(Или – зошто СДСМ треба да го поддржи ВМРО-ДПМНЕ за уставните амандмани)
Добриот, успешен доктор Венко Филипче, сега претседател на Социјалдемократскиот сојуз, самиот, со своите настапи, ѝ става на јавноста до знаење дека во вршењето на политичката функција не е на нивото на медицинската стручност што професионално ја докажал лекувајќи ги пациентите. Неговиот ангажман да ја лекува тешко болната партија, а преку партијата и нездравата држава, тешко дека ќе даде позитивен епилог. Причина е што докторот всушност не ја разбира суштината на политичката дијагноза и што бара примена на погрешна терапија.
Кога пред неколку дена, на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции и за придобивките од Реформската агенда 2024–2027 бараше патот кон ЕУ да го водат заедно и обединети двете најголеми партии – ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Филипче го промаши мостот по кој треба да се помине. За да не падне во реката наводно подава рака за помирување, но ја подава туѓата, не својата.
Неговата подолга експликација ја наметнуваше потребата од забрзување на процесот на преговори со ЕУ, односно од итно донесување на уставните измени што заеднички би го направиле пратениците од двете партии. Ништо ново од СДСМ – Филипче игра на продолжување на штетите што на македонската политичка позиција ѝ ги нанесоа претходните влади потпишувајќи ги билатералните протоколи со Бугарија и прифаќајќи го таканаречениот француски предлог.
На 7 декември минатата година во „Нова Македонија“ го објавив текстот под наслов „Социјалдемократскиот сојуз меѓу очајот и распадот – како СДСМ може да се врати на политичката сцена“. Во него изнесов идеја-предлог СДСМ да го поддржи јавно и да му се приклучи кон барањето на ВМРО-ДПМНЕ за одложена примена на уставните амандмани што се однесуваат на запишувањето на Бугарите во Уставот. Тој потег би бил вистинскиот пресврт во партиската, крајно ослабена и непрепознатлива национална политика. Тој пресврт всушност е вистинската рака што треба да ја подадат Филипче и неговата партија.
Таквиот храбар чекор не би значел напуштање на амбициите за членство во ЕУ, ниту пак доближување или подвладување на владината политика, туку поддршка на еден државен актуелен став проверен со убедлива победа на избори. Тоа секако ќе ја подобри меѓународната позиција на Владата и на Мицкоски, но таа помош е помала во однос на државната, која ќе покаже дека мнозинството клучни политички партии имаат кохезивен став за едно од најважните, ако не и најважното прашање за иднината на државата.
Таа определба ќе значи дека Република Македонија има јасен државен, а не само партиски став, ќе манифестира единствена, стабилна и цврста државна политика, која сега ја нема. Таквото единство ќе биде сигурна брана пред неразумните и нерационални барања како на Бугарија така и на Европската Унија.
Со тој чин самиот СДСМ ќе почне да ја враќа улогата на фактор што го гради македонското национално единство, а не го урива, како што мисли дел од јавноста за владеењето на Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Долгото и упорно противење ќе биде уште едно сечење на ногата на која сака да застане меѓу гласачите и во политичкиот живот на Македонија. Ќе остане како риба на суво.
Од друга страна, неколкупати повторените изјави на Филипче во врска со кандидатурата за членство во ЕУ и за започнување на преговорите се спротивни на собраниската Резолуција за преговорите со Бугарија. Таа резолуција ја усвои Собранието во јули 2021 едногласно, вклучувајќи ги и тогашните пратеници на СДСМ. Во неа е содржан повикот да им се стави крај на тенденциите на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми што припаѓаат во вековите од далечното минато.
Резолуцијата, предложена од ВМРО-ДПМНЕ, а која беше плод и на залагањата на МАНУ, на државниот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и на Македонската православна црква, повикува на целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурната посебност, колективниот интегритет, заедничкиот економски живот и наративот за припадност на одреден географски простор. За жал, како и за многу други значајни официјални државни документи, политичарите не водат доволна грижа. Во не мал број случаи и официјалните власти кон нив се однесуваат игнорантски, ги подзабораваат, ги ставаат во архива или наоѓаат начин да ги негираат и исфрлат од употреба. Во случајов Филипче и СДСМ се надвор од просторот и времето, далеку од расположението на мнозинството граѓани, уште подалеку и од своите симпатизери и гласачи.
Ако се исклучат наметнатите ирационални историски прашања, ќе се согледа дека Македонија и Бугарија немаат никакви практични билатерални проблеми што би биле причина да владеат лоши односи меѓу двете соседни земји и двата народа. Денес и двете се релативно модерни, но сиромашни, имаат меѓусебно признаена државност, утврдени географски граници, признаени политички системи, триесетгодишна размена на амбасадори и културни центри, релативно солидни политички комуникации, скромна но добра културна соработка, поврзаност на инфраструктурни објекти, сериозни трговски врски.
Меѓу двете земји постојат отворени граници, меѓусебни посети на населението, блиски роднини од едната или од другата страна на границата. Не изостанува и полициската и воената соработка. Заедничкото членство во НАТО и во други меѓународни организации може да се толкува како врв на воспоставена блискост и таа структура е ризницата каде што лежат позитивните решенија. Не е непознато дека бугарски пасоши, иако не се нејзини постојани жители, имаат нешто околу сто илјади Македонци. Ним никој во Македонија не им прави никаков проблем, а и тие, засега, не прават никакви проблеми.
Политичката и економската ситуација во Македонија не е идеална, иако последните две децении се спроведуваат низа реформи и се донесуваат закони усогласени со законодавството на Унијата. Тие обврски Македонија формалноправно ги исполнува иако практиката, за жал, не функционира врз таквите основи. Со сите фалинки тие достигнувања може да бидат препорака за ЕУ, ако станува збор за услови од таква природа.
Проблемот, недоразбирањата меѓу Македонија и Бугарија е од духовна природа, од културна природа, поврзан со исечоци од историски периоди и со нивни реликти. Оттаму произлегува дека единствено отворено прашање за Бугарија е признавањето за постоење на македонскиот народ и на писмото што во ниту еден документ на ЕУ или на НАТО не е услов за прием или за соработка. Нема други отворени прашања соодветни на новото време и на најновите настани во Европа и во светот.