Планирањето на денот е уметност на живеењето

  • Во морето од информации и обврски стана неопходно да се најдат начини за подобро организирање на времето, највредниот ресурс што не може да се акумулира, забрза или врати

Планирањето на денот не е само алатка туку и чин на самопочитување. Луѓето што не знаат колку е часот и кои редовно доцнат и не го планираат својот ден, веројатно не научиле да го ценат времето – ниту своето, ниту туѓото.
Кога однапред ги запишуваме нашите задачи, избегнуваме хаос и безделничење. Денот добива форма, а ние – насока. Наутро знаеме што нè чека, а навечер можеме да процениме што сме постигнале. Со зголемениот број задачи што треба да се завршат, управувањето со времето станува клучно за постигнување рамнотежа помеѓу работата и слободното време. Ефективното управување со времето ни овозможува да бидеме попродуктивни, да го намалиме стресот и да ослободиме простор за активности што нè исполнуваат.
Брајан Трејси, канадско-американски автор и мотивациски говорник, нè учи дека времето е највредниот ресурс: „Не може да се акумулира, забрза или врати. Искористете го вашето време најефикасно – тогаш ќе ги постигнете одличните резултати што ви се потребни“.
Неговата формула за успех лежи во планирањето за следните 24 часа. Дневната листа на обврски е најмоќната алатка за управување со времето и самодисциплина. Користете техники за управување со времето само за работи што се навистина важни за вас. Означете ги главните работи што ќе ве доведат до успех. Ако губите време на неважни активности, ќе се преоптоварите, фрустрирате или депресивирате. Јасна идеја за тоа каде сакате да бидете во иднина ќе ви го олесни донесувањето одлуки во сегашноста, тоа ќе стане едноставен процес што не бара многу напор.
Затоа, започнете да го планирате вашето утре денес, но внимавајте да не се откажете. Секој си поставил задачи што, од различни причини, не можел да ги исполни. Едно е сигурно, не треба да се откажувате од вашите планови само затоа што сè уште не се исполнети. Само што понекогаш сме повеќе мотивирани, а понекогаш помалку и некои задачи се токму она што ни одговара, а други не. Па, како можеме да ги постигнеме сите? Со учење дека мотивацијата е она што нè движи, а навиките се она што нè одржува на патот кон нашата цел.

Еден начин да го испланирате денот е да го користите вашиот мобилен телефон, кој е во ваша рака секој ден, за да стане алатка за поефикасно планирање на вашиот работен ден. Со различни апликации што нудат функции за паметно управување со времето, можеме подобро да ги организираме нашите задачи, да поставиме приоритети и да постигнеме повеќе цели со помалку стрес. На пример, апликацијата „Тудуист“ (Todoist) е една од најпопуларните за креирање листи со задачи, поставување рокови и организирање задачи по приоритет. „Трело“ (Trello) е добра апликација за визуелна организација, бидејќи користи систем на картички и табли што ви овозможуваат лесно да го следите напредокот на различни задачи. Можете да додавате задачи, коментари, рокови и да означувате различни фази на напредок. Оваа апликација е особено корисна за тимска работа бидејќи овозможува соработка меѓу членовите на тимот. „Форест“ (Forest) може да биде одлична алатка за зголемување на концентрацијата. Оваа апликација работи на принципот на поставување временски интервали во кои работите фокусирано, додека виртуелно дрво „расте“. Ако не завршите задача до зададениот рок, дрвото се суши. Оваа разиграна компонента ви помага да останете посветени и фокусирани на задачата. „Гугл календар“ е една од наједноставните и најразновидни алатки за планирање на вашиот ден. Таа ви овозможува да креирате настани, да поставувате потсетници и да се синхронизирате со други календари и апликации. Благодарение на можноста да го споделите вашиот календар со други, полесно можете да планирате состаноци и работни обврски, како и да организирате приватни активности.
Апликациите за управување со времето и продуктивноста на мобилните телефони може да бидат исклучително корисни за ефикасно планирање на вашиот работен ден. Клучот е да пронајдете апликации што одговараат на вашите потреби и стил на работа и правилно да ги користите во вашиот секојдневен живот.
И запомнете – првото нешто што треба да го планирате е вашето слободно време. Поентата не е да знаете што ќе правите во времето на планирањето, туку само да го издвоите овој блок време во вашиот календар и на тој начин да го заштитите тоа време за да знаете дека не е слободно за други активности.
Времето што го поминувате со членовите на вашето семејство е највредното поминато време. Затоа е важно да планирате блокови што ќе ги посветите на членовите на вашето семејство – може да биде планирано посета на кино, одење на ќебапи или едноставно прошетка. Ако сакате да бидете успешни на работа, но и во животот, треба да имате редовна физичка активност. Исто така, ви треба време за дваесетминутна дремка, за подобар фокус во текот на денот, повеќе енергија попладне… Започнете уште денес.

Славица Ступарушиќ

(Политика.рс)