Повелбата за идентитетот на македонските Торбеши во контекст на мултирелигискиот и мултиетничкиот концепт на државата

Диверзитетот на локалните етноними на Македонците со исламска вероисповед сигнализираат дека идентитетот на Македонците со исламска вероисповед е во криза и дека се одразува врз поимањето на севкупниот македонски идентитет. Повеќедецениската нестабилна политичка платформа го дестабилизира и онака кревкиот идентитет на Македонците со исламска религија. Различните етноними на Македонците со исламска религија се реален одраз на хетерогените историски тенденции во идентификацијата и интеграцијата на ова население во склоп на официјалните национални и државни системи. Тие сведочат за една нестабилност во перцепцијата на доминантниот етнокултурен маркер кај оваа популација, како и за фактот дека тие се малцинска културно-религиска заедница, дека се поставуваат како еден идентитет на отпорот или дури на ереста, но сепак го имаат зачувано својот примарен словенски/славјански јазичен и културен идентитет. Сè друго е прашање на ефемерните државни, политички, социјални и други политики

Дневнополитичката прагматика, поврзана со колективната „свест во развој“ за особениот етнички, културен и религиски идентитет на Македонците со исламска вероисповед, како и официјализацијата на мултиетничкиот концепт (мултикултурализмот) ги охрабри иницијативите за прогласување на еден дел од македонскиот народ во посебен етникум. Така, 2011-та година се објави иницијативата Торбешите да бидат прогласени за легитимна уставна етничка заедница на Р Македонија, трета по бројност во Р Македонија. Оваа иницијатива беше проследена со усвојување на Повелбата за идентитетот на македонските Торбеши (Македонци со исламска вероисповед), на народен собир одржан на 2 јануари 2011, како и со објавување на Торбешката декларација чијшто автор е Шериф Ајрединовски (Торбешки културно-научен центар од Струга 2011).
Во Торбешката декларација, подоцна проследена со основање на Торбешкиот културно-научен центар во Струга (2011), со активности на социјалните мрежи, како и со зголемен интерес на меѓународната културна и научна јавност за „торбешкиот“ идентитет, се застапува тезата за автохтоноста и посебноста на Торбешите во континуитет од десетина века, од 10 век до денес. Притоа, се дава одредена аргументација како поткрепа на барањето уставно да се легализира етникумот Торбеши. Меѓу аргументите, покрај историската присутност на Торбешите на Балканот од појавата на богомилското движење во десеттиот век, на просторите на Македонија и пошироко на Балканот, се наведуваат и убедувањата за посебноста на јазикот, обичаите и етнокултурниот комплекс на Торбешите. Декларацијата ја одбива тезата дека Торбешите се дел од македонскиот народ, кој има извршено конверзија од христијанска во исламска вероисповед во рамките на Отоманската Империја. Таа поаѓа од уверувањето дека торбешкиот идентитет има извесна инхерентна еретичност, што е мотив за нивно препознавање во богомилската ерес, според нив, сродна до исламската верска и филозофска матрица.
Ваквата аргументација има голем број слабости: – проекцијата на исламската религија во богомилската социјална, политичка и егзистенцијална филозофија; – богомилите се припадници на едно историски маркантно социјално движење и светоглед со гностички и дуалистички елементи, а не автономен етникум; – исламизацијата на Македонците и на другите словенски народи на Балканот, во тој контекст и на Торбешите, се одвива најмалку еден и пол век по освојувањето на Балканот од Османлиите; – нема писмени докази дека поимот „торбеши“ датира од 10 век како словенски израз за „fudiagiagiti и „kudugeri“ еретици – богомили; – јазикот на Торбешите е македонски и содржи древни словенски и старословенски зборови, при што (во текот на неколкувековната историја, од примањето на исламската вероисповед) јазикот претрпува извесни промени, главно од лексички карактер. Имено, во јазикот се вградени голем број изрази поврзани со исламската религиска прагматика (обреди, обичаи, верувања), но тоа не е доволно за да се диференцира јазикот на Торбешите (во Македонија) како различен од македонскиот јазик (истражувањата на јазикот на Гораните на територијата на Косово и Србија покажуваат дека горанскиот дијалект е дел од дијалектниот систем на македонскиот јазик).
Во декларацијата се вели дека најсоодветен термин за опишување на идентитетот на Торбешите е ако се каже дека тие се славјански муслимани. Со тоа, тие самите изјавуваат дека потеклото им е словенско, а културните одлики произлезени од религискиот систем што го прифатиле се променливи, некогаш биле христијански, потем станале исламски и повторно можат да станат христијанско-православни…
Сите религиско-културни заедници со словенско потекло и исламска религија на подрачјето на Балканот, значи во Бугарија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, денес речиси унисоно се идентификуваат самите себеси како словенски (славјански) народи со исламска вероисповед и само дополнително се изведуваат јазичните и етнографските карактеристики како диференцијални по однос на матичната нација.

