Посета

Вредности

Те поздравувам професоре Крум Томовски. Судбината не дозволи да заборавам. Минуваат 100 години од твојот роденден. Еве ме… се сеќавам на часовите по Историја на архитектурата на Архитектонско-градежниот во Скопје, на теренските снимања по македонските градови… Велес… куќата на Апостол грнчарот и аргатката Марија… премерување, проверка: дали е ова можно?! ОВДЕ НЕМА ЛОКАЦИЈА! А куќата еве ја со сите врвни архитектонски вредности! И покрај просторните ограничености и тешките проектантски задачи (на пример: во куќата мора да се предвиди мануфактура, која технолошки подразбира печка што развива најмалку 900 степени по скалата на Целзиус!), кои ја доведуваат во сериозна опасност комплетната конструкција на објектот и животите на жителите! Како е решена внатрешната поврзаност на функциите?… ново откритие: куќата нема само хоризонтален и вертикален промет… има и дијагонален и подземен?! КУЌА ПОВРЗАНА СО НОУМЕНОТ! (затоа ли Рацин, кој најчесто престојувал во покривот, израснал во врвен поет?)… чардаци… на три нивоа… решена е климатизацијата најмалку 100 години пред да се разгледува како проблем во модерната архитектура…
Добро: КОЈ Е АВТОРОТ, КОЈ Е ПРОЕКТАНТОТ НА ОВАА КУЌА?
И на испитот: зошто „македонска анонимна“ (безимена) архитектура? Kако одеднаш сѐ започнува во 19 век и веднаш објектите се совршени и еве ги заштитуваме со закон како културно наследство? Зошто е „назадно“ да се проектира ваква куќа денес или утре?!
Ти, реши да се спротивставиш на безимената македонска архитектура и напиша дека има еден што има име и презиме и дека според делата заслужува место меѓу великаните на светската архитектура. Знаеше дека тоа нема да ги разбуди модерните проектанти и воспитувачи што градеа „посветла иднина“ и раскрстуваа со традицијата. Чекаше трпеливо и ги регистрираше македонските архитектонски бисери. Затоа не ми беше чудно што кога и да појдев до НУБ или во друга библиотека, под македонска архитектура те наоѓав тебе. Времето и постапките на судбината ми отворија можност да помогнам во твојот напор против анонимноста, 20 години по издавањето на книгата јас ја востановив Наградата за ред и развиток на македонската архитектура токму со името на Андреа Дамјанов. Тебе ти беше доделена. Со право си првиот добитник…
Се сеќаваш ли професоре Томовски на онаа дланка години кога ги работевме книгите за историското достоинство на македонската авторска архитектура… кога го откривме и вториот великан Ѓорѓи Новаков (сети се како ја меревме црквата во Ѓуришки манастир кога околу манастирот откривме крстови делкани во камен од неолитската епоха?!). Не успеавме да добиеме дозвола за Егејска Македонија (таму е највеличествената црква на Ѓорѓи Новаков во селото Крушово, која ја красат 33 куполи и три полукуполи на апсидата).
Предлагам, професоре, да наредиме неколкумина… Ѓорѓија Пулевски (архитектот од Галичник, попознат по речникот отколку со градбите), Тодор Петков (оној што ја создаде Куќата на Робевци), Стојан Везенков (црвената касарна Битола и касарна Меџидија Сараево), Хаџи Никола Неимар (конакот на кнегињата Љубица и кнежевиот двор во Белград), Павле Ќулафковски (Троицки мост во Санкт Петербург), Перо Лауца (Саат-кула – Прилеп), Павел Иванович (Рилски манастир), Мајстор Стојан од Луково (соборна црква – Лазарополе), Мирче Деспотов („Јени џамија“ – Дебар), Кара Никола Аџиов (Света Гора и Венеција)…
Знам дека останаа неостварени многу проекти и дека… Ти мораше да го пречекориш прагот на соништата… Но знам дека дејствуваш и во ноуменот… верувам дека во тие повисоки сфери (таму нема сенки како што нѐ поучуваат фрескоживописите на македонската ренесанса) само начинот е поинаков, но… истражувачот мора да истражува… Речи: ДО КАДЕ СМЕ СО КНИГАТА ЗА МАКЕДОНСКАТА АРХИТЕКТУРА ВО ЕПОХАТА НА МЛАДОТО КАМЕНО ВРЕМЕ?
Овде во феноменот на оваа невозможна земја е малку полошо од она што го знаеш. Изгледа дека не е доволно. Значи стандардно. И според актуелната статистика, денес како и пред 40 години за архитектурата се пишува една проста реченица на ден.
Сети се, пред 40 години Европа печатеше 1.000 наслови дневно.
Ете… толку на роденденот… од друга страна, ние пак ќе се сретнеме.
…пссст… Академик Крум Томовски е најсериозниот чувар на македонското архитектонско наследство во сферата на пишуваниот збор. Овенчан е со домашни, југословенски и меѓународни признанија и оставил околу 300 библиографски единици посветени на македонското градителство. Се сметам за негов воспитаник и соработник. На 21.12 му е роденден… и иако нашето дружење не може да престане, помислив дека и ова може да биде честитка…

Вангел Божиноски