Вредности
(се јавувам од една невозможна земја)
Аватар број 10.121.950, известување број 1.112.024, трета планета, Сончев Систем, Кумова Слама, локална група, 14-20.000.000.000 светлосни години по Големиот Почеток…
Има еден, го набљудувам извесно време. Постојано навраќа околу една градба, мери, запишува, чита нешто… Турист сигурно не е. Авантурист, можеби?
Ќе се претставам…
Вели дека е староседелец и дека ги одгатнува заробените зборови во градбата. Градбата е монументален свод ориентиран исток-запад, а од северната и јужната страна има два споменика посветени на веројатно почитувани претходници. Тоа што го разбрав го пренесувам во целост:
„Во секојдневието овие градби се класифицирани под насловот ’Триумфална порта’ и коренот им е востановен во времето на императорот Август Октавијан. Таа слави воена победа на една војска (Римјани) над друга (Гали). Природната потреба за историчност создаде и задолжителна европска архитектонска програма за подигање вакви естетски изобразби во урбаните јадра на градовите. Програмата се збогатува со текот на времето и дефиницијата не инсистира само на конкретна битка туку се слави триумф (во генерална смисла на поимот). Суштината е благородна: АКО ИМА ШТО ДА СЕ СЛАВИ – ИМА ЗАШТО ДА СЕ ГРАДИ.
Навидум, ова припаѓа кон таа категоризација, но има нешто што при читањето укажува на поинаков корен. Дали пред преминот на старата во новата ера постојат монументални порти? Да!
Портата Иштар кај Асировавилонците, Лавовска порта кај Микенците, Портата на Сонцето кај Инките, Влезниот портал во Цоцев Камен, Влезниот портал на процесијата до Баба кај Кукол…
Секоја порта значи триумф, но може да се препознае и СВЕЧЕНОСТА НА МИГОТ КОГА СЕ ПРЕЧЕКОРУВА ПРАГОТ НА ДИМЕНЗИИТЕ: од еден свет во друг, регистрација на моментот, ПРЕМИН. Портите се МОСТ, дел од мостот, еден распон од времето. Погледнете (покажува кон лакот на портата): во средината СУШТЕСТВУВА еден распон. Пишува Македонија, слави победа, монументална (има ли поголема победа од остварување СЛОБОДА?), одлево и оддесно, наместо лакови, има споменици на славни личности што го посветиле животот (или биле одбрани да го посветат) за слобода на Македонија (слобода во смисла ОСЛОБОДУВАЊЕ – LIBERTY). Македонија секогаш ќе биде слободна од Бога, НО…
Ако лакот од просторно-временскиот МОСТ значи ослободување, зошто на пример одлево кон десно нема арки што покажуваат движење?! Зошто се заменети со седнати личности замрзнати во минато определено (не)свршено време? И двата лика припаѓаат таму. И двата лика го посветиле животот за слободата (liberty) на Македонија. Еден е задоволен. Спокојно седи на викторијански стол. Мудро (држи книга подрака иако незабележливо) изразува задоволство. Сонот е остварен: Македонија е ослободена. Со поглед ја мери оддесно (логично – управуван од левата хемисфера) и би рекол е задоволен. Од другата страна: видно вознемирена личност. И таа седи. И таа држи в рака нешто што сака да го скрие наврапито. Писмо? Тукушто прочитано?
Затоа ли му талка погледот? Затоа ли не може да го види ослободувањето? Што ќе стори следно: ќе се навали на викторијанскиот стол да размисли или ќе стане да замине? Каде? Има тука многу засолнети и заробени зборови, треба да се бараат, упорно.
Во централниот дел, видливиот лак на мостот (секојдневноста непрецизно го именува како триумфална арка) зборовите се засолнети, но лесно се читаат. Јасно се изразени преку релјефи. Хронологија. Единствена стилска фигура е набројувањето. Немојте да мислите дека набројувањето го сметам за неплодна естетска категорија. Напротив. Но личностите лево и десно се суштината на оваа композиција. Едниот производ на левата хемисфера, другиот (тој е поголема загатка) обликуван од десната хемисфера, хемисферата на чувствата. Кога би можело да се прочита пораката од писмото…“
Замина.
Ми пријде добронамерен жител, кој веројатно следел дел од средбата со претходникот. Сакаше да ме успокои и ми објасни дека двата лика му припаѓаат на периодот пред осамостојувањето на Македонија, дека и обајцата животот го посветиле на ослободување на Македонија до самостојност, но кога Македонија доживеа самостојност, македонската власт ги осуди и едниот и другиот како непријатели на Македонија.
Едниот (тој со книгата) успеа да избега од Македонија и почина надвор од неа, а другиот беше затворен во Македонија и набрзо потоа почина во Македонија. Го прашав за писмото. Рече дека тоа е писмо што му е дадено откако е ослободен од затворот. Го прашав зошто е вознемирен и како да сака да замине побрзо? Ми објасни дека во писмото со кое е „ослободен“ пишувало дека нема да му биде дозволено да биде погребан во родниот град. И? Прашав. Речиси спокојно ми рече: „Така бидна“. Прашав (двапати): ЗОШТО?!
Добронамерниот жител ми покажа кон запад: „Види, таму, нема ни три минути, пишува МУЗЕЈ НА ПОЛИТИЧКИОТ ПРОГОН, има кустоси, ќе ти објаснат… Овде тоа стана навика…“
Потоа замина, не, подзастана и изговори нешто нејасно:
„…тројство е на мостот, цел живот… Тројство, а животот е само зборови и само кружат, од време до време, од темница доаѓаат во темница, заминуваат, најважниот настан е на мостот. Таму да си сведок, тоа да го посведочиш, со око што допира длабоко, со прст што може да види… заробени зборови, никогаш сме ги немале колку што треба, треба да ги откриваме секој ден, саноќ, секој миг, секогаш, вечно…“