На прагот сме на уште едни по ред Олимписки игри. Живееме во надеж дека ќе запрат сите конфликти недолични за едно мисловно суштество, екстремниот национализам, милитаризмот, расните или какви било други поделби во светот. Во Стара Грција запирале дури и најкрвавите воени судири за време на игрите. Гледано од денешно време на интелектуалниот развој, кој би требало да се потпира врз високо ниво стекнато низ искуствата и префинетоста на духот, тешко е да се поверува за одговорност на античкиот конгломерат да одговори на потребите на игрите за мораториум на непријателствата помеѓу градовите држави. Но хронологијата на историските записи говори дека било така и ние ќе ѝ поверуваме, секако.
Општо е познато дека Меѓународниот олимписки комитет е формиран во 1894 година од страна на францускиот педагог и историчар Пјер де Кубертен со намера да го промовира меѓусебното разбирање помеѓу народите низ спортски натпревари. На тој начин, Кубертен имал намера да ѝ се оддолжи на светлата традиција на игрите и пораките за мир помеѓу сите народи на светот.
Во 1964 година имало Олимписки игри во Токио. Уште се свежи раните од Втората светска војна кога Јапонија била дел од тријадата на злото покрај нацистичка Германија и фашистичка Италија. Откако еднаш веќе беше одбиена да биде организатор на Олимписки игри поради своите деструктивни активности, кога на суров начин како окупатор ја освоила речиси цела југоисточна Азија, Земјата на Изгрејсонцето го најавила своето враќање на ѕвезденото небо на петте прстени и белата заднина. За првпат, светот имал можност преку ТВ-екраните да ги следи натпреварите преку директни преноси благодарение на комуникациските сателити. На тој начин, Јапонија го најавила своето економско чудо по периодот на крвавите пресметки за време на војната.
Но ајде да видиме што се случувало во истата година во која по логика на нештата, воените судири требало да запрат и светот да здивне од воинствено настроените противници, кои видно ги вознемирувале мирните жители на планетата. Значи, едно мало потсетување за „принципиелноста“ на учесниците во конфликтите низ светот. Се разбира, постоеле и исклучоци што ја истакнале и пацифистичката природа на човекот.
На 2 август 1964 година, се случил инцидент во Тонкиншкиот Залив во кој учествувале американскиот разурнувач „УСС – Медокс“ и три северновиетнамски торпедни чамци. Два дена подоцна, повторно судир на американски бродови и торпедни чамци, за кој подоцна се покажало дека не се ни случил. Тоа било причина Соединетите Американски Држави да се вклучат директно во Виетнамската војна. Набргу следува операцијата „Остра стрела“ (Pierce Arrow), со што американските сили започнале бомбардирање на северновиетнамските инсталации. До крајот на август истата година, Конгресот на САД носи Тонкиншка декларација со која му се даваат овластувања на претседателот за употреба на конвенционално оружје ама без формално објавување војна.
