Да расчистиме уште една важна ситуација. Во моментов наш клучен проблем не е договорот за (не)пријателство со Бугарија. Тој е поводот за сѐ, ама не и за конкретните последици. Во договорот, на пример, нема дека мораме да го менуваме Уставот! Ниту улогата на историската комисија не е елаборирана на начин од кој ќе зависи нашето членство во Унијата, како што е тоа претставено во преговарачката рамка. Нашиве сегашни голготи се резултат на вториот протокол што, во Софија, го потпиша Бујар Османи, на 17 јули 2022 година. Тоа е обичен записник од меѓувладина средба, никаде не е ратификуван и нема посебна меѓународна тежина, ама е катастрофален за Македонија. Неговото откажување е наша шанса, која мора да ја искористиме
Полека ама сигурно Унгарија и Орбан се профилираат како наши искрени пријатели. Тоа трае подолго, ама сега добива прецизни контури. Изјавите што ги даде Орбан во Охрид, јасни и директни, заедно со поволниот кредит што ни го одобрија, зборува за поддршка каква што немаме од друга држава. На патот кон Брисел, како последица на капитулантските, предавнички, срамни, навредливи, понижувачки… политики на претходната власт на СДСМ, доведени сме во речиси безизлезна ситуацијата. Затоа, зборовите на Орбан ни доаѓаат како мелем на рана. Позитивни се и неговата подготвеност и понуда да помогне за решавање на проблемите со Бугарија, кои Софија успеа да ги подметне како политика на Унијата кон Македонија. Како претседавач со Европскиот совет, Орбан е дури и надлежен да бара излез.
Сепак, неговата понуда е прерана и воопшто не треба да изненадува бугарското одбивање, на кое не требаше да се чека. Софија немаше и не можеше да има дилеми. Истото тоа важи и за Брисел. Од нашите безумници, кои до скоро беа на власт, тие имаат согласност за сегашните свои политика кон Македонија и не им е потребно никакво посредување. Затоа, со право очекуваат ние да ги спроведеме веќе преземените обврски, кои се, во принцип, неприфатливи.
Новата власт на ВМРО-ДПМНЕ не смее да го исполни безобразниот, апсурден, безумен и, што е најважно, тенденциозен ултиматум за промена на Уставот. Еден од познатите аналитичари и главен поддржувач на сите политики на СДСМ, какви и да се тие, во една ТВ-дебата рече дека нема ништо да промени ставањето на неколкуте илјади Бугари во Уставот.
Тоа е тешка манипулација и безобѕирна лага бидејќи и нему мора да му е јасно дека: а) Софија мора да има прецизни и неоспорни намери и планови, и не поставува тукутака ваков ултиматум; б) според бугарскиот претседател, тие им издале 120 илјади пасоши на наши граѓани; в) треба да си неписмен та да не разбереш дека Радев инсистира токму тие 120 илјади да се стават во Уставот, а не оние 3.504, изброени во последниот попис, кој тие не го признаваат; г) тие 120 илјади имаат најмалку уште по два члена во семејството, што дава бројка од над 360 илјади „докажани Бугари“ во Македонија!
Аналитичарот секако ги знае сите овие работи и, иако извршува партиски задачи, сигурно не му е лесно кога лаже. Ние, пак, може само да замислиме што сѐ, во процесот на преговори со Унијата, ќе бара Софија од нас, за „своите“ 400 и повеќе илјади „Бугари“. Толку, или малку повеќе се и Албанците во земјава. Така, прва директна последица ќе биде што Бугарија ќе бара и за „своите“ исти права какви што веќе имаат Албанците. Втора ќе биде фактот дека, според логиката на бројките, Македонците ќе „останат“ помалку од 40 проценти од населението! Тоа ќе биде нов доказ дека унитарниот карактер на државата е минато и дека е време за федерација!
Тоа е политиката на Софија. Таа не е ниту наивна, а уште помалку – случајна. За нас, пак, клучно е што и зад нивната, како што претходно и зад грчката политика кон Македонија, стои меѓународниот фактор, олицетворен во единствената светска суперсила.
