По Јалта и Малта, пак во калта!

Најчесто добиван одговор што следува за поставено прашање на анкетиран, човек од семејството, пријател или случаен соговорник, а во врска со политиката, е познатиот „не ме интересира“ или „од политика подалеку“. Но човекот е суштество што на ваков или поинаков начин е учесник во обликување на заедницата на која и самиот е упатен. Зоон политикон е термин на Аристотел односно „политичко животно“ за генетската суштина на внатрешниот свет на човекот. За сликовит опис и потврда на сето изречено е повторно нуркање назад низ времето.
Во нашата Њу сетлмент – Дутлок, ние децата имавме неколку значајни определби. Во светскиот фудбал некои од нас навиваа за Бразил, некои се определија за Југославија, дел за Англија. Во домашното првенство повторно поделеност. Имаше навивачи за Вардар и навивачи за Партизан и Црвена звезда. По кризата на Куба, се случи нашата детска определба и во политиката. Да, случката беше толку агресивна што допре и до нашите детски сетила. Така, некои ја поддржуваа Русија односно СССР, некои Соединетите Американски Држави. За Југославија, се подразбираше. И сето тоа беше политика, а ние политички животни. Немам зла намера за изразот туку само асоцирам на Аристотел.
За жал и денес сѐ е исполитизирано и со мала контрола врз лагата или валканото пласирано во голем број медиумски форми што дејствуваат по нарачка или живеат за сензационализам, кој носи некое мангарче. Изутрината на 17.11.2024 година, на пример, угледен француски лист објавува бомбастична вест за одобрението на Белата куќа во кое се наведува дека претседателот на САД дозволува употреба на ракети скалп/сторм шедоу врз цели длабоко на територијата на Руската Федерација. Кон тоа се придружуваат и Франција и Велика Британија. По бурните вербални реакции, весникот уште изутрината го ревидира написот и наведува дека одлуката се анализира и сѐ уште не е дадено зелено светло за употреба на ракетите. Потоа, американски угледен лист ја подгрева напнатоста и во игра е одобрението за користење на ракетите. Зарем има логика во медиумското надитрување? Колку време е потребно за активирање на детонаторот што ќе донесе несогледливи последици.
Светот и понатаму чекори по острицата на жилетот, играјќи си со навидум вербални закани што можат лесно да доведат до состојбата кога само разумот, мудроста и трпението можат да расчистат со заглупавеноста. Да се потсетиме само на рускиот офицер Станислав Петров, кој добро размислил како да реагира на веста дека американски балистички проектил лета кон Советскиот Сојуз. Доколку не бил стручен и одлучен, тој можел да предложи одлука за возврат. За име на вистината, советските сателити регистрирале отсјај на сончеви зраци од облаците и го поистоветиле со атака. Алармот бил лажен. Што доколку со системот управувала вештачка интелигенција, која уште не била на повидок? Апсурдот да е поголем, човекот бил казнет затоа што не напишал извештај за случката. Токму поради ова, потребни се цврсти гаранции за да се одржи стабилноста во светот. Но дали тие секогаш имаат свое покритие?

Уште колку самити, конференции и потпишани договори помеѓу големите сили ќе бидат потребни навистина да завршат студената, а сега веќе и интензивно вжештена војна и нејзината безмилосна жетва на човечки животи. Наскоро е годишнина од самитот во Малта помеѓу американскиот претседател Џорџ В. Буш и генералниот секретар на комунистичката партија на некогашниот СССР, Михаил Горбачов, творецот на Перестројката.
Паѓањето на Советската Империја кое започна на 9 ноември со уривањето на Берлинскиот ѕид. Во секој случај, настанот што го вчудовиде светот измачуван од товарот „студена војна“ и поделбите на континентот, како да беше увертира за подоцнежниот пад на геополитички почитуваната, неврзана и значајна Југославија. Потоа таа самата почна со крвави конфликти помеѓу народите што дотогаш живееја во „среќна“ заедница. Беше тоа геноцидна пресметка и етничко чистење, кое остави несакани последици. Македонија мошне разумно се раздружи, но остана и до ден-денес со грижите на грбот.
Идејата различни нации да живеат комуницирајќи помеѓу себе на различни јазици и со различни верски убедувања – конфесии во конфедеративни структури, била југословенската реалност, која еднакво беше и деклариран правец и сон на мастришка Европа.
Но да се вратиме на континуитетот на договорите што гарантирале мирни периоди по силните воени цунамија. По правило, мирнодопските платформи на големите сили не траеле долго. Императив биле новите прекројувања на светот. За ова мора повторно да се нурне во историјата. Да ја спомнеме техеранската конференција во 1943 година, кога се состанале Рузвелт, Сталин и Черчил. Всушност во Техеран се удрени темелите за еден нов светски поредок, кој ќе трае сѐ до деведесеттите години од минатиот век. Потврдата за тоа доаѓа на 4.2.1945 година во Крим, кога повторно се сретнаа највисоките претставници на силите победнички во војната – САД, Советскиот Сојуз и Велика Британија со истите учесници од Техеран. Но завршницата се случила во Потсдам неколку месеци подоцна – јули 1945 година. Таму местото на починатиот Рузвелт го зазел претседателот Хари Труман, а на местото на Винстон Черчил, кој ги загубил изборите по војната, бил присутен премиерот Клемент Атли.
На конференцијата во Јалта бил постигнат договор од неколку главни точки. Нешто што ги дразни сетилата е одлуката од втората точка на договорот, во која се наведува дека е потребно да се спроведе војна, економска и политичка демобилизација и денацификација на Германија, а потоа и да се обезбедат средства за репарација со заплена на приватни имоти или со принудна работа.

Неколку седмици по паѓањето на Берлинскиот ѕид, се случи состанокот помеѓу претседателот на САД, Џорџ Буш Постариот, и генералниот секретар на СССР, Михаил Горбачов, на Малта, идиличниот средоземен остров. Иако Американците биле скептични и воздржани за една ваква средба, францускиот претседател Франсоа Митеран и британската премиерка Маргарет Тачер, како и некои видни членови на американскиот конгрес, извршиле притисок да дојде до тоа. Некои политички коментатори и набљудувачи сметале дека самитот е официјален крај на Студената војна.
Од денешна временска дистанца, далеку сме од вистината. Во знак на добрите односи и новите ветришта, претседателот Буш на сите учесници на самитот им дарува парчиња од урнатиот Берлински ѕид. Од своја страна, Горбачов изјавува дека тоа е мигот за траен мир во светот. Освен тоа, тој свечено се обврзува дека СССР никогаш нема да ги нападне Соединетите Американски Држави. Малку духовито, СССР не може да атакува бидејќи како држава не постои. Интересно е што на Малта не се потпишани никакви документи. Руската страна сега тврди дека имала доверба во дадениот збор додека другата страна тврди дека не е обврзана со ништо. Повторно галиматијас. Засега малку од прокламираната светла иднина проектирана на Малта. Потребни се нови договори бидејќи светот е веќе на патеката што води до бездната.
Ајде да прифатиме дека сега ние ја живееме светлата иднина проектирана на Малта. Но не сме само „ние“. Некои од нашиот род се до грло во калта. Дали и како ќе се извлечеме сите заедно? Па… веројатно со нов договор, кој би содржел искрено и цврсто покритие.

Љубомир Јованоски