Двајца гувернери ја одразуваат истата матрица на владеење, особено примената од империите – едниот е Патен, кој ќе остане запаметен како последен гувернер на кинескиот Хонгконг, а вториот Понтиј Пилат, гувернерот на Јудеја, кој го водел судењето против Исус. Македонија може многу да научи од овие историски случувања и да се праша – дали нештата кај нас и со нас отидоа предалеку?
(„Ти зборувам ќерко, сети се снао“)
Точно на полноќ на 1 јули 1997 година од Хонгконг е испратена куса телеграма: „Неволно ја прекинав администрацијата на оваа влада. Бог да ја чува кралицата. Патен“. Со оваа едвај реченица е окончано 99-годишното владеење на Велика Британија на Хонгконг. По церемонијата на предавање на власта тој го напушти градот, заедно со принцот Чарлс, на британската кралска јахта „Ејч-ем-уај Британиа“. Беше забележано дека Патен бил во солзи во текот на денот, особено по неговиот говор во Тамар. Историја. А во историјата не секогаш се влегува како херој. Може да се влезе и како антихерој или како гувернер. Овој пат ќе се задржам на двајца исклучителни гувернерски фигури, едниот уште жив и активен, другиот одамна умрен, но речиси секојдневно присутен во мислите или во говорите, размислите.
Крист Патен, баронот Патен од Барнс, беше 28. и последен гувернер на Хонгконг во период од 1992 до 1997 година. Го изгасна светлото на британскиот колонијализам во Кина. Имаше блескава политичка кариера, му помогна на Џон Мејџор да стане премиер кога никој не го очекуваше тоа, па наместо да стане секретар за надворешни работи, оти не победи во својот изборен круг, доби гувернерска фотелја. Потоа беше и еврокомесар за соработка со соседите и во една пригода го посети и Скопје. Имаше и такви новинарски размислувања во тоа време – дали дојде новиот гувернер на Македонија!? Оти на сите претставници на ЕУ што беа удобно сместени во Скопје им се поставуваше тоа прашање – дали се чувствувате како гувернер на Македонија? Истото прашање и сега може да му се постави на Дејвид (Ричард) Гир – дали се чувствувате како гувернер? Секако дека ќе се насмее, оти има конкуренција и некои други да ја добијат таа титула.
Накусо – Патен ќе остане запаметен како добар гувернер, според анкетите спроведени кај жителите на Хонгконг – 53 проценти позитивно се изјасниле. Тоа се британски извори. Западен поглед на нештата. Како на пример „Последниот император“, филмот на Бертолучи за последниот кинески цар. Што мисли и како реагира Народна Република Кина? Како може да реагира? Таа беше трпелива, цели 99 години чекаше да си го добие своето назад, одземено по британската воена интервенција позната како Опиумските војни, оти така било некогаш договорено. Внимавајте – некои големи држави и култури го почитуваат тоа што е напишано. Цел век биле смирени. Но Патен пред да го изгасне светлото и ќе се качи на бродот целиот насолзен, заедно со своето семејство ќе повлече неколку потези, кои нема да овозможат едноставна транзиција на Хонгконг во кинескиот систем. Постапките на Патен беа жестоко критикувани од пропекиншките политички партии, а од некои кинески медиуми и политичари беше наречен „курва на Истокот“ и „змија“, а најпознато беше наречен „грешник што ќе биде осуден со илјада генерации“.
Патен жестоко го критикуваше кинескиот претседател Си Џинпинг, нарекувајќи го навлечен диктатор, а за компанијата „Хуавеи“ рече дека е „агент на непријатната кинеска држава“. И така, Хонгконг денес е Кина, гордост на една систематска, трпелива, конфуцијанска политика.
Вториот гувернер. Кој ако не Понтиј Пилат, кој бил гувернер на провинцијата Јудеја во еден од најдраматичните и најзначајни периоди на нашата цивилизација. Му судел на Исус, а потоа си ги миел крвавите раце. Тоа е метафората на Пилат, која не е најточна. Но го водел судењето и ги ставил угледните Евреи на тест, тие всушност да му пресудат. Тие Евреи, кои всушност биле избирани од Рим, односно од Пилат и сето тоа заверено со печатот на Тибериј. Исто како и Патен и Пилат морал да има соработници од локалното население, луѓе што ќе им бидат верни на империите. Луѓе што ќе го сакаат повеќе Пилат од Исус. Евреите тогаш го имале својот владетел Ирод, кој бил поголем Римјанин од Римјаните. Секој нека се праша дали е можно тоа? Ама секој треба да ги помине тие тестови, да отвори искрен дијалог со себе. Тоа важи и за денешните Македонци. Не треба да се плашиме од соочување со себе си.
И „Бунтувајте се“ (според манифестот на Стефан Хесел), оти ништо нема лошо во мирниот бунт, затоа што тоа е наше право, а понекогаш и обврска. Останало запишано дека Евреите во тоа време се бунтувале, па дури е истакнато дека воопшто не се плашеле да загинат фрлени во арените за гладијатори. Понтиј Пилат бил петтиот гувернер на Јудеја, во тоа време позиција што не била сметана за вредна или значајна. Тој повеќе од десет години бил на таа функција, а потоа му се губи трагата. Но останал во историјата како гувернер што му судел на Исус. Дали знаел кому му суди и за што му суди? Сите го знаеле Исус во тоа време, многу добро знаеле за неговиот живот и мисија. Ама Господ решил да ги стави на тест сите. И знаел дека неговиот син ќе воскресне. И знаел да ги награди тие што веруваат.
И ние си имаме наши понтијпилати и криспатеновци и ироди. Сѐ е смислено и измислено уште многу одамна и сето тоа се повторува. Дури ни формата не е многу изменета, па затоа и лесно е да се препознае. Што е важно – навреме да се реагира, оти ако не се прави тоа нашето битисување нема смисла. Тажно е овие денови да се гледа како модерните губернаторчиња ја стројат Македонија, ја понижуваат, ја притискаат до последните граници на издржливоста. Имаме ли ние избори? Имаме ли наша избрана влада, парламент и претседател? Кој им го дава мандатот на тие избрани од народот и за што? Кому му плаќаме даноци и за што? Работите отидоа предалеку за да се гледа ова што ни се прави (things have gone too far)! Оти понижувајќи ги легално избраните функционери и институции, всушност се гази по срцето, душата и гордоста на народот.