Седејќи така во „Буре“ на „Магнолија“ среде Битола, загледан кон Широк сокак, додека го пијам опуштено кафето и прочистувам нистагмус и страбизам со нестварната убавина на битолските чупи, на ум ми доаѓа мисла што ги брка од мојата свест сите разговори за тоа како најдобро се осветлува животот, а низ каква бленда најубаво се доживува љубовта, мисла составена од два збора, а гласи историска комисија. Што, по ѓаволите, бара историска комисија во мојот ум меѓу две голтки кафе? Не знам, ама тука е. Можеби фактот дека ми навираат толку силни спомени од моите доаѓања во Битола речиси триесет години што едноставно меморијата веќе нема капацитет да трупа информации, па ѝ треба некаква алатка за да селектира во кои периоди се случиле сите тие задоволства и уживања и, оп, потсвеста на површина ги вади тие два збора… историска комисија.
И фатив да го претурам тоа во мислите, толку многу аналитички пристапив што едноставно заклучив, историска комисија е решение за сите проблеми на оваа намачена планета. Да, да, една обична историска комисија не само што ќе ни ги олесни животите, туркајќи од нашите плеќи разни комплексни бремиња, туку и иднината ќе ни ја направи радост, а не вознемирувачко исчекување на непознатото што надоаѓа. Историска комисија ти е нешто како добар терминатор испратен од иднината за да ги ликвидира сите непотребни недоумици од минатото, па сегашноста веднаш станува сонувана на јаве иднина, во која нема веќе потреба од терминаторот што се појави на почетокот од реченицава.
Ете, Франција и Германија со децении си имаат историска комисија. Обичните Французи и Германци немаат поим што решаваат мудрите глави во таа комисија, ама знаат дека поради нив се чувствуваат удобно во сопствената кожа зашто им е јасно дека минатото е во сигурни раце, за иднината се задолжени генијалци како Макрон, Шолц и Фон дер Лајен, па тие можат да уживаат во сегашноста и одвреме-навреме да се грижат дали кравите претеруваат со прдење, кое може да ѝ наштети на климата. За разлика од Франција и Германија како цивилизациски столбови на западните европски вредности, ние тука во Нордистан сакаме да ги имитираме. Да, ние нордистанците, црпнати од нива по Заева промисла, сме млада нација. Малку живеевме во заблуда дека сме Македонци, ама човекот што „много је шетао, тумарао и банчио од Горњега Милановца до Нивици и Брисела“ нè излечи од таа илузија, бидејќи историските факти докажуваат дека само Грците се Македонци, а Македонците се Бугари. Оттука, вчера создадени, не може да се топориме дека имаме француски и германски менталитет и цивилизациски вредности, па веднаш и ние да правиме историска комисија, и тоа, ни помалку ни повеќе, со Бугарија. Имено, Бугарија е толку древна цивилизација што најпрво го создадоа Бога, па дури потоа тој почна да создава, а ние тука прво мора да создадеме историска комисија што ќе се занимава само со „нордистанските работи“, а дури потоа да правиме комисии со други држави. Оти така е редот и не може да прескокнуваме етапи.
Да имавме наша интерна комисија немаше да ни се случи глич во историскиот матрикс. Пред неколку дена, а тоа е веќе минато, односно историја, ЕУ ѝ даде на Албанија датум за почеток на преговори, со што ја одвои од Нордистан, а тоа значи дека ние сега сме осамени и без датум за кој сонуваме да ни пенетрира меѓу ребра и редови. Така велат сите оние смртно загрижени, а прогресивни, паметни и убави, заклучувајќи дека со грди небањати вмровци на власт никогаш нема да стигнеме до рајските порти на иднината наречена Европска Унија. А штом прогресивни, паметни и убави така беседат, секако тоа е вистина. Е сега, истите тие прогресивни, паметни и убави пред неколку години, значи минато, односно историја, откако по Заева промисла, од нивите во Нивици беше црпната нордистанската нација, јавно и многу гласно ни соопштија дека сме добиле датум за почеток на преговори со ЕУ. И тоа никако не може да биде лажна вест или манипулација, затоа што го соопштија најпрогресивните политичари, најпаметните аналитичари, а ни го пренесоа најубавите медиуми. Патем, имајќи предвид дека повеќето сè уште сме плитки, глупи и толку необразовани што најчесто не се ни бањаме, мораа да ни повторат стопати дека добивме датум и почнавме преговори, оти глава што одбива шампон, тешко прифаќа очигледно сервирани вистини. Ама токму тука се појави оваа чудна грешка во нашиот историски матрикс, па ако сега ги земеме овие две апсолутни вистини, сакале-нејќеле, мора да заклучиме дека Нордистан пред неколку години доби датум од ЕУ и почна преговори, кои сега нема да ги започнеме затоа што Унијата ѝ даде датум само на Албанија, оддалечувајќи нè од посакуваната иднина. Се разбира дека двете информации се вистини, но треба да се признае дека ставени една покрај друга создаваат чудна противречност и токму ова е тој историски глич во матриксот со кој веднаш треба да започне да се занимава стручна психијатриска комис… се извинувам, стручна историска комисија за иднината, ама за внатрешна нордистанска употреба.
И светот, познат како меѓународна заедница, треба да го живее духот на времето и да создаде нови и модерни историски комисии. Живееме нова нормалност, тоа е прекрасен свет на нови вредности и со политичари како Камала Харис, Шолц, Макрон и Фон дер Лајен ги јадеме плодовите на политичката коректност, „воук“ и „кансел“ културата среде кои имаме право на нивно мислење.
Ама не е сè така розово. Ретроградни типови како Трамп, Орбан или Путин не само што сакаат да ни ја украдат слободата од реченичните флоскули на прогресивните политичари туку сите сакаат да нè затворат во гетата на минатото. За да се спречат овие нецивилизирани дејства, мора веднаш да се создадат историски комисии што ќе ни ја пишуваат иднината, како колективна, така и индивидуална, а сите оние што ова го сметаат за некаква морбидна дистопија веднаш да се прогласат за небањати, оти одбиваат да им се испере мозокот од валкани информации и да се избришат од истата таа политички коректна иднина. За почеток јас би ангажирал врвни експерти и познавачи на иднината како доктор Хари Селдон, Марти Мекфлај и Џон Конор, како нивни помошници би повикал пар слободоумни Морлоци, а парчињата иднина што тие комисиски ќе ја смислат за нас би ги дал да ги сошие доктор Виктор Франкенштајн. Оти, зошто да чекаме некоја вештачка интелигенција од иднината да праќа терминатори за да ни ја обликуваат сегашноста, кога ние сами можеме да си напишеме политички коректна историја на истата таа иднина.