Факт е дека ниту Брисел, а уште помалку Софија, немаат никаква причина, ниту повод, да ги менуваат своите политики кон Македонија. Успеале да го постигнат невозможното поради менталните девијации на нашата претходна власт и сега ние, доколку ништо не промениме, ставени сме пред свршен чин. Промената мора да биде суштинска и радикална, а не козметичко приспособување.
Такво приспособување е согласноста уставните промени да бидат со одложена примена. На почетокот тоа беше одличен начин да се одбие грозоморниот ултиматум; да се стави до знаење дека со нас не можат да си играат како што сакаат; да се добие на време… Арно ама тоа не е решение за излез од тесниот ќор-сокак во кој сме доведени. Нема причина зошто Софија и Брисел би прифатиле одложена примена на уставните промени. Тие веќе го добија тоа што го бараа и сега немаат никаква потреба да се откажат од драгоцениот плен, кој никој нормален не би им го дал. Ако е така, а така е, логиката е многу едноставна – ние сме тие што мора да преземат чекор со кој ќе се промени односот на силите и ќе се присили другата страна (Софија и Брисел) на промени. Без тоа, излез – нема. Без таков потег, даваме согласност вратите за Брисел да останат долго затворени за нас.
Да расчистиме уште една важна ситуација. Во моментов наш клучен проблем не е договорот за (не)пријателство со Бугарија. Тој е поводот за сѐ, ама не и за конкретните последици. Во договорот, на пример, нема дека мораме да го менуваме Уставот! Ниту улогата на историската комисија не е елаборирана на начин од кој ќе зависи нашето членство во Унијата, како што е тоа претставено во преговарачката рамка. Нашиве сегашни голготи се резултат на вториот протокол што, во Софија, го потпиша Бујар Османи, на 17 јули 2022 година. Тоа е обичен записник од меѓувладина средба, никаде не е ратификуван и нема посебна меѓународна тежина, ама е катастрофален за Македонија. Неговото откажување е наша шанса што мора да ја искористиме.
Протоколот може да се откаже со обична дипломатска нота, во која ќе се наведе дека – македонската влада цени дека тој не ги исполнил очекуваните резултати; е причина за застојот на интегративниот процес на Македонија во ЕУ; претходната влада во него прифатила обврски што навлегуваат во фундаменталните интереси на државата и на народот и ја загрозуваат нивната иднина… Од тие причини, македонската влада го повлекува својот потпис од протоколот и го смета за неважечки. Треба да се додаде и дека Македонија е подготвена на директни контакти со властите во Софија за, во добра волја, да бара решенија прифатливи за двете страни.
Откако ќе се преземе еден ваков неизбежен чекор, бидејќи без таков потег промени во нашата крајно неповолна позиција не се можни, ќе биде добредојдено и некакво посредување. Ако не сакаме да одиме прудолу, ние сме на потег. Сега е веќе сѐ чисто. Со одвојувањето на Тирана, Брисел јасно ни порача, дури и нѐ тера – сами да го бараме излезот. Тие ем немаат маневарски простор за промена на својот став, ем немаат никаква потреба од тоа, ем не е нивна пракса да признаваат грешки. Софија, пак, најмалку стопати ни стави на знаење и конкретно ни покажа (во Собранието, на пример) дека сите политички фактори се единствени во однос на Македонија. Ако некој сѐ уште верува во чуда во Софија, тоа зборува само за него.
СДСМ потпиша капитулација и сега, во интерес на државата и на народот, наше е да ги вадиме костените од огнот. Ако веќе Франција се дистанцираше од маршалот Петен, по Втората светска војна, бидејќи сојузуваше со фашистите, и ние можеме да се откажеме од т.н. „француски предлог“, поради фашистичките елементи во него. Ако самите не си помогнеме, никој нема со прст да мрдне за Македонија. Така функционира светот.