргу се направи атмосфера каква што може само да се посака. Се редеа стари македонски песни, шлагери, балади, домашни и странски. Не раздени и нѐ испрати момент за паметење. Таа вечер, времето запре. Традиција, вечност.
Во тие деведесетти години, поточно 1992 г., македонското собрание за првпат во историјата го прогласи првиот ден од Божиќ за неработен. Истата година Арбитражната комисија на Бадинтер даде зелено светло за меѓународно признавање на Словенија и Македонија бидејќи тие ги беа исполниле сите потребни услови за тоа. Владата на Бугарија прва во истата година ја призна Македонија за суверена и независна држава. Но тие сега се пишман аџии, а Европа скршна поглед настрана! На владата на Никола Кљусев, македонскиот премиер, ѝ беше изгласана недоверба, а Петар Гошев го врати мандатот за формирање влада. Музичката сцена ѝ припадна на Каролина со албумот „Мамо пушти ме“ и на „Ареа“ со албумот „Случајно тука“. За првпат во Македонија е одржан фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“. Мора да се спомне, повторно во име на традицијата за долговечноста на химната на „Макфест“ – Штип, која трае до денешни дни.
На големиот екран низ светот блеснаа можеби и најквалитетниот „Дракула“ на Френсис Копола со Ентони Хопкинс, Гери Олдман и Винона Рајдер, потоа „Непростено“ на Клинт Иствуд со Џин Хекман и Морган Фримен и приказната за „Телохранителот“ со Кевин Костнер и Витни Хјустон.
Она што е вредно, нека биде добредојдено. Она што зад себе носи задни намери што ќе нѐ претворат во нешто што не сме, треба да се одбие или да се врати со образложение дека не се јаде сѐ што лета. Ако вештачката интелигенција со која се труби на сите страни изврши дехуманизација на хуманоста, тогаш подобро да ја негуваме малку повеќе природната интелигенција. Со неа светот може да се одбрани подобро од секое оружје.
Љубомир Јованоски
авторот е писател


































