Градовите во земјава што редовно се во друштво на најзагадените во светот се соочуваат со криза на аерозагадување чии последици добиваат пандемиски размери. Проблемот не опфаќа само еколошка димензија, туку истиот тој преминува и во здравствена катастрофа. Покрај граѓаните, се чини дека и повиците за акција се задушуваат во воздухот, враќајќи се како ехо секоја година. Слично како и за пожарите, за кои престанавме да слушаме во текот на зимата, и на проблемот со загадувањето му се потребни долгорочна стратегија и сеопфатен план. Наспроти демагогијата и краткорочните мерки во зима, а потоа, веднаш штом ги видиме првите зраци на пролетта – целосно да заборавиме што нѐ чека. Шаблонот е ист, а разликата е само во тоа што пожарите се нашиот горлив проблем секое лето, а загадувањето, секоја зима.
„Сите сме пушачи со овој воздух“ е името на кампањата за превентивен скрининг на белите дробови, која пред некое време се најде на билбордите во Скопје. Звучи поразително, а особено поради фактот што загадениот воздух е една од главните причини за појава на респираторни заболувања, вклучувајќи го и развојот на карцином на белите дробови. Според статистиките, Македонија е на 10-то место во светот по смртни случаи од рак на бели дробови. За жал, на поразителните статистики им нема крај, бидејќи според најновата публикација на Организацијата за економска соработка и развој и Европската комисија, Македонија е рангирана како прва земја во Европа – со највисока смртност од загадувањето. Прва земја по загадување во Европа, a во исто време, седма во светот по процентот на покриеност со планини на својата територија – 85,5 отсто, и со голем број шуми и природни богатства. Истата таа земја, која дополнително има и над 300 сончеви денови во годината, совршено плодна почва и огромен потенцијал за зелен и одржлив развој, се соочува со едни од највисоките нивоа на загадување во целиот свет.
Дополнително, според последниот попис, Македонија има помалку од два милиони жители, кои живеат на територија од 25,713 квадратни километри, што ја сместува земјата на 29-то место по густина на населението во Европа. И покрај тоа што бројот на жителите и густината на населеноста често влијаат на квалитетот на воздухот, ние сепак сме на врвот.
Верувам дека ретко кој нема барем некаква перцепција за сериозноста на проблемот со аерозагадувањето, но за истата таа да ја разбереме од еден поинаков агол, може да направиме споредба со пандемијата на ковид-19. Имено, според податоците од Институтот за јавно здравје, во Македонија годишно умираат околу 4.000 жители како последица од загадениот воздух. Доколку споредиме, неодамна, за време на пандемијата на ковид-19, во првата година починаа околу 3.000 жители. Или, за да се достигне просечната бројка на починати како последица од загадувањето за една година, потребни би биле првите 14 месеци од пандемијата. Разликата е во тоа што за пандемијата беа преземани најразлични вонредни мерки, беа воведувани рестрикции и заштитни протоколи, додека загадувањето на воздухот, кое убива илјадници граѓани секоја година, за жал, најчесто продолжува да биде игнорирано.
Метафората е во тоа што загадувањето можеме да го претставиме како вирус на кој сите сме постојано изложени, а проблемот е – што на тој начин влегуваме во инкубациски период од повеќе години, а на крајот, веќе ќе биде доцна за каква било реакција и интервенција.
Постои уште една метафора што има огромна релевантност за темата, а често се користи кога сакаме да опишеме дека животот е многу скап и постојат многу давачки, обично кога се опишуваат одредени поскапи држави. Велиме – само воздухот (и водата) не се плаќа, тргнувајќи од фактот дека дишењето секогаш е бесплатно. Но, за волја на вистината, колку тоа да звучи парадоксално, чистиот воздух во Македонија навистина може да чини пари, секако, ако сакате да дишете чист воздух дури и дома, најверојатно ќе ви биде потребен филтер што чини пари, особено доколку сакате филтерот да биде квалитетен. Всушност, поради фактот што воздухот е загаден и во затворените простори, некои градинки и училишта, па и општини, веќе започнаа да набавуваат прочистувачи за воздух. Истите тие се користат и во голем број на домаќинства.
И без никаква доза иронија, доколку никој нема сериозни намери за промена на ваквата ситуација, субвенции за прочистувачи на воздухот во затворените простории и не би била толку лоша идеја. На тој начин барем ќе бидеме сигурни дека некаде навистина дишеме чист воздух.
