На 27 јули во Париз свечено се отвори летната Олимпијада. Се разбира дека Македонците ни го направија убав денот, кога нашата екипа, веејќи го знамето со никогаш неприфатената „Северна“, им го сврте грбот на камерите. Браво наши, вие сте за мене победници. Не мора во спортот, бидејќи олимпијадите, а особено МОК станаа политичка алатка. Ништо повеќе од тоа.
Сите контроверзии што го следат најголемиот празник на светскиот спорт, го препокриваат гламурозното отворање покрај реката Сена. Замислата и реализацијата на вечниот олимписки оган во вид на огромен балон што лебди над градот, а во чест на браќата Монголфие, кои прв, уште во 1783 година летнаа со балон од истото место, беа навистина спектакуларни. И тука завршува спектаклот, а започнуваат скандалите.
Ако олимписките игри требаа да имаат помирувачка улога, да бидат сосема исчистени од политика, Интернационалниот олимписки комитет покажа јасно и недвосмислено дека е чиста политичка организација. Изиграна е основната идеја на Де Кубертен, чија цел е да ги обедини нациите, да промовира мир и пријателство меѓу нив. Па така, овој ИОК, на едни им забранува да учествуваат под своето знаме и химна, им забранува да присуствуваат на отворањето и затворањето на Игрите затоа што нивните земји биле во воен конфликт, но на други им дозволува. Како да војуваат спортистите. Ама во извртениот свет, и Чајковски е забрануван. Па така, големата спортска сила Русија заедно со Белорусија (последнава патем директно не е вмешана во конфликтот) се сведени на спортски екипи помали од онаа на Црна Гора. Во исто време му дозволува на Израел да се натпреварува, ставајќи ги неговите спортисти под реална закана од терористички напади, поради војната во Газа. А таа војна уби над 300 палестински спортисти. И не е јасно што сака да ни каже ИОК? Многупати за време на одржување на олимписките игри имало конфликти во светот. Ајде да се сетиме на нападот на Виетнам, каде што Америка со години ги бранеше своите „интереси“ на илјадници милји од нејзиниот континент. Ајде да се сетиме на десетгодишната војна во Авганистан, на нивната окупација на една третина од Сирија, која сѐ уште трае, на Ирак и, конечно, на нападот врз суверената земја Југославија. Некој ја исклучи од Олимпијадите? Јасно е дека олимпијадите се претвораат во приватни забави за покането друштво. Другите нека си прават свои. И се на добар пат да ги прават, што е навистина загуба за светскиот спорт.
Уште кога му дозволија на Хитлер во 1936 година да направи празник на нацизмот, доверувајќи му организација на олимпијада, работите од оваа перспектива сега стануваат сѐ појасни.
Но, не е само политиката во прашање туку и самата организација. Скандалите поврзани со оваа Олимпијада се редат. Најголем гаф секако беше издигнувањето на превртеното олимписко знаме, но и претставувањето на Јужна Кореја како Северна. Инаку, според теоријата за употреба на знамиња, симболи, која се нарекува вексилологија, превртено знаме се ставало при порази, најчесто при изгубени војни. Чиста фројдовска грешка.
Од град на светлината, каков што го знам, Париз се претвори во небезбеден град, каде што дивеат орди од крадци, бездомници што не успеаја да ги дислоцираат навреме (иако се трудеа), до извадени радијатори, велосипеди, фрижидери од со стаорци полната Сена. Градоначалничката на Париз, како показна вежба, реши да се потопи во реката, но медицинскиот извештај за нејзината состојба е непознат. Сена над сто години не се употребува за пливање и нема таква сила што ќе ја направи безбедна за спортистите. Затоа многу водни дисциплини се откажани, но на пример кајакарите ќе мораат да ризикуваат да излезат зелени по натпреварот. Скандалите не застануваат на ова. Па така, на спортистите од Австралија што се натпреваруваат во велосипедизам навреме им беа украдени велосипедите, на многу спортисти им беа отворени шкафчињата и украдени часовниците, паричниците, дури и долната облека. Британската екипа, но не само таа, веќе не сака да се храни во мензите на Олимпиското село, каде што има недостиг од потребна храна. За „љубезноста“ на келнерите, која сум ја почувствувала и јас, поарно да не зборувам. Кружи анегдотата дека кога еден американски турист тужел париски келнер за дрзок однос и кражба на сметката, последниов се бранел со зборовите: „Јас не сум нељубезен, јас сум само Французин“.
Одиме понатаму. Повеќето спортисти спијат на картонски кревети (дека еколошки и антисекс), но наместо душеци, имаат некакви перници во три дела. Можам да замислам какви ќе им бидат `рбетите по ваквото сместување. Дрвените кревети не биле „во мода“, бидејќи вриеле од стеници. Во денешно време стеници? За диверзиите на брзите пруги, што да се каже. Сообраќајот е во колапс, а патниците во ужас. Во центарот на градот, рестораните и кафулињата се оградени во метални кафези. Да ти е мерак да се напиеш едно кафе, безбедно одвоен од убавите булевари и од несаканите жители на француските бивши колонии. Како може да се случува ова и да не се превенираат деликтите, кога има повеќе полицајци за обезбедување, вклучувајќи и сили од Катар, одошто посетители?!
При отворањето на Игрите имаше и „перформанс“ во кој „Тајната вечера“ на Да Винчи беше претставена како јавна куќа на трансвестити и други сподоби. Веднаш скокнаа земји како Хрватска, кои се почувствуваа навредено од односот кон христијанските корења на Европа. Реагираше и францускиот епископат. Како што сите беа навредени што еден наводен наркоман го носи олимпискиот оган.
Но, карванот врви. Сигурна сум дека оваа Олимпијада ќе биде прогласена за најгламурозна и најуспешна во историјата. Ослободени од „нелојална“ конкуренција, многумина ќе се закитат со злата, сребра и бронзи. Само да не се и медалите како оние чоколадни парички што се продаваат кај нас, обвиени во златна хартија. Кога се штедело на душеци и на храна, не би ме чудело.
Се сеќавам на едни други, добри времиња, кога поради олимпијадите се враќавме од одмори, за да седиме залепени пред телевизорите. Кога се навиваше од петици, со ладно пиво и пуканки, кога бевме вознесени од атлетичарите, кошаркарите, пливачите, ватерполистите… Од спортот, сеедно чија е екипата.
Ако беше целта на народите да им се приредат „леб и игри“, целта е постигната. Да не бараме повеќе од клубот наречен Олимписки комитет, кој без срам и перде, врши дискриминација на спортистите. И не е во состојба да организира достоинствено, за дебели пари, еден ваков светски настан за кој луѓето сонуваат.
Скопје во 1972 година организираше беспрекорна шаховска олимпијада. Сместувањето беше во специјално за тоа изграденото Олимписко село, сајмиштето средено со прекрасни сали, градот, за разлика од сега, беше чист. Во следниот натпревар помеѓу градовите, може слободно и Скопје да се пријави како организатор на олимписки игри. Ако се организира како сегашнава, ние ќе бидеме шампиони.
А дотогаш, да живеат спортот и спортистите, од каде и да се! Политиката настрана.