Предновогодишната честитка

Не беше тоа одамна… Австрискиот Институт за Источна и Југоисточна Европа направи промоција на монографијата „Македонија“. Мислам, декември 1998, иако книгата беше испечатена порано. Промоцијата се случи во МАНУ, во свечената сала. Изданието го претстави еден од уредниците на австрискиот институт. Рече дека формирањето на институтот треба да се побара во 19 век, но дека службено е оформен со овој титулар во 1935 година. Потоа го објасни принципот на сите монографии што се изготвуваат: Се определува државата, потоа се канат експерти по области, почнувајќи од историја и географија итн. Но (ова го подвлече) 70 отсто се автори од земјата за која се зборува, а 30 отсто се автори од други земји, но не соседи што имаат заедничка граница со земјата за која се пишува монографијата! Прилега како полезен пристап.
Потоа рече дека и во таа смисла ова издание носи историски белег во споредба со вековното искуство на институтот, кој досега издал повеќе монографии за држави од Источна и Југоисточна Европа… пауза… потоа (за да ја објасни ексклузивноста), малку погласно, рече дека монографијата посветена на Македонија е напишана од 70 отсто странски автори, а 30 отсто македонски експерти!? Потоа ги прочита имињата на поканети македонски експерти. Потоа објасни дека сите тие токму во истата година кога им била врачена поканата со, се разбира, стандардниот надоместок за труд и потребното време за изготвување на прилогот биле „презафатени“! Потоа направи стандардно претставување.

Аплауз… На дланките ја почувствував тежината на 480 страници, формат: B5, 300-грамска пожолтена хартија… На насловната страница пишува „Македонија“ (иако тогаш беше ФИРОМ), но Македонија не може да се препознае на насловната илустрација!? Разбирам дека станува збор за географска карта, но… обоена зелено-розово, нијансирано, потоа препознавам дека е претставена етничка карта, но кадрирањето на земјописот? Јасно се оцртува територијата на Косово (Косово објави независност 10 години по промоцијата на монографијата)… арно ама… споена со Полог, Дебар и Кичево? Розово и јасно е определена врската помеѓу остатокот од познатата слика за Република Македонија со Пиринска Македонија? Зелено… Зошто нема ни зелено ни розово за териториите на другите соседи!? На тие територии скоро и да нема стандардни ознаки соодветни на географскиот код! Грција и Албанија се едноставно покриени со нежно сина боја, а Србија има едно парталче сина боја и кадарот не ја акцентира како учесник во темата!
По една година (нешто малку помалку), 500.000 Албанци добија засолниште и гостопримство, медицинска и хуманитарна помош во Македонија под категоризација „егзодус“ и сочувство со страдањата на соседот (околу 20 отсто сѐ уште се во Македонија)…
По една година (нешто малку помалку) започна воениот конфликт за загрозените човекови права на Албанците точно од паравојската што стигна заедно со „егзодусот“!? Потоа паравојската беше прогласена за терористи од арбитерот ЕУ…, потоа од истиот арбитер истите тие беа прогласени за борци за човекови права и им беа донирани воени советници и друга логистика…, потоа беа доведени пред капитулација… и откако газдата прогласи фајронт муштериите мораа да си заминат, столчињата се кренаа на маса, пазарот се преброја и паравојската веднаш стана парламентарна партија без демократија, која директно влезе во владата…. и така е сѐ уште…

Кога ќе погледнете од страна ви иде да се воодушевите од пророчките атрибути на виенскиот институт, а Нострадамус не е од таму!
Потоа ви иде да ја почитувате таа доблест: однапред торжествено се известени сите релевантни фактори во државата што им спрема „судбината“!
Потоа доаѓа Ориген од вториот век по Богомладенецот, право од Александрија македонска и вели: Блажени се оние што зад завесата од букви можат да го препознаат Светиот Дух.
Ориген е богомил – следбеник на Хермес Трипати родениот и не е канонизиран. Правоверните го почитуваат бидејќи верувал дека и демоните ќе бидат спасени…
Зошто Институтот за Источна и Југоисточна Европа е укинат во 2008!!!???
Што се случи во 2008-та…/… Што ни се случи во 2008-та…?!