Прекувремената работа го менува мозокот

Ова не е првпат науката да го поврзе долгото работно време со сериозни здравствени последици. Според студија од 2021 година, спроведена заеднички од Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација на трудот, прекувремената работа е одговорна за повеќе од 745.000 смртни случаи годишно. Долготрајната работа, исто така, го зголемува ризикот од дијабетес кај жените и може да доведе до намалување на способноста за размислување. Иако психолошките и бихејвиоралните последици од прекувремената работа се веќе добро познати, промените на ниво на мозокот, особено анатомските, досега не се истражени

Прекувременото работење не само што е исцрпувачко туку може да има и трајни последици врз вашиот мозок, според ново истражување објавено во списанието „Окупејшнл енд инвајрментал медисин“.
Студија објавена минатата недела откри дека се пронајдени „значајни промени“ во мозоците на луѓето што редовно работат прекувремено. Тоа е комбинација од физичка и емоционална исцрпеност, заедно со хроничен недостиг од одмор.
Истражувањето го спроведоа заеднички научници од два јужнокорејски универзитета, „Чанг-Анг“ и „Јонсеи“, на примерок од 110 здравствени работници, поделени во две групи: оние што работат прекувремено и оние што работат редовно.
Во Јужна Кореја, каде што законскиот максимум е 52 часа неделно, прекумерната работа е растечки здравствен проблем.
Во групата со преоптовареност имало 32 испитаници што работеле 52 или повеќе часа во текот на неделата. Во просек, тие биле помлади, имале пократки работни услови и повисоко ниво на образование од оние што работеле на стандардни работни места, објави Си-ен-ен.
Користејќи напреден метод за снимање на мозокот, научниците го анализирале обемот на сивата материја во различни делови од мозокот и ги споредиле податоците со други студии и МРИ-скенирања.
Тие откриле дека оние што работеле прекувремено доживеале најмногу промени во областите на мозокот одговорни за донесување одлуки и емоционална контрола. Меѓу деловите од мозокот што се зголемиле во големина се средниот фронтален лобус, важен за меморијата, вниманието и јазичните функции, како и инсулата, која е вклучена во обработката на емоциите, самосвеста и разбирањето на социјалните односи.
Истражувачите веруваат дека постои јасна врска помеѓу преоптоварувањето со работа и овие промени во мозокот, што би можело да биде основа за менталните и когнитивните проблеми што ги пријавуваат луѓето што работат премногу.
Џун Јул Чои, еден од авторите и доцент на Одделот за биомедицинско инженерство на Универзитетот „Јонсеи“, за Си-ен-ен изјави дека овие промени би можеле делумно да се поништат ако се отстрани изворот на стрес, но дека враќањето во првобитната состојба може да потрае.

Ова не е првпат науката да го поврзе долгото работно време со сериозни здравствени последици. Според студија од 2021 година, спроведена заеднички од Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација на трудот, прекувремената работа е одговорна за повеќе од 745.000 смртни случаи годишно. Долготрајната работа, исто така, го зголемува ризикот од дијабетес кај жените и може да доведе до намалување на способноста за размислување.
Иако психолошките и бихејвиоралните последици од прекувремената работа се веќе добро познати, промените на ниво на мозокот, особено анатомските, досега не се истражени.
Френк Пега од СЗО, кој го водеше гореспоменатото истражување од 2021 година, вели дека резултатите од оваа најнова студија претставуваат „важен нов доказ“ за тоа како прекумерната работа директно влијае на физичкото здравје на работниците.
Пега, кој не бил вклучен во оваа студија, додава дека наодите потврдуваат дека долгите работни часови се „најголемиот поединечен фактор на ризик“ меѓу сите професионални опасности идентификувани досега.
Сепак, со оглед на малата големина на примерокот и фактот дека студијата е спроведена исклучиво меѓу здравствени работници во Кореја, резултатите не можат автоматски да се применат на пошироката популација.
– Потребни се понатамошни истражувања за различни групи работници – вели Пега. И покрај ова, авторите на студијата велат дека нивните наоди се важен прв чекор во разбирањето на влијанието на преоптоварувањето со работа врз здравјето на мозокот.
– Овие резултати дополнително потврдуваат дека преоптоварувањето со работа треба да се третира како сериозен проблем во јавното здравје – заклучуваат авторите, нагласувајќи ја важноста на законите и прописите што го ограничуваат прекувременото работење.
Џони Гифорд, истражувач во британскиот Институт за студии за вработување, вели дека резултатите од студијата „даваат силна физиолошка основа за тврдењето дека прекувремената работа е штетна за нашето здравје“.
– Со скенирање на мозокот и специфични невролошки индикатори, постојат силни докази дека прекувремената работа предизвикува физички промени во деловите од мозокот што се клучни за донесување одлуки и управување со емоциите – рече Гифорд.
Тој додаде дека „ако ова е релативно мала студија, нејзините наоди се многу релевантни бидејќи се однесуваат на механизми, како што се стресот и заморот, што можат да влијаат на секого“.

Драгана Шубаревиќ

(Политика)