Кои се првите браќа и кое е првото братоубиство во светот, според книгите?В Библијата е напишано дека биле Каин и Авел, синовите на Адам и Ева, кои ги добиле откако биле избркани од рајот, на двестегодишна возраст. Каин, постариот, бил земјоделец, Авел, помладиот, чувал овци. Кога дошло време да му принесат дарови на Бога, едниот му принел помалку, другиот повеќе. Каин, кој дал помалку, налутен и навреден си го убил брата си Авел. Објаснувањето на мотивите зошто го убил е комплицирана приказна, во која се замешани навредата, гневот, завидливоста, љубомората и личните интереси. Како и да е, таа е првата пролеана крв запишана во Светото писмо и оттогаш, според тоа учење, почнала да се лее братската крв по земјата.
Речиси нема кралство или царство, нема султанат, династија или друга форма на апсолутистичко и диктаторско владеење каде што немало братоубиство, едно или во низа. За власт, за наследство, за пари, за зачувување на системот. Историјата бележи братoубиства не само поединечни и семејни туку и меѓу блиски народи по потекло и вера. Исто како што има примери кај еден народ (или нација) кога браќа се убивале затоа што не се согласувале, што биле на различни страни по идеологија, со поинакви политички гледишта, што биле со власта или против неа.
Ако се направи некаква површна историска паралела, ќе се види дека Македонците, претенденти на библиско потекло, не се оддалечиле многу од тие прапотопоски карактеристики кога станува збор за братоубиствата, особено политичките, кои се дел од нивната долга историја, верен придружник на македонското минато. Најпознат и најблиску до нас е периодот на почетокот на 20 век, време кога „братоубиствата“ биле најмасовни, безмилосни, најкрвави, кога биле ликвидирани стотици и стотици Македонци од одмаздничката рака на Македонци. Истребувањето всушност почнало набрзо по донесувањето на одлуката за кревање на Илинденското востание, а особено по поразот на востанието и последиците од него, кога на површина се појавил судирот меѓу левите и десните сили кај македонските револуционери. И траело триесет години.
Тешко може со сигурност да се каже кој всушност прв почнал со братоубиства, но, според хроничарите, крвавиот пир својот повидлив старт го имал во 1907 година, со денот на ликвидацијата на двајцата истакнати членови на револуционерното движење Борис Сарафов и Иван Гарванов. Тој чин е дел од пресметката меѓу таканаречените „леви сили – социјалисти-демократи“, предводени од Јане Сандански, кои ја застапувале линијата за ослободување на Македонија без помош на Бугарија, и „десните – христијанско-конзервативни‘‘ кои Македонија ја гледале како составен дел на Бугарија, а Македонците како Бугари.
Во долевање масло на огнот обилно се мешале странските сили, бугарски, српски, грчки, британски, француски, германски, руски, кои силно дејствувале со нивните агенти, пропаганди, лажни ветувања и дотурања пари, злато и оружје. Значи, освен во името на воените, идеолошките и стратегиските разлики, се водела и крвава борба за пари, кој ќе ги земе од донаторите, кој со нив ќе располага и за какви цели ќе ги троши.
Значи, кога би се обликувало накратко „стеблото“ на македонскиот крвав период на братоубиствата, тогаш би се почнало со Јане Сандански, кој даде наредба, а Тодор Паница ги ликвидира Борис Сарафов и Иван Гарванов. На списокот бил и Христо Матов, но случајно куртулил. За одмазда, Сандански е ликвидиран осум години подоцна, иако е гонет цело време, по директива на Тодор Александров. Истиот Александров му испратил младо момче на Ѓорче Петров, кој веќе бил тешко болен и полуслеп, и го ликвидирал. Христо Татарчев, уплашен од заканите од Александров, побегнал во Италија и така се спасил.
Новата, поголема серија на ликвидации ќе започне по убиството на Тодор Александров во 1924 година, кога работите и организацијата ВМОРО во свои раце ги презема Ванчо Михајлов и кога почнуваат „крвавите денови на софиските улици“. Тоа убиство Михајлов ќе го искористи како повод да се пресмета со сите оние што не мислеле како него и кои му стоеле на патот да застане на чело на организацијата. На сите оние што ќе ги забележи во списокот за отстрел ќе им ги залепи етикетите на „заговорници“ и „предавници“.
По негова наредба, поддржана од Протогеров, ќе бидат убиени познатиот социјалист Димо Хаџи Димов и докторот по право Славчо Ковачев, од раката на Владо Черноземски. Истиот Черноземски ќе го ликвидира и Наум Томалевски. Ќе бидат ликвидирани и Алеко Василев, раководителот на ВМРО во пиринскиот крај, потполковникот Георги Атанасов, познатиот новинар и писател Арсение Јовков. Физичкиот убиец на Сарафов, Тодор Паница, ќе биде застрелан среде претстава во виенскиот „Бургтеатар“ од Менча Карничу, која подоцна ќе стане сопруга на Ванчо Михајлов. Долгата рака на самопрогласениот лидер ќе стигне и до Петар Чаулев, во кого биле испукани неколку куршуми во ресторан во Милано.
Сепак, најмасовните братоубиства се случувале од 1928 до 1933 година, кога Михајлов испратил терористи да го убијат (и го убиле) Александар Протогеров, неговиот колега од Централниот комитет и сопотписник на многу смртни пресуди. Тогаш и самите „десни сили“ ќе се поделат на „ванчовисти“ и „прогеровисти“ и ќе започнат меѓусебно да се истребуваат. Како што бележат тогашните хроничари, секое утро софиските улици осамнувале со понекој труп на Македонец, застрелан или заклан од Македонец. За еден „ванчомихајловист“ биле убивани десет „протогеровисти“. Седмицата кога меѓу себе биле убиени најмногу Македонци хроничарите ја нарекле „страшна“ или „траурна“ седмица, зашто секоја вечер се случувале по две убиства, настаните во некои моменти попримале облик близок на граѓанска војна.
Европа изјавувала дека е вџашена од свирепите пресметки, издавала соопштенија и дипломатски ноти, но нејзините земји си ги гледале своите интереси и не се вклучувале во никаква акција да се смири или промени ситуацијата.
Сите конфликти, пресметки и убиства се случувале и се вршеле во името на Македонија, во името на нејзината борба за слобода, за автономија или за целосна независност во идната замислена, ослободена држава. Во тоа име биле и сите жртви.
Спомените од тие настани не се избришани до ден-денес. Последиците сѐ уште се живи, поделбите меѓу Македонците не само што не се расчистени туку добиваат нови димензии, не само во рамките на ревизија на настаните од минатиот век. Тие добија нова енергија и преку барањата за запишување на Бугарите во македонскиот устав.