ПЛАЦБАУХ

Го прашавме проф. Исак Адижес од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, кој ја „оправал“ банкрот-ситуацијата на „Кока-Кола“, Банката на Америка, бразилската влада, израелската влада, Сингапур итн., што да се прави. Что дјелает (по Чернишевски)? Тој вели дека поправање здравствен систем е најтешката работа, бидејќи здравството е интегрална равенка од медицина, наука,
економија, политика, традиција итн.

Плацбаух (Platzbauch) е термин од старите германски абдоминални хирурзи, кој значи рашавување на оперативниот рез, при што стомачните органи излегуваат надвор и смртта е речиси сигурна. Инаку, хирургија постоела 3.000 години пр. н.е. во Египет, важно за поддршка на огромните градби (цивилизацијата) и одржување „вечен живот“ на фараонот, значи империјата. За Римјаните медицината била поддршка на армијата, значи повторно империјата. Во модерно време се даваат огромни инвестиции за медицината заради идеологија на поголема човечност, заедништво (commons – од нобеловката Елинор Остром), етичност и за иднината. Значи, медицината секогаш е врв на вредности, одговорност, значење и моќ. Сегде, освен кај нас.
Зар не ви се чини дека здравството кај нас е во рашавување (плацбаух)? Пропаст на системот. Онкологија со препродавање лекови во Косово – пропедевтички тоа е синдром на мафија. Трафицирање дрога кај пациенти и ученици – за кокаин сме најјаки во светот. Експерти велат дека 18 отсто од кокаинот проаѓа низ Македонија. Пожар во Тетово од фушерај, евтини материјали – повторно мафија. Понижувачка травестија на Токсикологија базирана на метанационализам, кој ќе прејде во фашизам. Хирургија без кислород, паднал ѕид кај Детската клиника, клозетите се историска катастрофа, храната мизерна, шахтите се од којзнае која антика, па во некои клиники избиваат поплави со фекалии. Стари опреми, инфраструктура само што не се распаднала. Плаче за инфекции и труења. Политичари ве лажат, сушат в лице. Политичко-етничкиот канибализам царува. Лекови – купувајте во Косово. Ви се молам, господа, нели ви се чини дека ова не се поединечни инциденти – овде се распаѓа систем! А смрдеж на системот е црно семе на револуција. Понатаму – подземни води се слеваат од Водно, Тасино Чешмиче и римски бунари – па затоа падна ѕидот, има поплави во подруми, а може и згради да се урнисаат. За депоа на гориво – не се знаат инсталации, снемало скици, постои дотраеност. Замислете да настане експлозија – буууууумм, браво, Скопје ќе стане Холивуд – Нерон ис каминг!
Кога доаѓа нов директор, секако од друга партија, целата документација од претходниот (демек од шутнатата партија) – ја фрла во ѓубре. Уа, стара партијо! Каков договор, каква кооперација. Курто и Мурто станаа побратими. Ако некој млад доктор (шушупленко) сака да направи нешто ново, ќе го смачкаат – византиска етика „на комшијата да му умре козата“ (ах, што лајкувам бре таква коза, јејееее). А наука? – О, Шангај, љубов моја?

Ќе имаме нов министер – ураааа! Таравари е добар дечко, екселант невролог – сум носел пациент кај него. Ноу тендерократија нау! Ноу мафија ени мор! Неговата коалиција некогаш велеше дека е најважно знамето, химната, друг мозок… а ќе земел чизми и ќе одел на планина! А јас пак стар човек изветреан, не разбирам каква медицина има на планина?
Татко ми беше доктор, партизан и професор. Велеше дека во титоизмот ако имало проблем (лекови, вакцини, згради), се решавал со декрет од владата. Неговата плата пред 50 години беше 2.000 тогашни долари. А сега? Е, ќе биде, де! Доаѓаат нови времиња, вештачка интелигенција, вештачка неинтелигенција, ќе зборувате на сто јазици, па што ако никој не ве разбере? Чекај, чекај – а пари од каде ќе најдеме за модернизација, доктори, па и пензионери? А цените – ќе ви з’гнат по жилите? Ако си …бецил, ќе имаш аздисани сметки и аздисани жени (добро деее – и мажи). Ај простете му на стариот пис-пролетер. Све ќе то народ (партија пардон) позлатити!
Ме прашуваат пријатели „има ли чаре, што предлагаш“? Е па, драги мои, случајов е морбиден, одумираме и умираме. Го прашавме проф. Исак Адижес од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, кој ја „оправал“ банкрот-ситуацијата на „Кока-Кола“, Банката на Америка, бразилската влада, израелската влада, Сингапур итн., што да се прави. „Что дјелает“ (по Чернишевски)? Тој вели дека поправање здравствен систем е најтешката работа, бидејќи здравството е интегрална равенка од медицина, наука, економија, политика, традиција итн. Никаде не е идеална. Значи, драги пријатели, ако сакаме да имаме здравство воопшто, а со тоа и живи луѓе, имаме задача прво да ја смениме базата односно целиот систем – политика, финансии, инфраструктури, менаџмент, школување, плаќање, култура, фамилија, да ја ликвидираме мафијата, реструктуирање и етизирање на полицијата, безбедноста, сигурноста, па дури и факторот односи со соседите и со други земји, што има огромно влијание врз медицината. За контрола на парите (финансиите) – фонд или буџет никогаш не е многу, закон за финансирање врвно здравство (предлагам половина од фондот да оди за врвно здравство), плаќање на кадарот, кое сега е хипермизерно, а за пензиите, извините јас го викам „пензионерски геноцид“. Никакви нови факултети за медицина, па и за сестри – сега ординираат сестри со вечерни курсеви, кои не знаат да боцкаат, не знаат болести, нејќат да учат македонски и да дежураат.

А и овие три факултета (многу се) да се подобрат. Последни сме во светот – срам да ни е! Да се воведат курикулуми од најјаки факултети и размени на кадар. Да се здружиме со Белград (на високо место е) и други пристапни универзитети. Пред 20 години имавме предлог за соработка со Харвард медикал (прашајте го професорот Томас Арец ако не верувате) – ама бевме одбиени од наши политичари и професори и јас бев понижен („на комшијата да му умрат сите кози бре“!). Значи – менување на менталитетот примитивен-себичен-византиски (како?). Нов клинички центар, заради огромните цени предлагам прво да се направи врвен хируршки центар кај Мајка Тереза или во непосредна близина, а преостанатите – да се реновираат. И на крајот најжешко и најтешко – две работи: Прво, да се укине шовинизмот во медицината и државата (жими…..), инаку ќе се КАНИБАЛИЗИРАМЕ! Второ, да ја укинеме мафијата, која е влезена во медицината, полицијата, школите, разузнавањето, економијата, земјоделството, владата, политичарите, меѓународните односи, фамилијата, верските институции… Како? Не знам – не сум Господ за да имам одговор. Само едно се сеќавам: во титоизмот (масонски систем ако не сте знаеле) некако или нештичкум или импровизантно се решаваа овие проблеми. А сега?

Самуел Колономос Садикарио

Авторот е пензиониран професор по медицина