Да се разбереме во неколку постулати, кои се адамантно цврсти: 1) Иран нема да се откаже од нуклеарна (оружје) програма, тајно или јавно; 2) Иран нема да се откаже од џихадистичката идеја да се уништи Израел, да се уништат сите Израелци и Евреи, а понатаму и сите „неверници“. Абдолрахим Мусави, новиот шеф на генералштабот на Иран, е поголем џихадист од претходните; 3) Израел никогаш нема да има доверба во ваков Иран – додека не се смени џихадистичкиот систем; 4) Израел никогаш нема да се откаже од своето постоење
ИРАН – ИЗРАЕЛ – ТРЕТ ДЕЛ
Се стресе гората, се роди… нов џихадизам. „Е па, така ви треба браќа, чачкате мечку…“. Ми ѕврцкаат телефонски постојано, бидејќи децата ми се во Израел – „Ало-ало…, живи се?“ „Што не мрднеш, земи ги… преку Египет, ама си смотан…“. „Резервисти се, не смеат да излезат од државата“… „Што бе не смеат, извлечи ги“… А бе што сакате од мене? Шетајте таму“… Војната заврши, нов ден, нов пекол. Нетанјаху мислеше ќе ги вовлече Европа и Америка во војна и ќе го мавне режимот на Иран. Фатаморгана! Европа не мрда, таа е окупирана од сопствени џихадисти. Јас сум лично поразен – антисемитизмот е вродена мана на светот. Виновен – секогаш.
Кога имаш рани од капитализмот – антисемитизмот е мелем. Искрено, антисемитизмот го сфаќам, но антимакедонизмот не го сфаќам. Американците не би мрднале за Израел, но потегот го направи Трамп, бездруго со притисоци од еврејското лоби, потоа армиското лоби, финансиското лоби и таканаречената „длабока држава“. Седум „Б2“ полетаа од Мисисипи, до Гибралтар, Израел и Јордан, а всушност од две страни од море, 14 „масив ординанс ГБУ-57А/Б“, со „КС46А пегасус рефјуелери“ и подморници со „томахавк“, наводно направија „дупки“ на планините од 60-80 метри и наводно ги разориле нуклеарните постројки. Секретарот Хегсет и генерал Дан Кеин велат дека се спремни да ја продолжат борбата (ако треба). Српски медиуми (Хепи) велат дека постројките се на над 600 метри длабочина… Лажи Вере, лажи душо. На таа длабочина ќе зоврат (сетете се на Жил Верн). Сите уживаат да ги фалат Иранците, џихадистите, ајатоласите Хамнеи и Хомеини… сѐ е исчашено… јавното мнение е каша, забораваат дека токму тие го финансираа распадот на Југославија и праќаа муџахедини за директна борба во Босна и Косово (Хамнеи беше пријател на Раиф Диздаревиќ), а и нашиот срамотилак на Арачиново. Ако-ако, љубете ги џихадистите, обожавајте ги – ќе ви дојдат – веќе има информации за концентрации во Албанија. Се разбира „Евреите се криви, тие гмизавци се зад сѐ“ и како вели Хепи ТВ, „време е да се ревидира и врати холокаустот“. Заборавија дека и тие страдаа во Јасеновац, Бањица, Јадовно, Аушвиц и насекаде. Само да биде антизападно, па и самиот ѓавол нека биде.
