Пикасо од нашиот сокак…

На почетокот неколку реда мемореми од нашето југословенско минато и еден мал прилог од книгата „Склеротични мемоари“ од легендарниот Радивое Лола Ѓукиќ.
Некаде по ослободувањето, Тито му подарил џип на „отпадникот“, принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ, кој не се прославил како престолонаследник и командант, и наредил да се издвојат апанажа и следување цигари и други потрепштини за неговата канцеларија. Така било на времето… Но и кога тој, принцот Караѓорѓевиќ, посакал да го посети Париз, барал одобрение да изнесе и да им продаде на Французите една Пикасова слика од сопствената колекција. Александар Ранковиќ, тогаш Титова десна рака, му дал одобрение и две илјади долари како подарок од владата – за трошок. Неговото височество убаво се провело во Париз, но сликата ја вратил со зборовите: „Море, не им ја давам сликата. Кои ни се, па, тие нам “. Тоа е што се однесува до судбината на тоа платно.
„Битката на Неретва“ спаѓа во корпусот со најамбициозни филмови во поранешна Југославија. Најголемите светски ѕвезди на тоа време Јул Бринер, Франко Неро и големиот Орсон Велс им се придружија на актерските легенди од регионот, а плакатот за филмот го нацрта Пабло Пикасо.
Пикасо веднаш го прифатил предлогот, па екипата на филмот се испаничила бидејќи морала да смисли како да го исплати Пикасо. Пикасо рекол дека не сака пари, туку побарал сандак со најдоброто југословенско вино, во кој имало 12 шишиња.
Катастрофата што го разурна Скопје во 1963 година како никогаш порано ја разбудила светската солидарност. Бевме деца во тоа време, но останаа засекогаш во вид на мемореми, далечни, незаборавни глетки. Додека траeшe акцијата за спасување на затрупаните граѓани, а крановите и булдожерите ги креваа блоковите од зградите, од целиот свет пристигнуваше помош за да му помогне на разурнатиот град. Откако слушнал за силниот земјотрес кој го погоди Скопје во 1963 година, меѓу првите што се огласиле за помош е, тогаш и сега, еден од најпознатите светски сликари Пабло Пикасо. Тој го гледал филмот „Скопје 63“, кој во Монте Карло добил награда за најдобар ТВ-филм, многу се соживеал со скопската трагедија и се приклучил на солидарната акција за собирање уметнички дела.

Испраќајќи ја својата позната слика „Глава на жена“ како дел од солидарната акција за собирање уметнички дела, Пабло Пикасо ја поттикнал и видно придонел во големата солидарна акција. Донацијата била личен избор на авторот добиена со посредство на Жан Касу, бивш директор на Националниот музеј за модерна уметност во Париз во 1965 година, од галеријата „Луис Леирис“, која беше застапник на неговото творештво.
Сликата е дел од серијата женски портрети, негов омилен мотив што се провлекува уште од 1932 година, насликана во 1963 година, и во кое се присутни кубистичките форми карактеристични за неговото зрело творештво.
Возбудлива и необична сторија започнува есента 1971 година, кога на насловните страници на скопските, регионални весници е објавена бомбастичната вест насловена „Украден Пикасо“. Таа вест молскавично се прошири низ светот, а во неа буквално го пишуваше следново: „’Главата на жена’ што Пикасо му ја подари на Скопје исчезна на мистериозен начин… од МСУ, отспротива, преку Вардар од славното Дебар Маало“.
Сликата, портрет на втората жена на уметникот, Жаклина, насликана во 1963 година, се „прославила и станала светски позната кога на 17.11.1971 била украдена од изложбените сали на постојаната поставка. За кражбата го информирале и Пикасо,
На 26 март 1972 година, на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: „Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден“. Веста ја објавила и американската новинска агенција „Асошиејтед прес“. Во неа буквално стои: „Сликата ’Глава на жена’ од Пикасо беше пронајдена во средата на аеродромот во Франкфурт, кај петмина луѓе што ѝ припаѓаат на меѓународна група крадци на уметнички дела. Тие се Германци и Југословени… Двајца се притворени, а тројца пуштени“. Сега приказната станува уште позанимлива. Републичкиот секретаријат за внатрешни работи одржал конференција за печат, а по повод таа конференција „Нова Македонија“ објавува голем напис, со наслов што ја открива тајната: „Крадецот на Пикасовата слика – студент на Филозофскиот факултет“.
Сцена 3/4/5… ентериер приквечер… кај мене дома… разговор со „студентот“ комшија од Скопје, кој по одлежаната затворска казна во градот беше словен со прекарот Пикасо, и разговор на тема мојот иден проект – ТВ-филмот „Пикасо“. Тема на разговорот и средбата – дали би имал нешто против ваквиот пристап со оглед на фактот дека целата наша маалска и пошироко југословенска јавност ги знаеше деталите, името и презимето на студентот.

На средбата по кусиот разговор и прашања дали „лицето студент“, главна личност во аферата, би имало против ако се сними таков ТВ-филм, со оглед на фактот дека на нашата и пошироката југословенска јавност ѝ беше познато за кого станува збор, името и презимето итн., одговорот кус и дециден: „Не само што немам против туку сакам на сите канали да се знае, кој, како и што како се случи“. Набрзо потоа во продукција на МТВ го снимивме филмот насловен „Пикасо“, во кој улогите ги толкуваа: Петар Георгиевски-Камиказа, Наташа Влаховиќ, Бранко Ѓорчев, Владимир Ендровски-Љац, Кирил Поп Христов-Кили, Снежана Стамеска, Благоја Чоревски, Дубравка Киселички, Снежана Михајловиќ, Соња Каранџуловска, Александар Шехтански, Катерина Ангелова… извонредниот ДОП Диме Пејовски… Според процените на официјалните рејтинг-мерења на ЈРТ, филмот на програмите го виделе над три милиони гледачи. Лош збор, рецензија, ниту оцена, немаше. Многу телефонски јавувања, честитки од пријатели, познати и непознати од сите краеви на поранешната заедница.
За каква приказна станува збор погледнете на:

https://www.youtube.com/results?search_query=picasso+makedonski+filmovi

Аљоша Симјановски