Со ризик за поедноставувања, ќе наведам пет причини за поддршка на Украина, не од западни или од источни перспективи, туку од македонска перспектива
Јавноста со внимание го следи конфликтот во Украина, кој, како и секој конфликт, ја дели јавноста на страни што имаат симпатии за едната или за другата страна. Тие симпатии, за Евромајден или за Русија, често се засновани на општи симпатии за Западот или Истокот. Со ризик за поедноставувања, ќе наведам пет причини за поддршка на Украина, не од западни или од источни перспективи, туку од македонска перспектива. Петте причини се емотивни и интереси, и тоа: оспорувана, делена и владеана од туѓи земји; млада држава; 2001 година; трговија и нема територијални решенија за етнички прашања.
Оспорувана, делена и владеана од туѓи земји е опис во кој многумина тука ќе ја препознаат Македонија, но е опис што често се употребува за Украина. Украина со својата позиција меѓу Централна Европа на запад и Русија на исток, меѓу Балтичко Море на север и Црно Море на југ, е важна крстосница што ја поврзува Москва со Венеција и Дрезден, Хелсинки со Одеса. Историски, Украина е делена од посилните соседи Австро-Унгарија и Русија, Полска – Литванија и Отоманската Империја. И не само што била делена и владеана туку била и оспорувана. Словенските браќа и соседи на северозапад и исток, Полјаците и Русите, не ја признавале посебноста на Украинците, кои биле подложувани на полонизација или русификација, која се рефлектирала на јазично и на верско поле. Украина, доминантно православна, е поделена меѓу Украинската православна црква – Киевска патријаршија и Московската патријаршија, и украинските унијати. Украинската православна црква – Киевска патријаршија, заедно со Македонската православна црква, е на листата на непризнаени цркви. Со словенски браќа и соседи што те оспорувале и со непризнаена црква, како да се нема разбирање и поддршка за Украина?
Долга историја, а сепак млада држава, со предизвик за градење општествен договор, е исто така опис во кој многумина ќе ја препознаат Македонија, а се однесува на Украина. Македонија и Украина се врсници, тие стекнаа независност во 1991 година, се повикуваат на наследството на средновековни држави и своето будење го имаа на крајот на 19 и во почетокот на 20 век. Украина со својата независност се соочи со предизвикот на градење општествен договор во услови на јазична и верска разноличност. Како млада држава, со предизвик на градење општествен договор, Украина е послабата страна, и наспроти Западот и наспроти Истокот, кои сега ја експлоатираат украинската разноличност, со мотото „раздели и владеј“. На таа политичка слабост се надоврзуваат и економската и воената слабост. Како да се нема разбирање и поддршка за Украина, како млада држава, која е и послабата страна?
Во 2001 година, во тешка година за Македонија, Украина ја поддржа Македонија. Има погледи дека во таа година беа предизвикани територијалниот интегритет и унитарноста на Македонија, а Украина беше една од ретките, ако не и единствена земја што со вооружувањето на воените сили на Македонија овозможи нов однос на силите и завршување на конфликтот. Украина го правеше тоа и покрај притисокот од НАТО да престане да ја вооружува Македонија, та на крајот Кондолиза Рајс отпатува во Киев да го убедува претседателот Кучма. Има погледи и дека тоа не беше пријателство, туку само воено профитерство.
Македонија има длабок интерес да го поддржува ставот дека нема територијални решенија за етнички прашања, бидејќи самата не би сакала етничките, јазичните и верските прашања во Македонија да бидат решавани поинаку
Трговијата е прагматичниот интерес на Македонија, за разлика од емотивните причини наведени погоре. Некои во своите симпатии или барањето за неутралност кон Русија ја споменуваат трговијата како причина. Требало да нѐ води трговскиот интерес со Русија, која е 19. трговски партнер на Македонија, со трговска размена од околу 195 милиони долари во 2013 година, или 1,8 отсто од вкупната македонска надворешна трговија. А трговскиот интерес со Украина, со која имаме трговска размена во 2013-та од 115 милиони долари, или околу 1 отсто, главно во металургијата и прехраната, а во 2011 година од 253 милиони долари? Секако со умот дека повеќе од две третини од нашата надворешна трговија се со ЕУ-28.
Нема територијални решенија за етнички прашања, не е само став поврзан со Крим, туку е и принцип на Охридскиот рамковен договор. Поедноставено има два концепта за решавања на етничките прашања: територијален (сецесија) и нетериторијален. Војните во поранешна Југославија се резултат на барање територијални решенија за етничките прашања. И не само војните во Југославија. И доколку за етничките, јазичните и за верските прашања во Украина се бараат територијални решенија, тоа ќе биде погубно и за мирот и за луѓето на Украина. Македонија има длабок интерес да го поддржува ставот дека нема територијални решенија за етнички прашања, бидејќи самата не би сакала етничките, јазичните и верските прашања во Македонија да бидат решавани поинаку.
Македонија не само поради евроатлантското сојузништво туку и поради сопствената македонска перспектива треба да ја поддржи Украина.
(Коментарот е објавен првпат во „Нова Македонија“ на 20 март 2014 година. И по осум години нема промени и коментарот е актуелен, бидејќи вредностите и интересите се долгорочни!)
Авторот е аналитичар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Блог www.megjutoa.mk @sklek #Ukraine