Наспроти обидите за поделба и негирање, македонскиот идентитет останува единствен
- Во периодот од осамостојувањето на РМ како „независна држава“, се засилуваат процесите на етничка, верска и јазична конверзија на Македонците со исламска вероисповед. Доаѓа до систематска мултипликација на етничките и верските „заедници“, до нивна радикализација во севкупниот систем на мултиетничко, мултиконфесионално, мултијазично уредување на државата. Радикализацијата, пак, на верските различности во Р Македонија оди на штета на единството на македонскиот народ/нација, што се одразува негативно врз интегритетот, унитарноста и имаголошката проекција на македонската држава
- Радикалните движења за самоопределување и сецесија на Македонците со исламска вероисповед од вкупниот македонски етнонационален ентитет го превидуваат фактот дека македонскиот идентитет е инклузивен и дека не се исцрпува со генеричките и конфесионалните припадности, па не може ни да се сведе на одделните маркери, било тие да се религиски или генерички.Што се однесува до религискиот маркер, современиот македонски идентитет допушта верска слобода, теистичка и атеистичка. Македонците денес религиски се изјаснуваат како: православни, муслимани, католици, протестанти, евангелисти, јудаисти, атеисти и др. Но, македонскиот национален идентитет е поопшта и посложена категорија од религискиот, а етнокултурниот идентитет на Македонците е слоевит и подразбира коегзистенција на повеќе религиски, обичајни, морални, дијалектни и родови другости
Општествениот развој е порелаксиран кога верските практики се дел од гарантираните човекови лични и интимни права, кога религиската семиотика е подискретна, поневидлива, потивка. На македонско тло, каде што се смениле многу различни религиски и владејачки системи, мапата на религиската различност е сведоштво за еден богат духовен и културен палимпсест кој поврзува, а не двои.
Секуларноста не го забранува, ниту го укинува правото на верска припадност. Таа треба да ги штити државните, граѓанските и националните интереси од религиските атавизми и конфликти. Затоа, добро е да се изведат компаративни научни истражувања на културните и религиските карактеристики на Македонците и да се усвојат соодветни проекти за социјална, образовна, економска и политичка кохезија на Македонците независно од нивниот религиски идентитет.
Службената идентификација на Македонците со исламска вероисповед е чувствително прашање, затоа што повлекува бројни последици по нивниот јазичен и етнички идентитет, но и по нивната егзистенција и опстанок. Овде бегло ќе потсетам на некои од тие системски последици: – регистрирани се случаи на принудување на учениците Македонци со македонски мајчин јазик, во основното образование да учат на турски и албански јазик; регистрирани се случаи Македонците под различни облици на принуда (со примена на законски, политички и други мерки) да се изјаснуваат како Турци или Албанци; – доаѓа до отпуштање на наставниот кадар по македонски јазик во средини населени со Македонци со исламска вероисповед; доаѓа до нагласена миграција на Македонците од верски и етнички мешаните средини, како кај православните Македонци така и кај Македонците со исламска вероисповед…
Од основањето на Република Македонија во склоп на југословенската федерација (1944) до нејзиното осамостојување (1991) и денес, Македонците со исламска вероисповед го редефинираат својот колективен идентитетски статус. Тоа го прави нивниот идентитет да се посматра како „флуктуирачки“. Разновидната номинација на Македонците со исламска вероисповед, се чини, се јавува како последица на кумулацијата на разните имаголошки матрици на овие Македонци со оглед на нивните дополнителни (секундарни) различности, првенствено религиски, а кон религиските се надоврзувале и други супкултурни својства и практики (слика на свет, верски ритуали, морален кодекс, модификација на наследените етнографски симболи во облеката, домот, ословувањето, обичаите).
Во периодот од осамостојувањето на РМ како ’независна држава’, се засилуваат процесите на етничка, верска и јазична конверзија на Македонците со исламска вероисповед. Доаѓа до систематска мултипликација на етничките и верските „заедници“, до нивна радикализација во севкупниот систем на мултиетничко, мултиконфесионално, мултијазично уредување на државата. Радикализацијата, пак, на верските различности во Р Македонија оди на штета на единството на македонскиот народ/нација, што се одразува негативно врз интегритетот, унитарноста и имаголошката проекција на македонската држава.
