Реално, самите сме виновни за сѐ што ни се случува во однос на ЕУ, бидејќи во клучните моменти не покажавме зрелост, карактер и единство како народ и држава.
Претставничката на ЕУ Марта Кос, во нежна варијанта, гласно ни ја кажа вистината за сите наши колективни заблуди во кои живееме веќе неколку децении.
Таа ја кажа гласно правата вистина, што точно за нас се мисли и говори помеѓу нив во бриселските ходници и, да бидеме начисто, вистината е многу побрутална и поболна од кажаниот турлитава пинџур-идентитет.
Токму тие евроемисари ја проектираа нашата политичка реалност и во одредено време создадоа како од пластелин нова генерација на квазиполитичари, кои токму ним им одговараат, сервилни и послушни, без став и карактер.
Создадоа генерација квазиполитичари што одеа во школо одвреме-навреме и кои на младите генерации им го пренесуваат нивното школско искуство како репер за успех и напредување, кои Македонија ја доживуваат како поранешен протекторат во некогашната заедничка сојузна држава, во која биле обесправени и ништо не чинело, а откако тие се појавиле започнала нова ера на „живот за сите“ и „нема правда, нема мир“, која значи ништење на сѐ што постоело дотогаш, а интелектуалците, професионалците и реализираните авторитети се ставени на маргините и не ѝ се потребни на оваа квазиполитичка елита.
Создадоа нова генерација политичари што не знаеја дека Македонија во рамките на некогашната сојузна држава уште во 1989 година беше со една нога во ЕУ, но тогаш токму од тогашните евроемисари беше ставен во погон план Б и беа мобилизирани некои други политички структури и интереси, кои на Балканот создадоа политичари што ќе ја растурат сојузната држава со војна и крв до колена.
Еден од емисарите, Џани де Микелис, заврши во Италија со обвинение за корупција.
Токму евроемисарите создадоа нова генерација на недоветни и сервилни политичари, кои не знаеја, а и ден-денес немаат поим, дека токму Македонија во некогашната сојузна држава делегираше сојузен министер за правосудство, сојузен министер за стопанство, сојузен министер за здравство, а за меѓународната политика и Лазар Мојсов да не говориме.
Новата генерација на недоветни политичари едноставно не беше ниту обучена ниту едуцирана да ги одбрани државните интереси и не умееше да им каже на евроемисарите дека целата градежна оператива на Македонија ги има изградено пола Африка и Русија, а откако почнавме да се дружиме со ЕУ-друштво не можеме да направиме два километра пат до Блаце, а корупцијата царува и пука по сите шевови.
Со години токму евроемисарите ја проектираат политичката мапа на Македонија, наметнати ни се новите европски критериуми и норми, со кои мојата веќе средовечна генерација не може да ја препознае онаа некогаш напредна, прогресивна и авангардна Европа.
Наметнати ни се новите критериуми што ова традиционално општество тешко дека ќе може да ги проголта, наместо мајка и татко, децата да имаат родител 1 и родител 2, а од четиригодишна возраст децата слободно да можат да се определат дали ќе бидат машко или женско.
Сето она што самите се обидовме да направиме беше стопирано, демек не било по европски терк.
Финалниот удар од пинџур-демократијата дојде некаде по 2015 година, кога оние четворицата од авиончето, видно озарени и насмеани, со кренати лајк-палци, го донесоа датумот за почнување на преговорите со ЕУ и нѐ убедија дека „последната жица македонска“ и идентитетот се БЕТОН. А сега гледаме дека датумот е далеку од нас и полека но сигурно се става бетонска плоча врз идентитетот, а нам не ни останува ништо друго освен мирисот на пинџурот и полнетите пиперки да нѐ потсетуваат дека сѐ можело да биде сосема поинаку.
Самите сме виновни што дозволивме од држава со Врховен суд од 1945 година, а неколку години подоцна и со Академија на науките, од држава со признаени имиња во сите области и еминентни умови, да се понижиме и да спаднеме на меѓународна помош како сирачиња од разни квазиексперти што вежбаа на нас реформи во сите области на општеството, како да сме малоумни незнајковци, кои сега некој треба да ги води за рака и кои никогаш ништо ниту виделе ниту слушнале.
Истите меѓународни помагачи секојдневно нѐ удираат по уши, колку пари вложиле во нас и, ете, пак судството не го бива, демек ни со пари не ве бива.
Вистината е дека во оваа пинџур-демократија токму евроатлантските емисари вежбаа експериментално правосудство и кумуваа на најголемите промашувања токму во судството, токму тие заради остварување некои други политички цели, ја дозволија без заштита и контрола употребата на „политичките бомби“, опасно оружје во политички раце, кое подоцна стана предмет на злоупотреби и нанесе огромна штета на општеството и државата во целина.
По нивниот академски рецепт е создадена денешната судско-обвинителска елита, која токму тие денес ја критикуваат и повторно бараат реформи.
За разлика од нас, на Словенците не им паѓа на памет да фрлаат дрва и камења по Едвард Кардељ или, како што тоа бива кај нас, да му ја украдат бистата од Алејата на великаните за да ја стопат и продадат како парче железо, бидејќи многу добро знаат дека токму поради него дел од Истра не е дел од Италија, „Литострој“ произведуваше „рено“, „Копер“ произведуваше „ситроен“, „Горење“ стана светски бренд, „Фруктал“ стана бренд на сметка на македонската мрзливост, „Искра“ доби светско признание за дизајн на статичен телефон, а со марамчиња и тоалетна хартија „палома“ и денес ги бришеме сите балкански валканици.
Сте слушнале за босански или албански Словенец, секако не и нема да слушнете.
Затоа, ќе повторам, за нашиот турлитава пинџур-идентитет сами сме виновни, никој од нас не го барал тоа, нашите политички елити без карактер и достоинство досега сами се нудеа и се трудеа да бидеме баш такви какви што нѐ опиша Марта Кос.
Владимир Туфегџиќ
(Авторот е долгогодишен адвокат, кој бил судија во Одделението за организиран криминал и корупција во Основниот кривичен суд во Скопје, со непрекината кариера во судството од 1.4.1995 година)