Во 2022 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја донесе претходно усвоената резолуција, прогласувајќи ја чистата здрава и одржлива животна средина за универзално човеково право. Со оваа резолуција се признава и она што е најважно за нас – чистиот воздух е основно право што треба да биде заштитено и гарантирано за сите. На ваков начин, загадувањето во вакви размери како кај нас е грубо кршење на основните човекови права на секој поединец и крајно време е проблемот да се третира така како што би се третирала која било друга повреда на основните човекови права.
Врховниот суд, исто така, неодамна утврди дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина и, со тоа, правото на чист воздух стана уставно загарантирано право и во Македонија. Сепак, според најновите информации од Управниот суд, досега никој нема испратено ваква тужба.
Но, освен вакви декларации, за справување со аерозагадувањето во Македонија потребно ќе биде да се направи многу повеќе. Истовремено е неопходно воспоставување долгорочна и краткорочна стратегија, составени од сет акциони политики.
Доколку во минатото главните причини за иселување беа економски, денес можеме да кажеме дека сѐ почесто младите, но и граѓаните воопшто, се иселуваат и од други причини, вклучувајќи го тука и загадувањето. Загадениот воздух е директно поврзан со болести на респираторниот систем и општото здравје, но покрај физичкото здравје, животот во загадена средина создава и психолошки притисок и анксиозност кај граѓаните, кои чувствуваат дека нивниот квалитет на животот е трајно нарушен.
Здравјето нема цена, па сосема разбирливо е кога при опстојување на ваквиот проблем со години и при недостиг од соодветна акција од надлежните, граѓаните спасот да го бараат на друго место. Денес младите се сѐ повеќе еколошки свесни и сакаат да живеат во места што ги почитуваат еколошките стандарди и инвестираат во здрава и одржлива животна средина. Темата со загадувањето несомнено е поврзана и со проблемот на иселувањето на младите.
Еден голем дел од проблемот со загадувањето е суштински, настанат во процес на долги години, а парадоксално е што низа проблеми се всушност поврзани и нивното решавање би решило повеќе проблеми.
Па така, настрана што централизацијата во главниот град претставува голем проблем сам по себе, кога истото тоа веќе е случај, нефункционалниот железнички меѓуградски превоз што придонесува за таквата состојба придонесува и за проблемот со загадувањето. Функционирањето на железницата во голема мера би ги растоварило сообраќајот и загадувањето во текот на целата година. Воопшто тука не отворајќи тема и за самиот градски превоз во главниот град.
Долгорочните решенија вклучуваат инвестирање во јавниот превоз, повеќе зелени површини и паркови и иницијативи за намалување на отпадот и промовирање на одржливоста. Тие се дел од еден поширок спектар на проблеми, кои исто така се таложени со децении, а укажуваат на негрижата кон животната средина и лошото урбано планирање во градовите.
Иако е потребно донесување национална вонредна стратегија, со мерки на краткорочен и долгорочен план од највисок приоритет, можеби најважно ќе биде на истата таа да продолжи да се работи во текот на целата година, а не само во текот на зимата. За изнаоѓање на најефективните решенија, кои се потребни веднаш и без одложување, во континуираната стратегија, покрај Владата би се вклучиле и експертите, невладините организации и екоактивистите, кои неуморно укажуваат на проблемот и веќе долго време се единствените што го пренесуваат гласот на граѓаните. Процесот мора да биде долг и ригорозен онолку колку што треба, дополнет со дополнителни краткорочни мерки, кои би биле во сила во целиот период кога загадувањето е над дозволените граници. Слично како и за време на пандемијата, и денес, во услови на екстремна загаденост сме во вонредна состојба, а така и треба да се однесуваме.
Конкретни решенија веројатно има многу, постојат и примери на градови што го решиле ваквиот проблем, како што е Лондон, кој воведе зони со ултраниска емисија, субвенции за електрични возила и еколошки јавен превоз, како и строга регулација на индустриските извори на загадување. Потребно е учење од веќе добрите практики од други градови и иновативни решенија, како што е расчистувањето на маглата преку методот ЦЕ-О2. Дополнително, приоритет треба да се даде на подобрувањето на начинот на загревање на домаќинствата во зима, преку користење почисти извори на енергија и овозможување пристап до истите тие за сите, ширење на гасоводната мрежа во урбаните средини, како и на централното греење.
Во меѓувреме, ни преостанува да чекаме на следниот ветер, дожд или снег да го намалат загадувањето.
Бојан Лазаревски
(Республика.еду.мк)