Драгана Шубаревиќ
Во современото општество амбивалентноста станува сè поприсутна појава, особено во контекст на политичките и општествените прашања. Амбивалентниот човек никогаш не знае дали чашата е полупразна или полуполна. Амбивалентноста се однесува на истовремено постоење на позитивни и негативни чувства или ставови кон тема, личност или ситуација. Фројд го користи терминот „амбивалентност“ во најширока смисла за да означи присуство, кај една личност, на два спротивставени импулси со ист интензитет. Најчесто тоа е спротивставеност помеѓу љубовта и омразата, а психолошките истражувања покажуваат дека амбивалентноста може да биде поврзана и со психолошки феномени како што се опсесивни неврози и меланхолија.
Во контекст на политичките и општествените прашања, амбивалентноста може да се појави кога поединците ги гледаат и добрите и лошите страни на одредени идеологии, политики или групи. На пример, некој може да има позитивни ставови кон еколошките иницијативи, но во исто време и негативни ставови кон економските трошоци на тие иницијативи.
Од друга страна, екстремизмот е термин што се користи за означување акции или идеологии што ги надминуваат општествено прифатливите рамки, било од прагматични или морални причини. Изразот е речиси по правило погрден, а умереноста се наведува како негова спротивност.
Неодамна низ светот беше спроведено истражување за поврзаноста помеѓу амбивалентноста во ставовите и поддршката за екстремни дејства. Студија од Универзитетот во Оксфорд истражува како амбивалентноста кон политичките лидери може да влијае на поддршката за насилство и екстремизам. Нивните резултати покажуваат дека луѓето што се амбивалентни кон лидерите имаат поголема веројатност да поддржат екстремни акции. Оваа студија фрла светлина врз сложените психолошки механизми што можат да доведат до радикализација.
Друга студија од Универзитетот во Копенхаген исто така разгледа како амбивалентноста кон имиграцијата може да влијае на поддршката за екстремистичките партии. Овие трудови придонесуваат за разбирање на сложените врски помеѓу несигурните ставови и екстремизмот, пренесува британски „Гардијан“ во најновиот поткаст.
Во свет каде што политичката и социјалната поларизација станува сѐ поизразена, разбирањето како и зошто луѓето поддржуваат екстремни акции добива суштинско значење.
Личноста што е амбивалентна може да почувствува и позитивни и негативни емоции кон иста тема, што доведува до внатрешен конфликт, несигурност и неодлучност. Во контекст на политичките и општествените прашања, амбивалентноста може да значи дека лицето има измешани мислења за важни теми како што се имиграцијата, економската политика или социјалната правда.
Истражувачите анализирале податоци собрани од различни анкети и експерименти во кои биле вклучени илјадници учесници од различни социјални и политички контексти. На учесниците им беа поставени прашања за нивните ставови, како и за нивната подготвеност да поддржат или да учествуваат во екстремни акции. Студијата покажа дека луѓето што се амбивалентни во своите ставови имаат поголема веројатност да поддржат екстремни акции. На пример, човекот што истовремено ги препознава економските придобивки од имиграцијата, но се плаши од културни промени, покажува поголема тенденција да поддржува екстремни мерки против имигрантите.
Амбивалентноста често предизвикува високо ниво на емоционален интензитет, објаснуваат експертите. Луѓето што се амбивалентни може да чувствуваат поинтензивен внатрешен конфликт и фрустрација, што ги прави поподложни на екстремни решенија, кои ветуваат брзо и решително решение за нивните дилеми. Екстремните идеологии често нудат едноставни решенија за сложени проблеми, кои можат да ги привлечат оние што се чувствуваат несигурно и не можат сами да се одлучат за некои прашања.
Разбирањето на врската помеѓу амбивалентноста и екстремизмот може да има значително влијание врз политичарите, носителите на одлуки и општествените активисти. Ако знаеме дека амбивалентните луѓе можат да бидат повеќе склони да поддржуваат екстремни акции, развивањето стратегии за поефикасно вклучување на овие лица во конструктивни политички процеси може да го намали количеството на екстремизам во општеството, што може да стане клучно во светот што се соочува со зголемени политички и општествени тензии.