Проф. д-р Љубомир Цуцулоски
МОРБИДИЈА. Ако сте гледале нешто и во тоа нешто, создадено од ништо, сте ја виделе обезглавената Марија Антоанета како ја држи отсечената глава во своите раце и ако од сето тоа нешто, создадено од ништо, не сте разбрале ништо, немојте да се грижите, бидејќи сето тоа нешто од ништо не било ништо друго освен мал дел од отворањето на Олимписките игри, како впечатлив вовед во уште поновата од новата планетарна ненормална нормалност, идентична со кошмарна морбидност. Единствено така (и никако поинаку!) се тоне сѐ подлабоко и подлабоко, влечени од светското сидро.
М-р Даријан Сотировски
Развојот или пропаѓањето на една личност, една нација или генерално на човековата цивилизација се отсликува пред сѐ културолошки. Ако свеченоста за отворање на Летните олимписки игри ‘24 на моменти започнува да личи на изопачената Евровизија, каде оди светот? Кој сака да го наметне овој ужас во дел од програмата на младите? Спортот е здрава работа и треба да биде прославуван и асоциран од здрави, човечки, хумани, морални, етички, семејни, поучни вредности и традиции.
Отец Пимен
Ќе го исмееш Христа и ќе си горд, како којзнае какво херојско дело да си сторил. Но што ново си направил, човеку? Та нели кога Хрстос на Крстот ги рашири рацете за да го прегрне целиот свет, дури и тебе, исто така и архијереите, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Другите ги спаси, а Сам Себе не може да се спаси.“ (Матеј 27, 41)
Та нели потоа со векови, низ арените, христијаните за потсмев и забава на лавовите за храна им се принесуваа, но на злото со зло не вратија. Нема ни денес, ниту кога било. Можеби токму поради тоа се осмелуваш на тој чекор бидејќи знаеш дека непосредно пред ова Христос, кога на него излегле како на разбојник, рече: „Мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, да Ми прати повеќе од дванаесет легиони ангели?“ (Матеј 26,53), а сепак не ги побарал легионите ангели, туку побарал прошка за сите нив.
Знаеш и дека ни е заповедано од Бога, нам на учениците негови, да го вртиме и другиот образ, па си комотен во твојата непромисленост кога ми ја исмеваш верата и ги повредуваш моите верски чувства. Но, тогаш веројатно го знаеш и ова: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј, 26, 52).
Но, ти не плаши се од нож, туку од тоа што ќе завршиш исмеван и презрен и напуштен на буништето на светот во својата бесмисленост на постоењето. Зашто со каква мерка мериш, со таква и ќе ти се мери. О, човеку, толку ли ти е тешко да не му го правиш на другиот она што не сакаш да ти го прават тебе? И уште полошо, она што го правиш, што ми го исмеваш моето право на вера, да го продаваш како промоција и борба за твоите права? Или само твоите права останаа нерешени на овој свет?
Слободата не е анархија, а демократијата не е робување на слободата на малцинските групи, туку обид за воспоставување заемна почит во општеството со внимавање да не се премине границата од употреба во злоупотреба, на таа на сите нам на дар еднакво дадена слобода. И не, нема да ја споделам онаа пародична слика од Париз. Оти веројатно твојата цел била токму таа, во осудата за направеното да се преплави светот со таа грда и навредлива слика.