Флуктуирачкиот и дисперзивен идентитет на Македонците муслимани се проектира и во законските пописни класификации и идентификации на етнокултурните, етнојазичните и етнорелигиските структури и заедници во Р Македонија. Оваа, де факто македонска заедница, се класифицира на различен начин во графите на демографските/популациски пописи: еднаш под графата „Македонци“, но со исламска вероисповед, другпат под идентитетската графа Албанци, но со македонски мајчин јазик, третпат како Турци, но со македонски мајчин јазик, потем како Бошњаци, но со македонски мајчин јазик. Таа умножена интерпретација и перцепција на идентитетот на Македонците муслимани се шири во соседните држави, каде што, на пример, во Р Србија, се дефинираат како Срби со македонски мајчин јазик, а под влијание на бугарските културни политики и како Бугари по потекло, со бугарски мајчин јазик.
Тенденцијата флуктуирачкиот идентитет (на отпорот) на Македонците со исламска вероисповед да се употреби за етнополитички и стратешки цели води до нови, драматични колективни и лични трауми кај Македонците со исламска вероисповед, потоа до нови конверзии и нивно отуѓување од македонската матична заедница. Во минатото се случувало делови од еден народ да бидат „однародени“ или отцепени од матицата и да бидат вградени во други нации и држави, било тие да мигрирале или територијата на којашто живееле да припаднала на друга држава. Се случувало и тоа, дел од еден народ да оформи посебна свест за себеси и да се декларира како посебен малцински етникум. При тоа, одлучувачки фактор не се само внатрешните етнокултурни маркери туку и пошироките социјални, политички и државни констелации, вклучително и ревизијата на самиот поим национален идентитет.
Особеноста на религиско-културната заедница на Македонците муслимани не е толку голема за да се раздвои од македонскиот етнонационален ентитет и да му се сопостави на македонскиот идентитет. Самиот чин на отворање на прашањето на автентичноста на идентитетот покренува редица други потпрашања, придружени со внатрешни двојби, меѓу самите Македонци муслимани. Тој чин пред неколку години охрабри некои политички и научни структури, во согласност со одредени инстанци на моќ, да побараат решение за статусот на Македонците со исламска вероисповед во опцијата на озаконување на идентитетот. Тоа ги поттикна Македонците со исламска вероисповед, главно од Струшкиот Регион, да побараат, декларативно и низ конкретно политичко дејствување, уставна легитимација на религиско-културниот идентитет како етнички. Во прилог на таквите опции одеа и неодамнешните регионални искуства со улогата на религискиот фактор во детерминирањето на идентитетите (Босна и Херцеговина), како и геополитичките стратегии по однос на Балканскиот Регион, а во извесна смисла и по однос на ’македонското прашање’ во целина.
Така, со текот на времето, заедницата на Македонци со исламска вероисповед покажува тенденција кон осамостојување и етничка самосвест, истакнувана особено во услови на нејзино запоставување, маргинализирање и негирање. Таквата констелација на опстојување на Македонците со исламска вероисповед поттикнува извесен отпор спрема владејачките конституционални (уставни), политички и научни класификации на македонскиот идентитетски плурализам и спрема македонскиот национален центризам.
Кај Македонците со исламска вероисповед се генерира, последниве 20 години, извесна идентитетска резистенција, потреба од самоопределување, а со тоа и извесна нестабилност или менливост на нивниот етнички статус. Самоопределбата на поединецот, на религиските и културните заедници, не е апсолутна, исто како што ни официјалната идентификација не смее да биде ригидна и несензибилна. Исклучивоста, пак, води кон дезинтеграција и апсурдни социјални раслојувања, рационалниот пристап ги помирува екстремните и радикални интерпретации на идентитетот и создава услови за подем на македонската нација, а не само на македонскиот етнос.
Штом се проблематизира статусот на еден културен идентитет, почнува да се доведува во прашање и самиот идентитет. Тоа дотолку повеќе што субординарните и субетнички идентитети главно се засновани врз парцијални културни и религиски маркери, односно кај нив се понагласени корелативноста и зависноста од социополитичкиот контекст.
Радикалните движења за самоопределување и сецесија на Македонците со исламска вероисповед од вкупниот македонски етнонационален ентитет го превидуваат фактот дека македонскиот идентитет е инклузивен и дека не се исцрпува со генеричките и конфесионалните припадности, па не може ни да се сведе на одделните маркери, било тие да се религиски или генерички.
Што се однесува до религискиот маркер, современиот македонски идентитет допушта верска слобода, теистичка и атеистичка. Македонците денес религиски се изјаснуваат како: православни, муслимани, католици, протестанти, евангелисти, јудаисти, атеисти и др. Но, македонскиот национален идентитет е поопшта и посложена категорија од религискиот, а етнокултурниот идентитет на Македонците е слоевит и подразбира коегзистенција на повеќе религиски, обичајни, морални, дијалектни и родови другости.
Автор: Катица Ќулавкова