Израел по мене ја изгуби оваа војна и покрај спектакуларните инфилтрации и ликвидации на генерали, нуклеарни научници, постројки. Едноставно – пораз! Многу направи, но не е доволно, ни од блиску, бидејќи Иран ќе се регенерира. Ултрацентрифуги? – па такви има и во домаќинствата, само се многу помали. Секој може да ја игра таа игра. Требаше или да го срушат системот или да не почнуваат. Велат дека од атомската комисија добиле информации за лицата. Како да не – Иранците „специјално“ ќе им ги покажуваат генералите и научниците, па и места каде живеат и се движат. Коментаторите се шлапачи, хип-хопери, а политичарите се панкери, водат политика според ЧетГПТ. Прво, генералите се незадоволни и се местат едни со други. Агентите и не се прави агенти, тие од мали живеат таму и се дел од фамилиите што се цел. Сега ајатоласите ги бришат потенцијалните агенти „ад рандом“ – сѐ по ред ги стрелаат и бесат, како што правеше Хомеини. Цел се малцинства, посебно Бахаи, Азербејџанци, Курди, Балухи нарекувајќи ги „Мосад-агенти“ (Хамзи Калили). Ништо. Тие ќе обноват и фабрики и кадри. Постои антагонизам меѓу армијата, цивилите и клерот, но револуција не е на повидок. Има огромен број етнички ентитети и религиски групации, кои може да дојдат во колизија. Парадоксално, има и еврејска фундаментална групација, која е просистемска (Раби Јехуда Германи). Иран има посебно министерство за разузнавање (МОИС), со инфилтрација на агенти во „пријателски земји“ (дури и кај нас), а преку нив во Израел или САД и Европа, ангажирајќи дури и Евреи да работат за нив. Исто и Израел регрутира „агенти во агентура“ или дури и во владите користејќи пари, дрога, сексуални, хомосексуални, парафилични, па и парапсихолошки методи. Социјалните мрежи и сајбернападите се екстремно активни. Иран праќа „троуви“ од комуникации на Трамп, потоа сајбернапад на водоводни мрежи и други инфраструктури, или израелски фабрики во САД, сообраќај, болници, школи, банки, напад на заштитни од напад системи (Орпак, Ценсис, сајтОмат). За разлика од Сирија – во Иран нема вистински водачи за револуција. Опозицијата е поделена. Мислам дека жените се посилен и посериозен фактор на отпорот (на пример Маријам Раџави). Велат дека Иран е неосвоив – наоколу сѐ се планини, а „под“ нив е слој на пустина. Морињата се „заштитени“ со подморници (какви, нуклеарни?). Па како тогаш ги освоил Александар пред 2.300 години? – негде меѓу планините Таурус, Аманус и реката Ис или, пак, Суса (читај Ариан, Куртиус Руфус и Кембриџ историја).
Израел треба да му заблагодари лично на Трамп за интервенцијата, можеби во склоп на патувањето на Нетанјаху, а богами треба да му се заблагодари и на Путин за воздршка од снабдување со софистицирано оружје. Затоа, единствено решение на блискоисточниот проблем е директен договор на Трамп и Путин – исто како и проблемот со Украина. Можни опции се: 1) Гаранција на Иран дека нема да го напаѓа Израел (јас не верувам во гаранции, како што бара Македонија во однос на Бугарија); 2) Промена на системот во подемократски од внатре (тешко, но можно); 3) Преговорите се палијативно решение (одложување на нуклеарната програма); 4) Супституција на нуклеарната програма – атомски централи да прават големите сили под нивна контрола, а оружјето да биде забрането; 5) Распад на државата – „југословенски синдром“ – секвестрација и поделба на „интересни зони“ (американска, руска, кинеска, пакистанска, ирачка и други), но тоа би била и граѓанска војна на помали ентитети под контрола – со поделба меѓу големите сили; 6) Војна однадвор (инсценирана) со некоја сила на пр. Пакистан или друга (потенцијално Турција или Саудиска Арабија). Арсеналот на ракети и дронови што Иран ги има се од порано, нешто има и од Франција (која има свој интерес таму), а не е јасно од каде им се хиперсоничните ракети (проблематични за производство дури и на големите сили); 7) Легалистички метод за човечките права, што за Иран мене ми изгледа смешно; 8) Економско-финансиско здружување (слично на ликвидираните генерал Рабин и Јасер Арафат, посебен комонвелт), што би бил некој мост или „пенинсулација“ со БРИКС, но тоа е тема за друго излагање. Можеби најдобро решение би било да дојде на власт некоја „поднослива“ подемократска гарнитура и проблемите да се решаваат со дипломатија, а државата да остане целосна. Тогаш успехот на Иран би бил до небото. Иран има огромно актуелно и потенцијално лоби во светот – посебно во Франција, САД и Британија. Замислите само дека човекот на формална позиција на проф.