И покрај еднаквиот етнички, јазичен и религиски маркер (словенскиот и исламскиот), кај овие заедници се задржани различни локални називи и етноними: (реканци, дебрани, дримколци, горани), или низ разни називи: Торбеши, Помаци (во родопскиот дел на Бугарија), исламизирани Македонци Горани, Македонци со исламска вероисповед, Македонци муслимани, Бошњаци, муслимани, потем потурци, естовци, бабуши, бабуни (од месноста и реката Бабуна каде што дејствувале богомилите!), па дури и најопштиот назив „нашинци“.
Диверзитетот на локалните етноними на Македонците со исламска вероисповед сигнализираат дека идентитетот на Македонците со исламска вероисповед е во криза и дека се одразува врз поимањето на севкупниот македонски идентитет. Повеќедецениската нестабилна политичка платформа го дестабилизира и онака кревкиот идентитет на Македонците со исламска религија. Различните етноними на Македонците со исламска религија се реален одраз на хетерогените историски тенденции во идентификацијата и интеграцијата на ова население во склоп на официјалните национални и државни системи. Тие сведочат за една нестабилност во перцепцијата на доминантниот етнокултурен маркер кај оваа популација, како и за фактот дека тие се малцинска културно-религиска заедница, дека се поставуваат како еден идентитет на отпорот или дури на ереста, но сепак го имаат зачувано својот примарен словенски/славјански јазичен и културен идентитет. Сè друго е прашање на ефемерните државни, политички, социјални и други политики.
Иницијативата на Партијата за европска интеграција (ПЕИ) и на торбешкиот културно-научен центар „Румелија“ од Струга произлегува од една колку локална толку и регионална етнокултурна и културно-религиска констелација, но се артикулира во даден историски миг, првенствено како промоција на мултиетничкиот концепт на самостојната македонска држава и како одглас на мултикултурните политики во европски и во меѓународен контекст. Токму како дел една поширока геостратешка констелација, оваа иницијатива може да се чита и како непосредна рефлексија на уставните амандмани од 2001 година, посебно на одредбата за т.н. Бадентерово мнозинство или правото на вето врз малцински етнички принцип, дополнета со други законски прописи и привилегии („правичната“ застапеност на малцинските заедници во администрацијата или „балансерот“, т.н. позитивна дискриминација).

***

На почетокот на XXI век, се манифестираат сè понагласено верските радикализми на локално, регионално и на глобално рамниште. Притоа, Југоисточна Европа (Балканот) не е отпорна на ваквите тенденции. Таквиот амбиент ги актуализира религиската конверзија и натурализација и предизвикува крупни последици врз наследената мапа на верски, етнички и државни идентитети.
Ваквата констелација на регионален и глобален план се одразува и врз македонските состојби, па во недостиг од стратешки анализи и превентивни мерки, Македонија може да се соочи со сериозно нарушување на рамнотежата меѓу наследените, постојните и новите религиски идентитети. Религискиот идентитет не е ни приоритетен ни исклучив критериум за легитимноста на колективните идентитети, туку е составен дел од идентитетскиот комплекс. Религискиот радикализам е податлив за манипулации и конфликти. Не е доволно да се потенцира медиумски и декларативно потребата од интеррелигиски дијалог и сожителство, туку треба да се интегрираат религиските другости во една поправедна цивилизација.
За да се спречат негативните последици, неопходни се државни стратегии за заштита на духовното, јазичното и материјалното наследство на Македонците со исламска вероисповед, стратегии за меѓурелигиска комуникација меѓу сите етнички Македонци, политики на посоодветна општествена и институционална интеграција на Македонците со исламска вероисповед, стимулативни образовни, културни, економски и развојни политики, за да се осуети натамошното дезинтеграција на македонскиот национален ентитет и за да се даде една цивилизирана и хумана реплика на обидите за сецесија на македонската нација врз етнички начела.
Тоа не ги оправдува политиките кои генерираат социјални, комуникациски, економски, коегзистенцијални религиски и други причини за стигматизација на заедницата на Македонците со исламска вероисповед. Тие се дел од македонската општествена, културна и религиска реалност и затоа треба да се признаат како специфична културно-религиска заедница во рамките на македонската нација, за којашто треба да се артикулираат соодветни развојни и интегративни политики. Во недостиг од поттикнувачки развојни и интегративни политики, не е исклучено да дојде до нивна идентитетска сецесија со серија други последици по однос на целината и интегритетот на македонската нација и националните институции.

Автор: Катица Ќулавкова