Проф. Звонимир Јанкулоски
Во амандманот 6 на Уставот на Македонија е запишано дека ќе им се обезбеди „правична застапеност на лицата што припаѓаат на сите заедници во јавните органи на сите нивоа и во другите области од јавниот живот“. Но никој досега не објасни што значи правична застапеност. Зошто правичноста е различна од еднаквоста, а двете се различни од правдата? Мислам дека кај нас е направена „каша попара“ со овие термини и нивното толкување. За политичарите сето тоа e едно исто. Ценејќи го нивниот интелектуален капацитет, и ги разбирам. Но не го разбирам Уставниот суд, кој не даде одговор на ниедна дилема во овој контекст. Така е кога чуварот на уставноста во државата станува политичка алатка. Па, да појаснам. Еднаквоста бара секоја личност или заедница да ги добива истите ресурси и можности. Сепак, правичноста признава дека секој не започнува од исто место во животот. Луѓето и заедниците се различно погодени од различни околности, структури и историски контексти, кои намерно им носат предности на едните, додека неправедно и намерно ги обесправуваат другите. Како резултат на тоа, оние што биле обесправени бараат диференцијална распределба на ресурсите и можностите. Со наједноставни зборови, тоа значи правичност, што не мора да е исто што и еднаквост. Правичност е пропорционална распределба и пристап до ресурсите. За разлика од еднаквоста, правичноста е одговорна за индивидуалноста и ја признава историската недоволна застапеност на одредени заедници, но, сепак, не успева активно да ги деконструира основните системски бариери што создаваат и придонесуваат за тековните нееднаквости. Овде не станува збор за тоа сите да го добиваат истото. Станува збор за тоа секој да го добие она што му треба за да го подобри квалитетот на неговата ситуација. Во својата основа, правичноста бара признание, одговорност и акција: признавање дека структурните неправди предизвикале несразмерна штета, да се биде одговорен и да се преземе одговорност за штетите и да се преземат мерки за да се санираат. Правичноста бара сите поединци и популации да се вреднуваат еднакво, историските неправди да се препознаат и да се поправат и да се обезбедат ресурси според потребите. Во контекст на етничката припадност, правичноста е многу различна од еднаквоста. Таа се однесува на принципот на различно третирање на луѓето врз основа на претпоставените неуспеси и привилегии поврзани со нивната етничка припадност. Честопати мислам на правичноста како отстранување на „сите“ од еднаквоста. Има добра причина да се погледне на тој начин. Правдата ги прифаќа овие барања, но оди чекор подалеку: таа бара поправка и трансформирање на околностите, структурите, контекстите и самите системи, така што тие ќе постигнат и ќе одржуваат еднаквост и правда преку проактивни и превентивни мерки. Правдата се бори против историската нееднаквост, ги урива системските и структурните бариери што се одговорни за тие нееднаквости.
Очигледно политиката во Македонија не ги разликува овие поими и нема дилеми околу нивното толкување. Затоа цврсто си се држи до правичната застапеност на припадниците на точно „одредени“ заедници при вработувањето во јавната администрација, без притоа да размислува дека на тој начин нема да ги поправи и урне системските и структурните бариери што се одговорни за нееднаквостите во македонското општество. За правда во случајов е илузорно да се зборува.
Очигледната цел на оваа политика е да се поттикне инклузијата и, исто така, да им се даде шанса на недоволно застапените групи да бидат препознаени за нивната работа. Но, ајде да размислиме за ова прашање: Ако имате скршена нога, не треба да се обидувате да ја залечите коската наместо едноставно да одите наоколу со патерица? Во истата смисла, ако сметате дека постои системски проблем со застапеноста во јавната администрација, како што се чини дека сугерира амандманот 6 на Уставот, веројатно треба да се навратите на коренот на проблемот – пристрасност во процесот на селекција – наместо да се обидувате да го облечете со квоти. Како кај нас.
Проблемот со правичната застапеност во македонското општество е што не ги подобри различноста и инклузивноста туку се операционализира со намерно ограничување на одредени групи. Ниту една група на луѓе не треба да се третира како помалку пожелна врз основа на нејзината етничка припадност. Но, за жал, тоа е исходот што често го произведуваат политиките засновани на правичност, како што е оваа листа на стандарди за подобност за места во јавната администрација. Во обидот да се исправи една форма на системска дискриминација, таа се заменува со друга. Тоа како се жртвувани правата на поединците за сметка на правата на групата во Македонија е тема за една друга елаборација. Целта овде, за која би рекол дека е поинтензивна во моментот, е да се изнесат на виделина фундаменталните недостатоци на видот на еднаквост што го промовираат оние што тврдат дека се залагаат за меѓуетничка еднаквост во македонското општество. Да им се покаже дека нивниот концепт на етничка еднаквост стана широка мода и дека политичарите го прават тоа за сосема други цели, кои немаат врска со еднаквоста и правдата во општеството. Ако некој помислил дека низ правичната застапеност во јавната администрација ќе се препознаат и решат историските неправди на маргинализираните групи во македонското општество, се лаже. Ниту ќе се решат ниту ќе се поправат. Само разликите ќе се продлабочат, а дискриминацијата ќе добие нова и неприфатлива форма. Но, кој сум јас да им кажувам. Си знаат тие како треба. Сѐ додека тие знаат, ние ќе тонеме. Во дискриминација и бесперспективност.