Велат дека лажењето е постојана карактеристика на популистичката политика. Поројот од лаги што тече од устата на популистичката власт се чувствува немилосрдно во Македонија. Нема што не излажа. Како што се прошири досегот на амбициите на власта и разбирањето на мејнстрим-политиката и моќта, нивниот популизам ескалира во рутина на целосно лажење. Да бидам појасен, лагата во политиката е производ на обезвреднувањето на вистината од општеството. Фактот дека Македонија е управувана од ноторни лажговци е симптом на пошироко општествено понижување на вистината. Зарем навистина оваа власт мисли дека веруваме во нејзините лаги? Зарем мисли дека не можеме да повлечеме остра линија помеѓу наводните здраворазумски инстинкти на обичните луѓе и високите очекувања на вакви габаритни и стерилно интелектуални политичари какви што имаме денес? Многу од лагите изречени последниве години звучат шокантно затоа што изјавите на политичарите се толку проверливи, а очигледно лажни, целосно измислени и толку брзо демантирани во јавноста, што нивната нечесност остава без зборови. Популистичкото лажење на власта е дизајнирано да се гледа, дури не се ни обидува да го прикрие.
Во популистичката игротека на власта, самото лажење се велича; тоа е инструмент за субверзија, чија цел е да покаже дека лажгото нема да застане пред ништо за наводно да „му служи на народот“. Лагите се сигнали дека овие политичари не се обврзани со вообичаените норми на либерално-демократската елита. А се продаваат за либерални. Дури не покажуваат тенденција да ги избришат доказите дека лажеле. Напротив, со голема ноншалантност се прават недоветни, или дури се фалат со лагата за да ги покажат својата дрскост и подготвеност да играат со системот – и да го истакнат наводното лицемерство или глупост на оној што е измамен. Гајле им е за народот.
Колку е поголем влогот толку се поголеми лагите. Како оние за нашето пристапување кон Европската Унија. Или оние за безалтернативноста на нашата надворешна политика, зацементираноста на нашиот идентитет, неменливоста на преговарачката рамка и нашата победа над барањата на соседна Бугарија во контекст на ветото за отворањето на пристапните преговори со Унијата, кои за власта веќе се отворени повеќе години. Дали има граница на лагите на власта и колкаво е нивото на толеранција на гласачите на истите тие? Морам да признаам дека од сите лаги досега (а дал господ не можат да се набројат), онаа што најмногу ми се бендисува е дека тие ти биле европскиот фронт, сите други биле некакви руски и какви не инсталации во Македонија. Кога го тврдат тоа наследниците на комунистите повеќе звучи како пародија отколку како лага. Мазохистички е да се лажеш самиот себеси и да веруваш дека некој ја купува таквата лага. Особено кога знаеш дека тоа се луѓе чии татковци и дедовци се восхитуваа на достигнувањата на Советскиот Сојуз и се крстеа во социјалистичкото самоуправување. Уште кога памтиш како се восхитуваа од руската „волга“ како најголемото достигнување во автомобилската индустрија на времето, нивната европска приказна станува романтично носталгична. Како руските балади. Очигледно лажењето им е наследено. Тоа е дел од нивната политичка култура. Сите популисти имаат лажење во својата ДНК, нашиве не се исклучок. Но, забораваат дека во политичката култура на овој народ недовербата и цинизмот се високи, така што довербата во власта е на ниско ниво, па најголемата грешка што може да ја направи власта е да верува во сопствените лаги. А го прави тоа. Иронијата на популизмот можеби е најопасна затоа што никој не ја сфаќа сериозно додека не биде предоцна. Особено не оваа власт, која е изгубена во сопствените лаги и не може да ја сфати сериозноста на она што како одговор ќе ѝ биде испорачано на избори.
Кога ќе се испише историјата на оваа ера на власта, знам дека уводното поглавје ќе започне со нејзините големи лаги што ги заразија нашиот правен систем и официјалните политики, создавајќи непоправливи штети за државата.
Индустријата на лаги што ја изгради власта ќе продолжи да го еродира демократското ткиво на македонската држава и во иднина и не верувам дека ќе запре. И мислам дека својата кулминација ќе ја има на изборите следната година. Сѐ додека популизмот на власта се насладува со лаги, се плашам дека истата таа нема да биде подготвена да ја почитува вистината на гласачките кутии во годината на избори. Во 2024 година, македонската демократија може да ја плати цената на индустријата на лаги, предизвикувајќи екстремна домашна политичка нестабилност. Не смееме да ја отфрлиме оваа можност само затоа што изгледа нереално или премногу ужасно за да се замисли. Можеби изгледа апсурдно да се помисли дека може да се случи вакво нешто, но во оваа држава се научивме да живееме во свет каде што апсурдот редовно станува реално и ужасно секојдневие. Власта ја игра последната игра на големата лага и ќе ја игра до својот крај. До својата пропаст. Или, поточно, нашата заедничка пропаст.
Проф. Звонимир Јанкулоски