Зошто овој попис може да се оцени единствено како обид на Али Ахмети и на ДУИ за натамошно поткопување на Македонија, замислена како граѓанска држава? Во самите почетоци на нашата државност се појави дилемата како да се дефинира идната самостојна Македонија. Предничеа две школи на размислување, едната, националната, која беше исклучива и за која единствено беше прифатлива Македонија како „национална држава на македонскиот народ“ (поточно национална држава на етничките Македонци), и втората, граѓанската, која се залагаше земјата да биде дефинирана како „држава на сите граѓани на Македонија“. Во суштината на овој судир лежеше суштинското прашање за земјата, односно македонско- албанските односи.
Приврзаниците на идејата земјата да се дефинира како национална држава на македонскиот народ ги истакнуваа непобитните факти дека Македонија израснува низ долговековната борба на македонскиот народ за национална слобода и за сопствен државен дом. Понатаму, се истакнуваше дека Македонците, како еден од најнегираните народи на Балканот, не се никаде дефинирани како носители на суверенитетот во ниту една друга држава на светот, па дека е неопходна заштита на единственото парче земја каде што слободно се развива македонската национална култура. Беше јасно дека Југославија, како заеднички дом на сите југословенски народи и народности, сериозно се ниша, па постоеше страв од ново распарчување на Македонија помеѓу соседите, или, пак, наметнување српска доминација преку тогаш присутната Југословенска народна армија, но и од отворен иредентизам и сецесионизам од најрадикалните етнонационалистички кругови на македонските Албанци.
Приврзаниците, пак, на граѓанската опција укажуваа на тоа дека во иднина Македонија ќе се гради како современа европска и демократска држава, дека времето на етнонационалните држави е завршено и затворено поглавје во европската и во глобалната држава и дека строгото дефинирање на Македонија како „национална држава на македонскиот народ“ ќе предизвика страв кај Албанците и кај другите малцинства, тогаш народности, од асимилација, акултурација и мајоризација или, не дај боже, многу помрачни форми на „справување“ со малцинствата, кои подоцна ги гледавме во војните на некогашната заедничка југословенска татковина (прогон, етничко чистење, па дури и геноцид).
Постоеше и едно трето гледиште за дефинирање на Македонија, односно за признавање државотворен статус на албанскиот народ во земјата. За протагонистите на ова решение тоа значеше брана од мајоризација, но противниците тука гледаа порив за федерализам и сецесионизам, затоа што државотворните народи имаат право на самоопределување.
Притоа, тука мора да се укаже дека со Уставот на Социјалистичка Република Македонија од 25 февруари 1974 година земјата беше дефинирана како „национална држава на македонскиот народ и држава на албанската и турската народност во неа… на македонскиот народ и рамноправните со него албанска и турска народност“, но со LVI (56) амандман од 19 јули 1989 година оваа одредба беше преиначена во „Социјалистичка Република Македонија е национална држава на македонскиот народ… на македонскиот народ и на рамноправните со него припадници на другите народи и народностите што живеат во неа“. Иако оваа одредба е потпишана од Вулнет Старова, за Албанците во Македонија LVI (56) бил сметан за губење на уставниот и на државотворниот статус на албанската заедница.
На крајот, првиот македонски демократски устав беше „ни риба, ни девојка“, па националниот принцип беше вклучен во преамбулата, каде што се поаѓа „од историскиот факт дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности што живеат во Република Македонија“, а во самиот текст на Уставот во „Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните“. Пратениците од албанската заедница не го прифатија овој компромис, инсистираа на вклучување на албанскиот народ во Уставот и го бојкотираа гласањето за првиот македонски демократски устав. Во меѓувреме, низ демократски процес, течеше усогласување за постигнување историски компромис што ќе доведе до трајно решение за дефинирање на природата на македонската држава, кое ќе го утврди граѓанскиот принцип, но и ќе им излезе во пресрет на легитимните стравови на Македонците од губење на единствената матична држава и од сецесионизмот, како и легитимните стравови на Албанците од мајоризација.
За жал, токму кога процесите се придвижија во позитивна насока, по изборот на Владата на 1998 година, се појави и трета група, УЧК, која со Коминикето број 4 објави борба за „обединување на албанските земји“ и нивно „ослободување од словенските окупатори“. Воениот конфликт заврши со повторно уставно редефинирање на македонската држава, па преамбулата оттогаш започнува со „граѓаните на Република Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните што живеат во нејзините граници што се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите“.
Охридскиот рамковен договор, со кој ѝ се стави крај на војната, можеше да се толкува и граѓански и федералистички. Граѓанското толкување тврди дека сите сме различни и си ги почитуваме и негуваме културните различности, но директно општиме со државата како нејзини државјани. Федералистичкото толкување, пак, тврди дека етникумот, претставен од „етничкиот победник“, ги застапува граѓаните од сопствениот етнос пред институциите на државата. Стравот е дека федералистичкото толкување на Охридскиот рамковен договор води кон претворање на Македонија од „нетериторијална федерација на етнички заедници“ во „територијализирана федерација на етнички кантони“.
Веќе нема дилеми дека Али Ахмети и ДУИ се застапници на ова федералистичко толкување, па легитимни се стравовите на Македонците и на другите заедници од сецесија. Целокупната политичка активност на ДУИ и на Али Ахмети води кон целосно елиминирање на идејата за дефинирање на Република Македонија како граѓанска држава. Ахмети го гради својот политички лик како етнарх, „победник на Македонците во војната од 2001 година“ и „татко на албанската нација во Македонија“. Ваквата политичка активност ги загрозува мирот, стабилноста и добрите меѓуетнички односи во земјата. Постојат дури и мислења дека Али Ахмети ги користи немоќта на СДСМ и целосното отсуство на стратегиска промисла на актуелното раководство на таа партија, за целосно да го обесмисли самото постоење на македонската држава, следејќи ја логиката дека „колку Македонија е послаба, толку голема етничка Албанија е поизвесна“. За жал, тој не прави ништо за да им излезе во пресрет на овие легитимни стравови на Македонците, кои се мнозински народ во Македонија и кои немаат ниту една друга матична држава.
Една таква алатка е и актуелниот попис. Али Ахмети и ДУИ ги искористија овие нецелосни бројки, и внатре во земјата (над 130 илјади неизјаснети граѓани) и надвор од земјата (околу половина милион неизјаснети иселеници) за етнички триумфализам и ново прогласување победа над Македонците. Тоа е срамен чин и никому не му чини добро. Затоа пописот е само една Пирова победа на Али Ахмети и на ДУИ. Претерувањата и манипулациите се толкави што веќе е целосно обесмислен принципот на правична и рамноправна застапеност, главната алатка за моќ на таа партија. Не само тоа, туку тие сакаат да го искористат пописот како преттекст за нови федералистички или конфедералистички интервенции во Уставот.
Затоа, ајде да седнеме и да ги расчистиме работите… Со етнички триумфализам, со вжештени глави и со набиени емоции не се води искрен разговор. И натаму клучно прашање е како да ја дефинираме Македонија, национално, граѓански или бинационално, како да ги елиминираме сите стравови на Македонците од губење на сопствената држава или сецесија, но и стравовите на Албанците од мајоризација.
Господине Али Ахмети, Вие сте многу помудар… Оставете им ги веселите математики на децата од градинките и седнете сериозно да се договориме за иднината и за одржливоста на нашата Македонија.
Автор: Ивица Боцевски