Збигњев Бжежински е Иранец. А наш имаме таму? Понатамошна можност е нуклеаризација – Иран не се сомневам дека ќе продолжи со развој на атомската бомба велејќи дека не му треба (извинете ама лажење се применува насекаде, а во џихадистичкиот свет лажењето е литургија). Не ме сакајте – ама размислете, кој му верува на џихадист – е мртов и глупав (филмот „Кад будем мртав и бео“ – се однесуваше на комунизмот). Заменикот-министер за надворешни работи на Иран, Маџид Тахт Раванџи, отворено го потврдува тоа. Иран продолжува да користи математички модели и артифициелна интелигенција за производство на нуклеарно оружје (Парчин – 30 км јужно од Техеран). Тоа значи непредвидливи реакции на Израел (вклучително хипернуклеаризација), диверзии, нуклеаризација на други земји – Турција, Саудиска Арабија, Турција – а ако се нуклеаризира Турција, ќе сака и Грција, можеби Италија, па можеби Казахстан и Азербејџан, па други сили од ЕУ (кандидати се Германија и Полска, можеби и Шведска) итн. Оваа гарнитура од скоро 50 години, со џихадистичка инклинација во „увоз-извоз“ мод не им одговара ниту ним ниту на големите сили, Европа, а најмалку на Израел. Да се разбереме – џихадистите не се откажуваат од тотално уништување на Израелците и сите Евреи, а во последно време огромна таква пропаганда и акции се прават против христијаните во САД и Европа (со инсуфициенција на информации на таа тема). Во Германија секој ден има конфликти со Хамас, Франција е инфилтрирана со џихадисти – 20 отсто од населението (имам и роднини убиени од нив за ништо). Партијата на Меланшон е длабоко инфилтрирана со нив и ако дојде на власт…, готово е. Макрон се „копрца“ како фатена риба во мрежа и шансите му се опскурни, тотално зависен од Рочилди, додека мадам Лепен е политички парализирана. Брисел велат (гастарбајтери и националисти) дека 50 отсто се таму џихадисти. Прошетајте во Лисабон да видите какви им се фаците, дури и на улица. Друг Тито нѐ учеше „ако е црн, тој е брат, ако е бел е капиталист или ционист“! Вашите внуци ќе се молат на Алах, дигитално! Е па – Европа драги мои – е џихадизам. А од друга страна, ЕУ бара 800 милијарди (мислам и повеќе) за наоружување. Против кого? Европа против Русија? -… Ха, ха, ха…, не вреди ни да објаснувам – може ли глушец да лапне слон? Барбароса – 2? Ај губите се (ги видовме упрофорците кај нас). Милитаризација и хиперфинансирање на армијата! Против Арапите, Индусите, Индонезијците… и други џихадисти? Можеби треба, но се плашам дека е доцна – тие им се влезени во државата, армијата, домовите, црквите, политиката, банките, медиумите, трафицирањата, психологијата итн. Овде се сетив на една идеја – па ако нашиве толку „им се плаче“ за Палестинците, Иранците, Сомалијците и другите „сироти“ елементи – нека си ги земат дома. Ете јас имав Босанци, стари другари и фамилии од Вишеград за време на војната. Морам да признам дека тотално банкротирав, но не ми е жал, бидејќи спасив животи. Ајде направите и вие така! Нели сте големи душегрижници?
