Едно старо римско признание напишано во книга ни кажува: „Кој не знае да лаже, кој е искрен и кому благородноста му е највисока доблест, тој не е за политичар. Такви не се ниту црковните лица“.
Сега, денес, седум познати јавачи, две жени и петмина мажи, го почнуваат светиот поход кон освојувањето на тронот на кој седи претседателот на Република Северна Македонија, држава на патот меѓу Западот и Истокот. Седуммина политички витези ќе јаваат, а само еден, кој прв ќе стигне до целта, ќе се закити со лаврови венци. Стево, Гордана, Билјана, Стефче, Бујар, Максим и Арбен се имињата на натпреварувачите што се надеваат дека ќе ги освојат гласачите.
Македонија на овие избори има седум кандидати, а нумерологијата кажува дека бројот седум се појавува речиси во сите среќни комбинации на броеви. Божествен број, среќен број, белки ќе биде среќен и за Македонија.
Бројот 7 е навистина посебен. Луѓето што се посветени на духовноста, од најстари племиња, па до денес, веруваат дека бројот 7 носи важна вселенска улога. На некој начин, во многу религии овој број симболизира нешто позитивно и свето. На пример, има седум дена во неделата, виножитото има седум бои, тонската скала има седум основни ноти, има седум континенти.
Уште во индиските веди стојат описи на седумте ѕвезди, седумте концентрични континенти и седумте свети течности што Ариевците ги пиеле во текот на своите обреди. Во египетската митологија постојат седум патишта до небесата, а во будистичките верувања штотуку родениот Буда направил седум чекори. Рим, Вавилон и Ерусалим се изградени на седум рида. Уште Аристотел го објаснувал „седмото небо“, таму каде што се ѕвездите на кои лебдат среќно заљубените.
Алхемичарите верувале дека има седум етапи на хемиското и духовното прочистување, во древна Јапонија се верувало дека има седум бога што носат среќа, а во многу традиционални лекови се ставаат по седум состојки. Ирците имаат митски херој со по седум прсти на рацете и седум зеници во секое око. Исламот располага со седум називи за божјото знаење, а Куранот говори за седум ката на пеколот.
Во христијанството исто така е значаен. Бог го создаде светот за седум дена, Ное доби предупредување за потопот седум дена претходно, а почекал уште седум по потопот за да го пушти гулабот да најде сува земја. Постојат уште библиски приказни поврзани со овој број. Во евангелијата се вели дека Исус учел дека ако некој се кае, треба да му се прости седум пати во тој ден. Постојат седум смртни гревови. Словенските просветители Кирил и Методиј имале петмина ученици (Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј) и заедно ги прават Светите Седмочисленици.
Конечно, сите пасионирани играчи на среќа во Македонија чекаат „седумка“ на лото.
На политичкото небо на Република Северна Македонија еден месец ќе сјаат кандидатски ѕвезди. На крајот шест ќе угасат како комети, една ќе остане на него, која ќе се преобрази во државен лидер. А каков лидер посакува дел од граѓаните? Според многу анкети, особено светски, граѓаните сакаат јак лидер на чело на својата држава.
Што значи, што подразбира, како се толкува синтагмата „јак лидер“?
Јаките лидери се водачи што се подготвени да носат новитети во владеењето, новитети покорисни за мнозинството, не за малцинството. Силен лидер е личност што ќе собере храброст сама да ја промени актуелната состојба, личност што ќе ја држи ситуацијата во свои раце и ќе ги решава проблемите брзо и ефикасно.
Под „јак лидер“ се подразбира претседател (или премиер) што има голема сила и енергија, што има авторитет на чесност и принципиелност, кој е истраен, цврст и доследен во своите ставови и што знае да покаже решителност во кризни ситуации.
Од посебна важност е лидерот да гради силни позиции на својата држава во односите со други држави, да има значајна улога во меѓународните односи, да ги штити интегритетот, идентитетот и достоинството на државата и нејзината историска автентичност. Се разбира, духовно да е силен и непоколеблив, да биде вооружен и со знаење, култура, политички и демократски бонтон и совесно да ги исполнува својата функција и должност. Да ги почитува универзалните норми на владеење и правата и слободите на граѓаните. Секако, лидерот да не лаже јавно, да не шири самиот или да не подлегнува на лажни вести, иако ниту еден политичар не останал имун на таквите искушенија.
Во секој случај, постои листа на пожелни и лични особини што се поважни од политичката сила на лидерот, а тоа се интегритет, интелигенција, колегијалност, мирно расудување, подготвеност да сослуша и уважи нечие различно мислење, способност да ги собира и толкува информациите, да биде флексибилен, да има визија и голема енергија за работа. Се разбира, да поседува и други „доблести“ за еден модерен лидер во демократска држава или држава што се стреми да биде таква.
Што се однесува на претседателите на Република Македонија (сега Северна), на поупатените граѓани (гласачи) им е јасно дека претседателските уставни овластувања не се баш големи како што мислат обичните граѓани. Уште една пречка е што практиката од независноста наваму ни покажува дека оној што ќе биде избран, иако ќе се труди да докаже дека е претседател на сите граѓани, не ќе може да се откине од канџите на партијата што го предложила или од лидерот што застанал зад него.
Во согласност со уставните и законските акти, нему му се врзани рацете за поголеми дела или учество во промени.
Тој за кој било проблем прво ќе треба да прашува, а потоа да решава. Ништо не ќе може да реши без одобрение на партискиот лидер и неговата околина. Секако дека за секое отворено, сензитивно и меѓунационално прашање ќе треба да биде на линија со американската амбасада, со претставниците на НАТО, ЕУ и ОБСЕ во Македонија. Без нивна консултација или одобрение не ќе може да донесува или да потпишува какви било важни одлуки.
Доминацијата на Вашингтон и на амбасадорскиот кор во македонските работи ниту некој ја крие ниту ја оспорува. Тој ноторен факт сам по себе го наметнува заклучокот дека претседателот на Република Северна Македонија ќе биде повеќе „американски човек“ одошто „северномакедонски“, најмалку македонски. Во таква атмосфера се очекува да поминат претстојните избори.
Македонските искуства исто така ни покажуваат дека не секогаш гласачите се определувале за „јаки“ лидери и дека не секогаш се погодува да биде избран вистински лидер во вистинско време и на вистинско место.
Кому бројот седум при овие избори ќе му биде среќен ќе се знае на 8 мај, денот на конечното гласање.
pande.k@novamakedonija. com.mk