Подалеку од мене

Ноќта среде 31 декември и 1 јануари, на сон ме гушкаат три светски мисици и меѓу два бакнежа, ме прашуваат, што ќе посакаш во новата година? Им велам, невино осудените за 27 април да добијат правда и слобода, а Ливерпул да освои сè што може да се освои и трите убавици изгледаат разочарано. Зарем нема да посакаш мир во светот, ме прашуваат. Мир во светот ниту имало, ниту ќе има, им велам, подобро да си посакам на себе, мир со светот. Тука се будам, а во мислите ми бучи гласот на Данило Киш, не сакам да живеам во мир со светот, туку во мир со себе. Неколку секунди размислувам. Па јас одамна живеам во мир со себе, односно, се помирив со сето она што ќе се случува со мене, ама и далеку од мене.
Го оставам светот и ѕиркам кон соседството. Косово воведе санкции кон Русија за напредни технологии. Бугарија испраќа инструктори да ги обучуваат украинските војници. Интелектуална Србија на крилата на обоена револуција предводена од професорски и студентски пленуми (исто како кај нас) сонува Заев во својата приказна. Со еден збор, тешко на Русија. Како ли ќе продолжи да живее без напредните технологии од Косово? Како ќе се бори против бугарската воена стратегија? Кај ќе бега Путин кога некој налик на Заев ќе ја владее Србија? Сето ова кажува со каква сериозност влегуваме во 2025 година. Ако ви доаѓа да се превртите од смеење, не залетувајте се. Светот е поголема гротеска и убеден сум, оваа година ќе ја доведе трагикомичноста до кулминација.
Германија среде фаза на титаник-економија оди на избори, кои сигурно ќе прераснат во романска бурлеска. Ако сте заборавиле, а знам дека не се сеќавате, Романците избраа претседател што не ѝ се допадна на „меѓународната“ заедница, односно прогресивниот Запад, па тамошниот уставен суд ги поништи резултатите бидејќи детектираа руско влијание преку некаква си тикток-апликација за која потоа излезе дека била направена од прозападната владејачка партија, а тие се оние што изгубија. Којзнае каков циркус ќе гледаме сега во Германија откако ќе победи, за Западот, непосакуваната опција. Веќе се наѕираат подметнати руски колбаси во купусот што Германците го милуваат. Како што руските компири преправени во француски помфрит, Трамп им ги подметнуваше на Американците во хамбургерите на „Мекдоналдс“. А таму, во Штатите, допрва ќе слушаме прогресивни пискотници со холивудски заплети откако тој ист Трамп ќе биде инаугуриран, па уште ако се договори со Путин за крај на војната во Украина, тоа секако ќе биде доказ дека баба му на Доналд била вљубена во Омар Шариф, ама како доктор Живаго за што сведочи пронајдената балалајка во подрумот. А дека е Јенки во дворот на Кремљ, Трамп воопшто и не крие. Доказ за тоа е фактот дека на својата инаугурација, како еден од ретките европски лидери, го покани токму Христијан Мицкоски, за кој сите ние знаеме дека ем е изолиран, ем тајно соработува со вујко Вања, трите сестри и браќата Карамазови, како што во предизборието ни откри сегашната опозиција.

Патем, министерот во неговата влада, господинот Тошковски, удри на Арачиново, а тоа не е случајно ако земете предвид дека Путин најпрво удри на Грушино. И како кулминација на цинизмот, НАТО му даде безбедносен сертификат на човекот што го води нашето АНБ, за кој некои нордистански медиуми што одамна веќе имаат датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ ни обелоденија дека е шпионот што од Русија со љубов, живее само за твоите очи… чјорние.
Ние тука на Балканот, никако да се оттргнеме од канџите на руската пропаганда околу новогодишните празници. Руската салата ни е влезена во генетски код, просто ја доживуваме како култ и традиција без да се прашаме какви микрочипови извадени од миксери може да ни подметнат Русите во грашокот. Можеби затоа оној лик и ја застрела мечката. Сакаше да му покаже на светот дека руските тотеми за нас се табу, а рајата полека ќе мора да ја исфрли руската салата од шведска маса и на неа, во иднина, да сервира американска убавина, италијанска работа и француска врска, за полека, чекор по чекор, да избегаме од лажната руска бајка и да завршиме со холивудски хепиенд.
Но, со оваа власт, веројатно сме далеку од хепиенд. Пред некој ден, низ „фејсбукот“ налетав на многу духовита зезалица.
Има ли кај вас организиран дочек на Нова година?
Нема. Кај нас само криминалот е организиран, сè друго е спонтано.
Да, власта удри по единственото нешто што е организирано во државава. Почна да ги прогонува само оние способни да се организираат. И сега имаме одлив на мозоци. На сите страни, преку сите граници, во сите правци. Да, да, ние ќе останеме со прст во уста, а светот ќе ги ползува квалитетите на оние што знаат вистински да се организираат. Ќе нè остават сами и дезорганизирани, како обезглавени кокошки да трчаме низ сопственото буниште. Да се барем паметни овие од власта, а не се, ќе им го продадеме Заев на Србите како странска инвестиција, кога веќе сами не можеме да ги ползуваме плодовите на неговата, од Бога црпната, генијалност да организира и спроведува.

Очигледно ви е јасно дека сум непоправлив песимист и намќор. Веројатно ви преседнаа кифличките и прасечкото од празнициве, во кои си посакувавте здравје, среќа и успешна година. Не може да има успешна година ако надвор е режим што спроведува одлив на организирани мозоци. Сеедно што судскиот систем со сите сили се труди тука да ги задржи. Ни се испоразболеа судии и обвинители од грижа за иднината на татковината, стомачни вируси и дијареа се распослаа како епидемија, но тоа е нормално, на нервна база ги фаќаат симптомите, знаејќи дека она озлогласено МВР вади докази против квалитетни и организирани луѓе што имаат семејства што ќе страдаат по нив, за разлика од оние неранимајковци од 27 април, кои немаат ни организатори, а камоли семејства, па затоа обвинителството и судот ги спакува по кратка постапка да скапуваат по затвори, нормално, без докази, со лажни сведоци што менуваат изјави почесто од чорапи што е чист доказ дека судството работи независно… независно од здравиот разум и правдата.
Цинизмот, Русјаков, никаде нема да те одведе!
А и не сакам никаде да ме води, го создавам во себе за да ве одведе сите вас, подалеку од мене.