Кои се клучните мислители на новата политичка десница? Добра политичка теорија се пишува единствено во време на огромни премрежиња, на длабоки кризи и на остри конфликти. Студентите по политички науки низ светот се принудени да ги изучуваат предметите по политичка теорија и политичка филозофија на самиот почеток на студиите, како и пред самиот крај на студиите. Притоа изучувањето на политичките теории е некаква хронолошка низа на клучните политички дела, која главно е втемелена на кругот на западната политичка мисла, некаде од антиката, па до денешни дни, додека, пак, политичката филозофија дава пресек на дебатите по темелните политички концепти. Целта на ваквото изучување е да се создаде објективен аналитички образец, кој ќе овозможи проучување на политичките феномени и ќе овозможи структурирана дебата во политичката наука.
Меѓутоа, при изучувањето на канонските текстови во политичката наука историскиот контекст на настанувањето на овие дела се става во втор план, а всушност секој политички трактат е производ на своето време и намерата на авторот секогаш е да се вклучи во темата и во дебатата на денот, а не да расправа за мудрости што важат за сите епохи. Платоновата „Држава“ изникнала од хаосот при падот на атинската демократија и е своевиден крик на атинскиот аристократ против губењето на позициите на неговата класа, или поточно каста во тогашниот грчки полис. Аристотеловата „Политика“, исто така, тежнее да даде одговор на потребите од нови државни форми, поголеми од дотогашниот град држава, како и да изработи урнек за мирољубиво одвивање на промените во тогашното општество. Дури и незападната античка политичка теорија секогаш е одговор на вознемиреното општество, на предреволуционерните или на револуционерните движења, порив да се одржи статус кво во општеството, одбрана на барањата на новите општествени сили што избиваат на историската сцена или обид за кроење агенда на слоевите што допрва се будат.
Старите интелектуални парадигми притоа први страдаат при налетот на новата политичка проза. Долго време во политиката бевме робови на парадигмите на политичката левица и на политичката десница исковани некаде по крајот на Втората светска војна. Откога стана јасно дека советскиот (или кој бил друг) социјализам не дава алтернативен поредок, дебатата се сведе на конфликтот помеѓу социјалдемократијата и пазарниот неолиберализам. Во 1970-тите години, на самиот свој зенит, социјалдемократијата веќе не дава одговор на стагнацијата во западните општества, па како најпотентна политичка теорија избива неолиберализмот. Роналд Реган и Маргарет Тачер се изведувачите на новата пазарна револуција, која треба да ги ослободи креативните потенцијали на индивидуата, драматично да го намали влијанието на државата во економијата и да ги разгради социјалните системи, кои, според интелектуалните протагонисти на неолиберализмот, создаваат „ново крепосништво“.
Оваа неолиберална револуција ќе го доживее својот зенит за време на владеењето на Бил Клинтон и на Тони Блер, кога традиционалната левица ќе ги напушти синдикатите и работничката класа, па ќе го зачини неолиберализмот со борбата за правата на маргинализираните слоеви, за да заврши целата таа интелектуална одисеја во актуелниот глобален консензус на пазарен неолиберализам, апсолутна културна автономија на поединецот и на „разбуденоста“ како промовиран политички, културен и општествен активизам. Во сферата на надворешната политика, пак, оваа ера го изнедри глобализмот, како модел за уредување на планетата.
Франсис Фукујама дури го прогласи и „крајот на историјата“, тврдејќи дека западната либерална демократија, во делот на политичката организација на општествата, и пазарната економија, во делот на економијата, се крајниот стадиум на историја на идеите на човештвото и дека преостанува само да се прошират овие два концепта на секоја точка на Земјината топка.
Сепак, историјата како и секогаш изнајде начин да се врати со сета своја ударна сила. Крајот на занесувањата дека настапил „крајот на историјата“ се случи на 11 септември 2001 година кога исламистичките терористи ги срушија кулите близначки, а потоа и пазарниот неолиберализам беше погребан, исто така, во Њујорк на 15 септември 2008 кога банкротот на Лиман брадерс со себе го повлече и целиот глобален финансиски систем. Одбивањето на елитите да се соочат со проблемите што самите ги предизвикаа на крајот заврши со остар одговор на разбеснетото граѓанство во 2016 година, прво со британскиот референдум, кој заврши со прочуениот брегзит, а потоа со изборот на Доналд Трамп за претседател на САД.