Проблемот со Газа го гледам како огромен, не од безбедносен аспект, туку како морален. Масовните жртви, без разлика на околностите, не одат во прилог на етиката. Логиката на Газа ја нарекувам „хирошимизам“ – постои аргументација или логичен инпут, а аутпутот е девастација на човекот. Класичната војна станува летална како и нуклеарната. Палестинците се заложници и на Израел и на Хамас. Хамас ќе ги врати еврејските заложници „кога Израелците ќе пеат арапски фолк“. Ако ги врати – мртви се. Нека си преговараат, ако – четки за нивните народи и за нас. Евреите (каде што сум и јас) се библиски народ, под владеење на 10-те Божји заповеди, кои „ги експортираа“ и кај другите религии, а овде има прекршување. На тоа се надоврзуваа и други „морални игри“ – како на пример Обединетите нации, кои се секогаш на проџихадистичка страна, за што било и да се работи. Еве размислете – при македонскиот и југословенскиот конфликт – на чија страна беа, христијанска, муслиманска, еврејска, атеистичка…? Во македонскиот конфликт дали се на страна на УЧК или на наша страна? Хамас од нив добиваше (и сега) оружје. Во Газа покрај стратешки интерес, постојат и материјални интереси – нафта, гас, море и можеби најважно – вода (постои подземно езеро, кое се шири до Либија и понатаму). Од друга страна се создава нова верзија на „свилениот пат“, каде што и ние се приклучуваме. Америка нема да се откаже од идејата за „Ривиера“, односно „амбрела“ на интенцијата во Рочилдов-Монтефиоре стил за купување територија, која подоцна ќе се прошири накај Гренланд (ако Трамп остане). Тоа може и БРИКС.
Да се разбереме во неколку постулати, кои се адамантно цврсти: 1) Иран нема да се откаже од нуклеарна (оружје) програма, тајно или јавно; 2) Иран нема да се откаже од џихадистичката идеја да се уништи Израел, да се уништат сите Израелци и Евреи, а понатаму и сите „неверници“. Абдолрахим Мусави, новиот шеф на генералштабот на Иран, е поголем џихадист од претходните; 3) Израел никогаш нема да има доверба во ваков Иран – додека не се смени џихадистичкиот систем; 4) Израел никогаш нема да се откаже од своето постоење. Следната година има избори во Израел, а состојбата е многу сложена. Во моментот премиерот Нетанјаху (има и американско државјанство) сам нема доволно гласови и се здружува со „ултрадесничарски“ партии од т.н. Хареди-Евреи, ултрарелигиозни, со поддршка за градење нови населби на арапска територија, што е основа за судири. Дел од религиски-ориентираните министри (на пр. Саар, Ганц, Кац) имаат руско потекло, што е поволна околност, а Замир (ИДФ) е од Јемен. Тоа се Хареди кабалисти, „небески оган“, кои за Бог и Израел живот даваат одма. Интересно. Премиер на Израел треба да биде високообразован, да поминал активно низ армија (генерал), разузнавање, да знае арапски, руски и англиски, да има висока смисла за економија, посебно да биде добар или во релација со претседателот Путин, а се разбира со американскиот, кинескиот и други. Треба да биде и многу решителен, заради воени операции, кои секогаш се можни. Ако Нетанјаху не ги добие следните избори, скоро сигурно е дека ќе биде уапсен и суден – од израелскиот правосуден систем заради корупција, или од меѓународен суд, а тоа предизвикува сомнеж за негови идни непредвидливи потези. Јаир Лапид беше поранешен премиер и засега главен конкурент, а татко му беше наш пријател (Томи Лапид, присутен во Скопје при поставувањето темел на Центарот на холокаустот). Лапид е демократичен, образован и попустлив кон палестинскиот народ и кауза, што е и добро и опасно. Кац зборува за надмоќност на воздушниот простор – значи нови антибалистички системи (сегашниот челичен чадор, Давид и Стрела се инсуфициентни) – против суперсонични над пет или седум маха и со вертикална траекторија. Постоење на две држави, еврејска (Израел) и палестинска, е добра и праведна идеја. Јас мислам дека тоа е можно, но со еден услов – милитантните формации (Хамас, Џихд итн.) да се расформираат и новата држава да биде демилитаризирана – да не постојат ракети, дронови, тенкови, машини за тунели, диверзантски можности итн. Ако не се воспостават овие услови – идни војни сигурно ќе има, со понапреднати и разорни оружја. Најважно е да постојат разум и волја за вистински мир без геноцидни желби и идеологии, во што јас, да бидам искрен, не верувам.
Проф. д-р Самуел Колономос Садикарио