Пожелно е постојано да работиме на себе

Лично мислам дека толеранцијата доаѓа со годините. Првенствено, човек треба да биде зрела личност и да работи на себе, бидејќи кога ќе се запознаеме себеси и ќе ги прифатиме своите и туѓите мaни, дури тогаш стануваме толерантни. Најважно од сѐ е да сакаме. Прво треба да се сакаме себеси, а потоа партнерот, децата, пријателите… Така, по инерција, стануваме потолерантни, бидејќи го разбираме другиот.
Мошне се важни и човековата волја и труд. Имено, човек треба да научи да биде мирен и мирно да ги прифати ситуациите, искушенијата, неволјите, па дури и убавите работи. Знаеме дека честопати е невозможно мирно да се прифатат неволјите. Природно е и нормално во човековата природа човекот да се загрижи, да падне и во очај, да почне да се нервира. Затоа е потребно време… На крајот од краиштата, сѐ е процес.
Созревањето доаѓа со годините, треба човек да доживее доста неволји и искушенија, па дури тогаш да се зацврсти. Тогаш се гради личноста, човекот индивидуира, станува помирен, потолерантен. Младоста, обично, е бунтовна, немирна, незрела, но убава, а се живее со полни гради. Толерантноста е слаба, особено кога е присутно нашето его. Кога го игнорираме големото јас во нас, тогаш не сме толерантни. Кога ќе го намалиме нашето его, тогаш имаме потенцијал да станеме толерантни. Зрелата совест се искажува како во толеранцијата така и во контролата на своите нагонски желби, но и во будноста кон барањата на своето морално битие.
Кога сме толерантни, тогаш сме и посреќни. Човекот е духовно, биолошко и друштвено битие. Треба да имаме емпатија кон друг човек, бидејќи доколку немаме, тогаш сме себични. Треба да мислиме позитивно, не само за себе туку пред сѐ и за другите луѓе, по што тоа позитивно ќе ни се врати. Тоа не се само закони на природата, туку се и христијански закони од типот „не прави му го на друг она што не сакаш да ти го прават тебе“ или „прави му нешто убаво на друг за и тебе да ти биде убаво“. Зарем тука не се крие толерантност? И тоа како се крие, бидејќи сите сме поврзани, затоа што, со оглед на тоа што прво треба да мислиме на себеси, треба да мислиме и на другите.
Кога сме со личноста што ја сакаме и кога, што е за очекување, толку добро ја запознаваме, тогаш, предвидувајќи ја нејзината реакција, кога таа вербално е навредена од друга личност, ние ја браниме и се обидуваме на другата личност да ѝ објасниме дека не ја познава доволно нашата сакана личност и дека без причина напаѓа. Значи, самата љубов нѐ штити од некои нељубезни и агресивни луѓе. А, агресијата е нагон што, кај оние каде што се појавува, треба да се контролира, бидејќи ништо не се постигнува без контрола. Значи, пожелно е да се воспостави контрола, ако не во сѐ, тогаш во што е можно повеќе(то) ситуации. Така е и кај некои народи. Обично тие народи, а можеби и ние, поради непознавањето на други народи, с(м)е нетолерантни. Откако ќе го запознаеме другиот народ, тогаш стануваме и потолерантни.

Кога ќе запознаеме нова личност, обично сме скептични бидејќи не ја познаваме. Значи, потребно е време за да се запознае таа личност. Но, и кога со текот на времето ќе ја запознаеме добро, повторно останува мал црв на сомнеж дали таа личност, сепак, нешто сокрива! Можеби и таа личност е скептик, сѐ зависи како поминувала со други личности, дали слепо им верувала (на сите) и/или, како што минувало времето, научила дека не е сѐ така розово. Пожелно е човек да зачува некоја тајна, не треба сѐ да открива, треба да биде и малку загадочен. Најдобро е човек да биде толерантен кон себеси, тогаш ќе стане толерантен и кон друг. Но, живееме во време во кое сѐ се одвива брзо, кое е стресно, па сме помалку толерантни и, бидејќи обично сме уморни, стануваме понервозни и понетрпеливи, а со самото тоа и помалку толерантни. А, кога ќе научиме да ги средуваме нашите приоритети и да воспоставуваме некаков ред во животот, тогаш стануваме и потрпеливи, знаеме што сакаме…
Треба постојано да се работи на себе. Така се запознаваме и себеси. Кога добро ќе се запознаеме себеси, тогаш сѐ ни е полесно. Ако нешто се разниша, повторно треба да се потсетиме каде грешиме и потоа да се коригираме. Тоа се знаци дека индивидуално созреваме и сме потолерантни. Нашиот народ знае да каже „времето лечи сѐ“. Во пракса, некогаш лечи, а другпат не. Тоа зависи од нас, од тоа како ги прифаќаме новонастанатите ситуации.
Мислам дека сме слабо толерантни како општество и дека треба многу, а според мене, пожелно е постојано да работиме на себе, да се разбудиме, со што поголеми се и шансите да се подигне колективната свест. Прво треба да тргнеме од себе, па таа наша позитивност ќе го привлече вниманието на другите луѓе. Во човечката природа, злото е попривлечно отколку доброто, но зошто доброто да не може да биде привлечно? Сметам дека кога би тргнале со добри мисли, ако правиме добри нешта, со емпатија кон друга личност, тогаш ќе се подигне нашиот праг на толеранција. Да се сака друг, значи и да го разбираш другиот. Разумот ги создава доброто и лошото во нас, зошто да не создадеме и толеранција? Да почнеме веднаш, да не го чекаме утрото, бидејќи утре може да се пролонгира за задутре, а задутре за некој друг ден, со што ќе се движиме во круг.

Гордана Здравкоска