Се разбира дека политичките лидери што го предизвикуваат актуелниот поредок немаат свој прецизно изработен план за реформа (или за револуција), односно дека тие најчесто успеваат да ја канализираат народната енергија (бес или ентузијазам или, пак, и двете одеднаш), па да создадат услови за промена на парадигмата. Такви лидери што го тресат современото глобално статус кво се Доналд Трамп, Виктор Орбан и другите главни протагонисти на националниот конзервативизам. Поддршката што овие политичари ја добиваат од работничката класа и од онеправданите слоеви ја поништува старата парадигма на левицата и на десницата. Исто така нивното инсистирање на повторното откривање на нацијата и на нејзиниот суверенитет ги става во директен судир со доминантната идеологија на глобализмот.
Кои се тогаш интелектуалците зад оваа десничарска револуција (или контрареволуција, како што ја нарекуваат нивните противници)? Во сферата на политичката наука интересен е младиот британски политолог Метју Гудвин. Тој го искова терминот „национален популизам“ и уште во 2018 година предвиде дека националпопулистите ќе го пробијат „санитарниот кордон“ и ќе станат партии на власт затоа што „либералната демократија“ веќе не дава резултати.
Од политичката наука доаѓа и политичкиот теоретичар Патрик Денин, кој бара враќање кон „комунитаризмот“ или повторно акцентирање на улогата на заедницата во општественото живеење. Новинарот и публицист Даглас Мари одамна пишуваше за „Чудната смрт на Европа“, предупредувајќи дека интеграцијата на новодојденците во ЕУ (и Обединетото Кралство) може да биде сериозен политички предизвик. За разлика од конзервативниот Мари, до безмалку слични сознанија доаѓа еден друг британски новинар и публицист, Дејвид Гудхарт, кој е изворно социјалдемократ. Исто така и тој е обземен со потрагата по општествена кохезија, тоа неопходно лепило за успех на која било модерна заедница. Покрај нив, во глобалната политичка дебата се вклучуваат и многубројни други автори, кои се трудат да дадат интелектуално објаснување на новата политичка десница.
Нормално, тие се пречекани на нож од носителите на актуелната либерална и глобалистичка парадигма. Секој од овие автори е оцрнет како радикален, авторитарен, недемократски, нетолерантен, како противник на слободата, човек полн со предрасуди и така натаму. Сепак тоа е само еден знак на интелектуална мрзливост и страв од губење на општествените позиции. Овие мислители се дел од демократската јавност, посочуваат на огромни проблеми со кои се судираат современите општества и нудат валидни аргументи. Обидите тие да бидат исклучени од дебатата се само илустрација на стравот на актуелниот интелектуален естаблишмент и на недостигот од животни сокови во актуелната глобална мислечка парадигма. За жал, делата на интелектуалците од новата политичка десница не се преведени на македонски јазик, а македонската јавност не успеала нив изворно да ги запознае за време на турнеите за промоција на нивните книги. Тоа, исто така, се темели на мрзливоста на македонскиот културен естаблишмент, но и на подложноста на македонските интелектуалци да не излегуваат од утабаните патеки на парадигмите.
Новата политичка десница не е феномен што ќе исчезне прекуноќ затоа што општествените вектори што доведоа до нејзиното создавање ќе бидат уште долго присутни во европското и во глобалното општеството. Би било интересно македонската јавност да се запознае со актуелната глобална дебата, па да се пренесе дел од оваа конфронтација и во зачмаениот македонски интелектуален простор, независно дали се согласуваме или не се согласуваме со овие нови политички гледишта. Демократијата е невозможна без дебата, а само непријателите на слободата бараат ограничување на правото на слобода на изразување. Новите десничари, суверенистите и комунитаристите бараат поинаков одговор на проблемите на денешницата, различен од досегашниот либерален, глобалистички и „разбуден“ светоглед. Мојот избор, како поединец, која парадигма ќе ја прифатам или како ќе го скројам мојот личен одговор е невозможен без изворно запознавање со сите нијанси на глобалната интелектуална политичка дебата. Созреа времето и во Македонија сериозно да ги соочиме аргументите, како и да ги детронизираме истрошените бардови на транзицискиот интелектуален естаблишмент.
Ивица Боцевски