На 8 август, два дена пред Грците да ги нападнат турско-кипарскиот пристаништен гребен Кокина и голем број други места, турската авијација стрела цели на Кипар. Единица на индонезиските командоси интервенира на малајскиот полуостров Понтиан, а претседателот Сукарно најавува „година на опасно живеење“. На 16 август има државен удар во Јужен Виетнам каде што генералот Нгуен Кан е заменет со Триумфират. Потоа е напишан и устав на државата во соработка со американски стручни лица. На 19 август е лансиран американскиот сателит „Синком 3“, првиот комуникациски сателит што ќе ги пренесува Летните олимписки игри. Два дена подоцна, Линдон Џонсон американскиот претседател, го потпишува Законот против сиромаштија, кој навестува спокојни ЛОИ. На 21 август умира Палмиро Тољати во советското летувалиште Сочи, претседателот на комунистичката партија на Италија. Го наследува Луиџи Лонго. На 27 август 1964 година е прикажан „Мери Попинс“ на „Дизни“, филм што освои пет „оскари“ и забележа рекорди на киноблагајните. Во меѓувреме се разгореле расни нереди во Филаделфија. Траеле три дена. Речиси во исто време, во вселената се лансирани американскиот „Нимбус“ и советскиот „Метеор“, метеоролошки сателити. Боб Дилан се среќава со „Битлсите“ во нивниот њујоршки хотел и во раката држи грст марихуана…
Накусо, ова не беа спортски дисциплини ниту рекорди ама бездруго сателити што ги следат големите спортски манифестации. Дали сега ќе сведочиме за една поинаква слика за светот во предвечерјето на исклучителниот спортски настан? Дали Летните олимписки игри во Париз ќе поминат без инциденти по кои ќе ги помниме? Да се надеваме дека светот сепак не заборавил на моќта на разумот. Сена е чиста бидејќи нејзината бистрост ја проба градоначалничката на Париз пливајќи во реката. Но едно е реклама, атракција и вовед во една успешна приказна, а друго кога станува збор за отворен тек над кој постојано некој треба да демне. Впрочем, сѐ потешко се контролира она што не може да се контролира. За успешен спортски настан или за која било друга манифестација, луѓето треба слободно да дишат, да бидат опуштени и да не стравуваат од каде ќе стигне опасноста. Во право бил Сукарно кога ја изговорил препораката за „година на опасно живеење“ (има истоимен филм на Вир со Мел Гибсон и Сигурни Вивер), но тој не можел ниту да претпостави дека иднината ќе ни биде токму со таков предзнак.
Неретко и самите спортисти ја подгревале атмосферата обидувајќи се неправдите нанесени на нивните народи или етникуми да ги изнесат пред огромен аудиториум (Џеси Овенс – Хитлер, Мелбурн 1956 кога ватерполист на СССР, Прокопоф, го удира со дланка по лице Унгарецот Задор, 1968 година Џорџ Формен со знакот „Блек пауер“ при изведување на американската химна…). Можеби ЛОИ не можат без афери, кои се дел од целината за атрактивноста на мигот. За еден спортист учесник на игрите да добие публицитет и за цели што не се во контекст на спортските дисциплини и рекорди туку се пред сѐ дел од политичка агенда, не е долично, па дури и провокативно. Но има и случаи кога станува збор за пријатни објави и за спортски шарм со кој се искажани пред аудиториумот, кои и на тој начин оставаат силен впечаток за гласот на правдата.
Резултатите се она што треба да биде примарна цел на олимпиското небо и тие се на моменти дури и посјајни од медалите. Учеството на олимпијадата пред сѐ е гордост и разум за тежината на обврските преземени во име на државата чии бои се бранат, но и за пред аудиториумот што се брои на милиони. Спортистите треба да ја вознесат магијата на игрите и да ја оправдаат божјата светлина на „арамијата“ Прометеј, олимпискиот оган што бдее над сите нив, над величествениот амбиент на арените, постигнувајќи резултати за помнење.
Не, нема да се заборават крвавите случувања во Украина, ниту масакрите во Газа иако е пожелно та дури и императивно тие да запрат. Ние како мисловни суштества постојано ќе си ја проколнуваме милитантната страна од нашето битие. Огнот украден од страна на Прометеј, кој ќе гори на централната париска арена, ќе згасне на крајот од манифестацијата. Но тој и понатаму ќе гори во областа Олимпија бидејќи е вечност. Тој постојано ќе потсетува на Херакле и првиот олимписки стадион изграден од негова страна по извршувањето на дванаесетте задачи што му биле поставени. Тој оган ќе биде најголемиот симбол на петте прстени во различни бои и белата заднина. Никој не посакува тој да згасне. Но желбата на разумот е веднаш да згасне и никогаш повеќе да не се запали огнот на милитантната сцена…
Љубомир Јованоски