Победнички менталитет

Не е поврзан само со највисоките успеси во спортот, бизнисот, науката или културата, туку е став што секој од нас го развива за да ги постигне своите помали или поголеми цели

Од аголот на психолозите

Во културите што негуваат колективистички дух, победничкиот менталитет може да се сфати како непожелен, а на луѓето со таков став може да им се припишат негативни карактеристики, најчесто ароганција. Поради таквите реакции, многу луѓе се плашат да се истакнат и на тој начин не го реализираат својот потенцијал. Сепак, во денешно време е тешко да се одржи колективистички дух, иако недостига солидарност, а има сѐ повеќе примери на успешни луѓе што се прикажуваат во позитивно светло. Победничкиот менталитет не е поврзан само со највисоките успеси во спортот, бизнисот, науката, културата или некоја друга важна област, туку е став што секој од нас го развива за да ги постигне своите цели, без разлика колку тие се мали за некои и големи за други.

Роден или создаден да биде најдобар

Ако погледнеме внимателно околу нас и ги набљудуваме луѓето со кои сме опкружени уште од детството, ќе видиме дека некои од нив сме ги гледале како успешни луѓе. Се чини дека некои се родени со тој став, додека за други се развил со текот на времето. Можеме да се запрашаме и како се оценивме, дали направивме сѐ што сакавме и дали остана нешто што мислиме дека треба да го завршиме. Заклучокот е дека ако се обидеме, можеме да го постигнеме она што го сакаме.
Ориентацијата кон успех или победа претпоставува дека личноста има јасна цел што сака да ја постигне, доволно знаење и стекната самодоверба, самодисциплина да истрае во она што го прави и одредено чувство за предодреденост. Таа исто така треба да поседува внатрешна сила, која во голема мера е независна од надворешните, првенствено општествените околности.
Врвните спортисти, кои ги ангажираат и телото и умот за да постигнат највисоки резултати, го потврдуваат ова објаснување дадено во многу студии. Исто така, ако ги прашаме луѓето што успеале да ги надминат лошите материјални услови, да се стекнат со образование, да основаат семејство и да најдат работа што им го овозможила тоа, ќе видиме дека нивните ставови и активностите што ги презеле се многу слични на оние на врвните спортисти.
Со оглед на тоа што развојот на победнички менталитет е можна мисија за секого од нас, неопходно е да вложиме доволно напори во две основни области: да работиме на развивање позитивен став дека успехот е можен и да ги стекнеме потребните вештини и знаења во областа за која сме заинтересирани. Дополнително, неопходно е да бидеме подготвени за искрено самооценување и реален увид во нашите способности, но и во нашите грешки. Покрај тоа, треба да бидеме подготвени за промени, со желба да научиме повеќе од оние што се подобри од нас, да сакаме да се натпреваруваме и да бидеме подготвени да вложиме многу труд.
Дополнително, не е пожелно да ризикуваме сè и да се исцрпуваме во област каде што има прекумерна конкуренција без да ја достигнеме целта.
Корисно е да се има нешто популарно наречено план Б. Ова е реалистично гледиште, бидејќи многу околности можат да бидат демотивирачки, пазарот се менува, конкуренцијата е жестока, а со зрелоста се менува и погледот на светот околу нас. Многу е важно реалното гледање на ситуацијата, за да не „прегориме“ на нешто што можеби нема да можеме да го постигнеме. Тоа не е целосно напуштање на нашите првични намери, туку повеќе приспособување на околностите и наоѓање соодветна замена.
Некои луѓе не се откажуваат и покрај сите индикации дека не можат да постигнат нешто што го планирале. За да се спречи тоа да предизвика психички проблеми, време е за коренити промени и поинаков пристап, како кон целите, така и кон животот, за да не се развие спротивен ментален став – што е губитнички менталитет.

Фактори што пречат

Важна карактеристика на победничкиот став е издржливоста – отпор и „ладна глава“ во ситуации кога човекот се наоѓа под притисок. Колку е поголема целта, толку повеќе фактори ќе го одвлекуваат вниманието. Пред сè, тоа се социјалната средина и околината, потоа барањата на другите луѓе, пречките во бизнисот, ограничувањата на пазарот, роковите и повторно конкуренцијата. Што и да решиме да правиме, ќе се појават нови проблеми. Некои им подлегнуваат, а други продолжуваат затоа што ставот им е позитивен – ако решиле еден проблем, ќе решат друг, трет… Така се зајакнуваат и полесно ги надминуваат пречките.
Создавањето победнички менталитет, сепак, крие и некои опасности – од недостиг од емпатија кон другите до фанатичен однос кон целта. Ова секако не е добро и важно е, како и во сè друго, да се најде мера, која се постигнува преку самодисциплина, добронамерен однос кон светот околу вас и усвојување на етиката како нешто суштинско за човековото постоење.

д-р Лазар Мариќевиќ

(Политика.рс)